Book of Common Prayer
Трпение при страдања
7 Имајте трпение, драги пријатели, додека чекате да се врати Господ. Погледнете како земјоделецот трпеливо чека скапоцениот плод на земјата да узрее за жетва, како трпеливо го чека пролетниот и есенскиот дожд[a]. 8 Бидете и вие трпеливи како него и охрабрете ги вашите срца: Господ брзо ќе дојде! 9 Немојте да негодувате еден против друг, во спротивно Бог ќе ви суди! Еве Го Судијата, веќе стои пред врата!
10 Драги мои, следете го примерот на пророците што зборуваа во името на Господ. Тие имаа трпение, дури и кога мораа да страдаат. 11 Оние што најмногу издржаа, најмногу и ги почитуваме. Сте слушнале какво трпение покажа Јов и знаете како Господ на крајот го благослови. Господ е полн со милост и сочувство[b].
12 Но пред се, драги пријатели, немојте да се колнете, ни во небото, ни во Земјата, ниту во што било друго. Доволно е да кажете само „да“ или „не“, за да не паднете под осуда.
За упорноста во молитвите
18 Потоа Исус им ја кажа следнава споредба, за да им покаже дека треба постојано да се молат и да не се обесхрабруваат.
2 „Во еден град имаше судија кој немаше ни страхопочит спрема Бог, ни срам од луѓето. 3 Во истиот град имаше и една вдовица, која честопати доаѓаше кај него и го молеше: ,Заштити ме од мојот противник!‘ 4 Судијата долго време не преземаше ништо, но најпосле си рече: ,Иако јас немам ни страхопочит спрема Бог, ни срам од луѓето, 5 сепак, заради упорноста на оваа жена ќе се заложам за неа, за да престане да доаѓа и да ми додева!‘“
6 Во продолжение, Господ рече: „Чувте ли што рекол неправедниот судија? 7 Зар нема и Бог да се заземе за Своите луѓе, кои Му се молат дење и ноќе!? Зар ќе задоцни со Својата помош? 8 Ве уверувам дека Тој брзо ќе се заземе за нив! Само, ќе најдам ли Јас, Синот Човечки, луѓе што ќе имаат вера кога ќе се вратам на Земјата?“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest