M’Cheyne Bible Reading Plan
21 Подоцна Исус уште еднаш им се појави на Своите ученици, покрај Тибериското Езеро. Тоа се случи вака: 2 Се беа собрале Симон Петар, Близнакот[a] Тома, Натанаел од Галилејска Кана, синовите на Завдај и други двајца од Исусовите ученици. 3 Симон Петар им рече: „Одам на риболов!“ „И ние ќе дојдеме со тебе!“ - му рекоа тие, и сите заедно тргнаа со бротчето. Но цела ноќ не уловија ништо.
4 В зори, Го видоа Исуса на брегот, но не Го познаа.
5 Тој им довикна: „Деца, имате ли некоја риба?“ „Немаме“ - му одговорија тие.
6 Тој им рече: „Фрлете ја мрежата од десната страна на бротчето и ќе уловите.“ Тие ја фрлија и не можеа да ја извлечат од големиот број риби што ги уловија.
7 Тогаш, ученикот што му беше љубимец на Исус, му рече на Петар: „Тоа е нашиот Господ!“ Штом слушна дека тоа е Господ, Симон Петар се препаша со наметката што претходно ја беше соблекол, па скокна во езерото и почна да плива кон брегот. 8 Останатите ученици со бротчето беа на околу деведесет метри од брегот и набргу пристигнаа, влечејќи ја мрежата со рибите. 9 Кога излегоа на копното, видоа леб и риба, ставена на разгорен јаглен.
10 Исус им рече: „Донесете од рибите што пред малку ги уловивте!“
11 Симон Петар се качи на бротчето и ја извлече мрежата на брегот. Во неа имаше сто педесет и три големи риби. Иако беше полна со големи риби, мрежата сепак не се скина. 12 „Дојдете, јадете!“ - им рече Исус. А никој од учениците не се осмели да Го праша: „Дали си навистина Ти, Господе?“, зашто знаеја дека Тој е нивниот Господ. 13 Исус зеде од лебот и им раздаде, а истото го направи и со рибите. 14 Ова беше веќе третпат како Исус им се појави на Своите ученици откако воскресна од мртвите.
Дијалог меѓу Исус и Петар
15 Кога се најадоа, Исус му рече на Симон Петар: „Симоне, сине Јованов, Ме љубиш ли повеќе од овие?“ „Да, Господе“, - Му одговори тој - „Ти знаеш дека Те сакам.“ Исус му рече: „Тогаш, храни ги Моите јагниња!“ 16 И вторпат го праша: „Симоне, сине Јованов, Ме љубиш ли?“ „Да, Господе“, - Му одговори Петар - „Ти знаеш дека Те сакам.“ „Тогаш, грижи се за Моите овци“ - му рече Исус.
17 Исус и третпат проговори и овојпат го праша: „Симоне, сине Јованов, Ме сакаш ли?“ Петар се нажали што Исус третиот пат го праша: „Ме сакаш ли?“, па Му рече: „Господе, Ти знаеш се, Ти знаеш дека Те сакам!“ „Тогаш храни ги Моите овци!“ - му рече Исус. 18 „Додека си млад, сам се препашуваш и одиш каде што сакаш. Но, те уверувам дека, кога ќе остариш, ќе ги пружиш рацете и други ќе те препашат[b] и ќе те одведат таму каде што не сакаш.“ 19 Исус го рече ова за да посочи со каква смрт[c] Петар ќе Го прослави Бога. Потоа, Исус му рече на Петар: „Дојди со Мене!“
Исус и преостанатите ученици
20 Петар се сврте и виде дека ги следи ученикот што му беше љубимец на Исус. Тоа беше истиот оној ученик, кој за време на вечерата се беше навалил на Исусовите гради и Го беше прашал: „Господе, кој е тој што ќе Те предаде?“ 21 Кога Петар го виде тој ученик, му рече на Исус: „Господе, што ќе стане со овој човек?“
22 Исус му одговори: „Ако сакам тој да остане жив додека Јас да се вратам, што ти е тебе грижа? Ти дојди со Мене!“ 23 Затоа се рашири глас меѓу Христовите следбеници[d], дека тој ученик нема да умре. Но Исус не рече дека нема да умре, туку: „Ако сакам тој да остане жив додека Јас да се вратам, што ти е тебе грижа[e]?“
Заклучок
24 Овој ученик[f] е тој што го виде и го напиша ова. Ние знаеме дека тој ја кажа вистината.
25 Исус направи уште многу други работи, но кога сите Негови дела би се запишале во книги, ми се чини дека ни во целиот свет не би ги собрало.
Писмо од апостол Павле
до христијаните во
Колос
Авторство и поздрави
1 Од Павле, избран од Бог да Му биде апостол на Исус Христос, и од нашиот брат по вера Тимотеј,
2 до христијаните во градот Колос, до нашите пријатели, верни следбеници на Христос.
Бог, нашиот Татко, нека ви биде благонаклонет и нека ви даде мир.
Благодарностна и застапничка молитва
3 Секогаш кога се молиме за вас, Му благодариме на Бог, Таткото на нашиот Господ Исус Христос, 4 зашто слушнавме за вашата вера во Исус Христос, и за љубовта што ја имате спрема сите Божји луѓе. 5 Вашата вера и љубов се засновани врз надежта што ја имате за она што е подготвено за вас на небото. За тоа слушнавте од вистинитата порака - од Радосната вест. 6 Таа се проповеда по целиот свет и се шири со голем успех, давајќи плодови како и кај вас, од првиот ден кога ја слушнавте вистината и дознавте колку Бог ни е благонаклонет.
7 Радосната вест ја слушнавте од Епафрас, нашиот драг соработник, човек што верно Му служи на Христос и работи за вас[a]. 8 Тој ни раскажа за вашата голема христијанска љубов што ви ја дал Светиот Дух.
9 Затоа, уште од првиот ден кога слушнавме, не престануваме да се молиме за вас и да бараме од Бог да ви ја открие Неговата волја за вашите животи. Се молиме да ве исполни со секаква мудрост и разбирање на духовните вистини. 10 Така ќе можете да живеете за Господ онака како што прилега и во секој поглед да Му бидете по волја. Секоја добра работа за која ќе се зафатите ќе носи плод и се подобро ќе Го запознавате Бог.
11 Се молиме да добивате сила од Божјата огромна и величествена моќ, за да можете со радост да истрпите и издржите се што ќе ве снајде 12 и да Му оддавате благодарност на небесниот Татко, Кој ви овозможи и вие, заедно со Божјиот свет народ, да добиете дел од наследството во Царството на светлината. 13 Тој не извлече од власта на царството на темнината и не пренесе во Царството на Неговиот сакан Син, 14 Кој ни ја откупи слободата и ни ги прости гревовите.
Христос е над с
е 15 Христос е видлива слика на невидливиот Бог.
Тој постоеше уште кога Бог ништо не беше создал.
16 Преку Христос Бог ги создаде сите нешта
и на небото и на Земјата:
тоа што се гледа и тоа што не се гледа,
сите престоли и власти,
сите владетели и властодршци,
се беше создадено преку Него и за Него.
17 Тој постои пред се и ги одржува сите нешта.
18 Христос е глава на Црквата, која е Негово тело.
Тој е Почетокот, прв[b] што воскресна од мртвите,
19 зашто Бог одбра во Него
во целост да се всели Божјата природа
20 и преку Него да ги помири со Себе сите,
било да се на Земјата, или на небото,
воспоставувајќи мир преку Својата крв, пролеана на крстот.
21 Тоа ве вклучува и вас што порано бевте отуѓени од Бог и Му бевте непријатели, и во мислите и на дело. 22 Сега, преку телесната смрт на Неговиот Син, Тој ве помири со Себе. Затоа Христос ќе ве претстави пред Бог како свети, непорочни и беспрекорни. 23 Се разбира, ако докрај продолжите да верувате цврсто и непоколебливо, и не отстапите од надежта што ја дава Радосната вест што ја чувте. Јас, Павле, добив задача од Бог да им ја проповедам таа Радосна вест на сите луѓе под небесниот свод.
Павловата служба: проповедање на Радосната вест
24 Страдам, но се радувам, затоа што знам дека вие од тоа ќе имате корист. Мило ми е што со моето телесно страдање и јас придонесувам кон страдањата на Исус за Црквата, која е Негово тело. 25 Бог ми даде задолжение да и служам на Црквата и ме испрати кај вас да ви ја проповедам Неговата порака, во сета нејзина полнота. 26 Со векови оваа порака беше тајна за луѓето, а сега таа им е објаснета на Неговите свети луѓе. 27 Бог го стори ова бидејќи сакаше вие што не сте Евреи да ја разберете таа прекрасна, величествена тајна: дека Христос живее во вас и заради тоа вие со право се надевате дека ќе имате свој удел во Божјата слава.
28 Ние токму за Христос проповедаме и ја употребуваме сета наша мудрост, за да ги предупредиме и поучиме сите луѓе, па сите да станат зрели Христови следбеници. 29 Затоа јас толку напорно работам, користејќи ја силата што Тој ми ја дава.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest