Book of Common Prayer
Зауздување на јазикот
3 Драги пријатели, не треба сите да настојуваме да станеме учители во Црквата. Всушност, ние, учителите, ќе бидеме судени построго од другите луѓе. 2 Сите ние грешиме во многу работи, но ако умееме да си го зауздаме јазикот, тогаш сме зрели луѓе, па ќе можеме да го зауздаме и целото тело. 3 На коњите им ставаме узда во устата, за да ги натераме да ни се покоруваат и да одат онаму каде што ние сакаме. 4 Земете ги бродовите за пример. Тие се толку големи, а сепак кормиларот со мало кормило ги води онаму каде што сака, и покрај силните ветрови кои ги движат. 5 Така е и со јазикот. Мал орган е, но голема штета може да направи. Едно жарче може цела шума да запали!
6 Јазикот е оган, најопасен од сите наши органи. Во состојба е целото тело да го опогани. Јазикот може целиот наш живот да го запали, бидејќи се пали од самиот пекол. 7 Секое животно, било да е ѕвер, птица, влечуга или морско животно, се припитомува, или било припитомено од човекот, 8 но јазикот, ниеден човек не може да го припитоми. Тој е необуздано зло, полн е со смртоносен отров. 9 Со јазикот Го величаме нашиот Господ и Татко, а со истиот тој јазик ги колнеме луѓето коишто се создадени според Божјо подобие. 10 Од иста уста излегуваат и благослови и клетви. Треба ли, драги мои, така да биде!? 11 Може ли од ист извор да извира и слатка и горчлива вода? 12 Може ли, драги мои, смоквата да раѓа маслинки, а лозата смокви? Од солен извор не може да се црпи слатка вода!
За простувањето и за верата
(Матеј 18:6-7; 21-22; Марко 9:42) 17 Еден ден, Исус им се обрати на Своите ученици: „Искушенија што наведуваат на грев секогаш ќе има, но тешко на оној преку кого доаѓаат! 2 Подобро би било да му врзат воденички камен околу вратот и да го фрлат в море, отколку да наведе на грев некое малечко. 3 Внимавајте на себе! Ако ти згреши братот, укори го, па ако се покае - прости му. 4 Дури и седумпати на ден ако ти згреши и секојпат дојде кај тебе и ти рече: ,Се каам‘ - прости му.“
5 Апостолите Го замолија Господ Исус: „Зголеми ја верата во нас!“ 6 А Исус им одговори: „Ако имате вистинска вера само колку едно синапово зрно, би можеле да и кажете на оваа црница: ,Искорни се и пресади се в море!‘ - и таа ќе ве послуша!“
Должноста на еден слуга
7 „Замислете си дека имате слуга кој сте го пратиле да ора или да ви ги пасе овците. Кога ќе се врати од полето, дали најпрво му велите: ,Седни и бргу вечерај!?‘ 8 Нема ли најпрво да му заповедате да подготви вечера за вас, да се препаше и да ве служи, па дури потоа тој да јаде и да пие? 9 Зар му должите благодарност на слугата што ја извршил вашата заповед? 10 И вие сте во слична положба: ако го извршите сето она што ви е заповедано, можете само да кажете: ,Ние сме само слуги кои си ја вршат својата должност, свесни дека за тоа не ни следува никаква пофалба.‘“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest