Book of Common Prayer
27 Сите заедно, вие сте Христово тело, а секој поединец е посебен орган во тоа тело. 28 Во Христовото тело, односно во Црквата, Бог поставил:
прво апостоли,
второ пророци,
трето учители,
по нив се оние што прават чуда,
па оние што имаат дарба да исцелуваат,
па оние што им помагаат на другите,
па оние што умеат да управуваат
и оние што зборуваат разни јазици.
29 Зар треба сите да бидат апостоли? Треба ли сите да бидат пророци? Зар треба сите да бидат учители? Може ли сите да прават чуда? 30 Може ли сите да имаат дарба да исцелуваат? Треба ли сите да зборуваат на разни јазици? Може ли секој да преведува од друг јазик? Се разбира, не! 31 Стремете се кон поголеми дарби!
А јас ќе ви покажам што е неспоредливо подобро од која и да е дарба!
Славопој за љубовта
13 И да умеам да зборувам на сите можни јазици,
човечки и ангелски,
а немам љубов,
јас би бил како гонг што одѕвонува,
како цимбал што ѕвечи.
2 И да имам дарба да пророкувам,
да ги знам сите тајни,
да го имам собрано целото знаење,
да имам вера што може планини да преместува,
а немам љубов -
не вредам ништо!
3 И да раздадам на сиромаси се што имам,
па и сопственото тело да си го жртвувам[a],
а немам љубов -
ништо не сум постигнал!
4 Да имаш љубов, значи:
да имаш голема стрпливост и
да бидеш љубезен.
Да не си завидлив,
да не се фалиш, да не се вообразуваш.
5 Да не бидеш груб, да не бидеш себичен,
да не бидеш избувлив, да не паметиш зло.
6 Да не се радуваш на ниедна неправда,
а да се радуваш на вистината.
7 Секогаш да имаш разбирање за другите,
секогаш да веруваш,
секогаш да се надеваш и се да поднесуваш.
8 Љубовта е вечна,
а пророкувањата ќе престанат,
зборувањето на непознати јазици ќе молкне,
сегашното знаење ќе се надмине.
9 Зашто, нашето знаење е нецелосно,
па и пророштвата само малку ни откриваат;
10 а кога ќе дојде времето на совршенството,
се што е нецелосно ќе исчезне.
11 Кога бев дете, зборував како дете,
размислував како дете и расудував како дете.
Кога станав зрел човек,
престанав да се однесувам како дете.
12 Ние сега гледаме нејасно,
како во замаглено огледало,
а тогаш ќе бидеме лице в лице со Бог,
и се ќе ни стане јасно.
Се што знам сега е нецелосно,
а тогаш се ќе знам совршено,
како што мене Бог совршено ме познава.
13 Има три работи што ќе опстојат:
верата, надежта и љубовта;
а од сите нив, најголема е љубовта.
Принцип на неограничено простување
21 Тогаш Петар Му пристапи на Исус и Го праша: „Ако еден од моите браќа повеќепати ми згреши, колкупати треба да му простувам? Седум пати ли?“
22 А Исус му одговори: „Не седумпати, туку седумдесет пати по седум!
23 Ќе ви објаснам преку една споредба. Небесното царство може да се спореди со цар којшто решил да си ги расчисти сметките со своите слуги на кои им позајмил од своите пари. 24 Кога почна да проверува, му доведоа еден што му должеше десет илјади таланти[a]. 25 Бидејќи слугата не можеше да си го плати долгот, господарот нареди да биде продаден како роб заедно со жената и децата и со се што поседуваа, па така да си го наплати долгот. 26 Тогаш слугата падна ничкум пред царот и почна да го моли: „Стрпи се со мене и ќе ти го исплатам целиот долг!“ 27 На царот му падна жал и го пушти, отпишувајќи му го долгот.
28 Но кога овој слуга излезе, сретна еден од своите другари кој му должеше сто денарии[b], па го фати за гуша и почна да го дави, викајќи му: „Врати ми го долгот!“ 29 Тогаш неговиот другар клекна и почна да го моли: „Стрпи се со мене и ќе ти го исплатам целиот долг!“ 30 Но овој не сакаше, туку го фрли в затвор додека не му го врати долгот. 31 Кога другите слуги видоа што се случи, многу се огорчија, па отидоа кај царот и му го кажаа сето ова. 32 Тогаш царот го повика оној слуга и му рече: „Колку си лош! Кога ти ме молеше, јас ти го простив целиот долг. 33 Не требаше ли да му се смилуваш на твојот другар како што јас ти се смилував!?“ 34 Царот беше толку лут, што го фрли овој слуга в затвор, додека не му го врати целиот долг. 35 Така ќе постапи со вас и Мојот небесен Татко, доколку од срце не си простувате едни на други.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest