Book of Common Prayer
Што ќе посееме, тоа ќе ожнееме
6 Драги пријатели христијани, ако некој од вас заглиби во некаков грев, вие што сте подуховни треба да му помогнете да се извлече, но внимателно, чувајќи се и вие да не бидете завлечени. 2 Помагајте си еден со друг кога имате проблеми. На тој начин ќе го извршувате Христовиот закон. 3 Ако некој мисли дека е премногу важен за да им помага на другите, самиот се залажува[a]. Со тоа само покажува дека е никој и ништо.
4 Секој треба да си ги проценува сопствените постигања, без да се споредува со други луѓе. Ако некоја работа е добро извршена, тоа треба да биде за лично задоволство, а не за да се фали пред другите. 5 Зашто секој од нас е одговорен за сопственото поведение.
6 Оние што присуствуваат на поуки од Светото Писмо, нека ги делат[b] сите свои добра со учителот што ги поучува.
7 Не залажувајте се: никој не може да го измами Господ! Секој човек ќе си го жнее тоа што си го сее! 8 Тој што живее само за сопственото тело, ќе ожнее смрт, а кој живее за Духот, од Него ќе добие вечен живот. 9 Да бидеме неуморни во правење добро, зашто ако истраеме, ќе дојде време кога ќе го ожнееме посеаното. 10 Затоа, секогаш кога ќе ни се укаже можност, треба да им правиме добро на сите луѓе, а особено на оние што се наше семејство по вера, на христијаните.
Исус ги благословува децата
(Матеј 19:13-15; Марко 10:13-16) 15 Некои луѓе Му ги носеа на Исус своите дечиња, за да ги благослови, полагајќи раце врз нив. Кога Исусовите ученици го видоа тоа, почнаа да ги одвраќаат, 16 но Исус ги повика децата кај Себе и рече: „Пуштете ги децата да доаѓаат кај Мене и не спречувајте ги, зашто Божјото царство им припаѓа на таквите како нив! 17 Ве уверувам дека тие што нема да го прифатат Божјото царство како малите деца - нема да влезат во него!“
Богатството како пречка
(Матеј 19:13-15; Марко 10:17-31) 18 Еден од еврејските старешини Го праша Исуса: „Добар Учителе! Што треба да сторам за да се здобијам со вечен живот?“ 19 Исус му одговори: „Зошто Ме нарекуваш ,добар‘? Само Бог е добар и никој друг. 20 Заповедите ги знаеш: ,Не врши прељуба, не убивај, не кради, не обвинувај лажно, почитувај ги татка си и мајка си[a] ...‘“
21 Човекот одговори: „Спрема сите овие заповеди се придржувам уште од својата младост.“ 22 Слушајќи го ова, Исус му рече: „Ти недостасува уште само една работа: продај сe што имаш, раздели им ги парите на сиромасите, а ти ќе имаш богатства на небото. Потоа, дојди и биди Мој следбеник.“ 23 Кога го чу ова, човекот се разочара, зашто беше многу богат.
24 Забележувајќи дека човекот се разочара, Исус рече: „Колку е тешко богат човек да влезе во Божјото царство! 25 Полесно ќе се спровре камила низ иглени уши, отколку богат човек да влезе во Божјото царство!“
26 Тие што Го слушаа, Го запрашаа: „Тогаш, кој може да се спаси!?“ 27 Исус им одговори: „Тоа што не можат да го сторат луѓето, може да го стори Бог.“ 28 Тогаш Петар Му рече: „Ете, ние оставивме сe што имавме и станавме Твои следбеници!“ 29 Исус одговори: „Ве уверувам дека секој што оставил куќа, жена, браќа, родители или деца заради Божјото царство, 30 ќе добие многу повеќе, уште на овој свет, а и вечен живот на идниот свет!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest