M’Cheyne Bible Reading Plan
Празниот гроб: Исус воскреснува!
(Матеј 28:1-8; Марко 16:1-8; Лука 24:1-12) 20 Во неделата[a], уште во рани мугри, додека се уште беше темно, Марија Магдалена дојде на гробот и го виде каменот[b] иставен од отворот на гробницата. 2 Таа со трчање отиде кај Симон Петар и кај другиот ученик, кој му беше љубимец на Исус, па им рече: „Го зеле телото на Господ од гробницата, а не знаеме каде Го преместиле“[c]
3 Тогаш Петар и другиот ученик излегоа и се упатија кон гробот. 4 Обајцата трчаа, но другиот ученик истрча побрзо од Петар и прв втаса до гробот. 5 Тој се наведна и го виде платното како лежи таму, но не влезе внатре. 6 Кога стигна и Симон Петар, влезе во гробот, па го виде платното како лежи таму, 7 како и погребната шамија која беше употребена за завиткување на Исусовата глава. Шамијата не беше заедно со платното, туку беше одвоено свиткана на едно место. 8 Тогаш влезе и другиот ученик, кој прв дојде до гробот, па виде и поверува; 9 (зашто тие тогаш не знаеја дека, според Светото Писмо, Исус ќе воскресне од мртвите).
10 Потоа учениците се вратија дома.
Исус се појавува пред Марија Магдалена
(Матеј 28:9-10; Марко 16:9-11) 11 Марија Магдалена стоеше надвор до гробницата плачејќи. Додека така плачеше, таа се наведна над влезот на гробницата 12 и виде двајца ангели во бело како седат на местото каде што било Исусовото тело: едниот кај главата, а другиот кај нозете.
13 Ангелите ја прашаа Марија: „Зошто плачеш?“
„Го зеле телото на мојот Господ и не знам каде Го преместиле!“ - им рече таа 14 Штом го рече тоа, таа се сврте и Го виде Исуса како стои таму, но не Го позна.
15 Исус и рече: „Зошто плачеш? Кого бараш?“ Мислејќи дека тоа е градинарот, Марија Му рече:
„Господине, ако си Го зел телото ти, кажи ми каде си го преместил и јас ќе го земам.“
16 Исус и рече: „Мирјам[d]!“ Таа се сврте и Му одговори на хебрејски: „Рабани!“ (Во превод значи: ,Учителе‘.)
17 Исус и рече: „Не држи се за мене, зашто се уште не Сум се вратил кај небесниот Татко. Оди кај Моите ученици[e] и кажи им дека Јас се враќам кај Мојот Татко и Бог, Кој е и ваш Татко и Бог.“
18 Тогаш Марија Магдалена отиде и им јави на Исусовите ученици: „Го видов Господ!“ Потоа таа им го пренесе она што Исус и го кажа.
19 Во истиот тој ден, а беше недела[f], кога се стемни, Исусовите ученици се беа собрале зад затворени врати, поради страв од еврејските верски водачи. Тогаш Исус ненадејно се појави, застана на средина и ги успокои со поздрав[g]. 20 Потоа им ги покажа рацете и ребрата отстрана. Кога видоа дека тоа е Господ, учениците многу се израдуваа.
21 Исус повторно ги успокои, пренесувајќи им Го својот мир, а потоа им рече: „Како што Мене Ме прати небесниот Татко, така сега Јас ве праќам вас.“ 22 Откако го рече тоа, Тој им вдахна од Својот Дух, велејќи: „Примете Го Светиот Дух!
23 Ако на луѓето им ги простите гревовите - ќе им бидат простени, а ако не им ги простите - ќе им останат.“
Исус и скептичниот Тома
24 Иако Тома (со грчки прекар Дидимус[h]) беше еден од дванаесетте Христови ученици, тој не беше со нив кога Исус им се појави. 25 Другите ученици го уверуваа: „Го видовме Господ!“ Но тој им велеше: „Додека на Неговите раце не ги видам лузните од клиновите и не ги ставам прстите во раните од клиновите, а раката под Неговите ребра - нема да поверувам!“
26 По осум дена, учениците повторно беа собрани внатре, а овојпат и Тома беше со нив. Иако вратата беше заклучена, Исус дојде, застана насреде и ги успокои со поздрав[i]! 27 Потоа му рече на Тома: „Стави ги своите прсти овде и погледни ги Моите раце; испружи ја раката и стави ја на лузната под Моите ребра. И престани да се сомневаш, туку верувај!“
28 Тогаш Тома Му се обрати со зборовите: „Ти Си мојот Господ и мојот Бог!“
29 А Исус му рече: „Ти поверува затоа што Ме виде; благословени се оние што веруваат, иако не Ме виделе!“
30 Исус пред Своите ученици направи уште многу други чуда кои не се запишани во оваа книга. 31 А овие се запишани за да поверувате дека Исус е Месијата, Божјиот Син, и преку вера во Него[j] да имате вистински живот.
4 Затоа, мои мили и многу сакани пријатели христијани, по кои толку копнеам, радост моја, гордост моја, останете Му непоколебливо верни на Господ!
Совети и поттик
2 Еводија и Синтихија, ве молам обидете се да се усогласите во работата за Господ. 3 Те молам и тебе, мој верен соработнику[a], помогни им. Тие многу работеа со мене на ширењето на Радосната вест, заедно со Климент и со многу други мои соработници чии имиња се запишани во Божјата книга на живите.
4 Радувајте му се на вашето заедништво со Господ, постојано радувајте се!
5 Бидете внимателни спрема сите, луѓето по тоа да ве знаат. Господ брзо ќе дојде. 6 Немојте да се јадосувате за ништо, туку во сите ваши молитви барајте го од Бог она што ви е потребно и бидете благодарни за она што го добивате. 7 Ако правите така, тогаш Божјиот мир, кој е далеку над она што човек може да го разбере, ќе ги чува вашите срца и умови, поради вашата припадност на Исус Христос.
8 За крај, мои драги пријатели христијани, стремете се кон она што е вистинито, чесно и праведно; она што е невино, љубезно, на добар глас, вредно и ценето. 9 Применете го во практика она што го научивте и добивте од мене, било слушајќи ме што зборувам, било гледајќи ме како постапувам, па Бог, Кој е извор на мир, ќе биде со вас.
Благодарност за грижата и помошта
10 Господ ми даде голема радост што по толку долго време вие пак имавте можност да покажете дека се грижите за мене. Не дека престанавте да се грижите за мене, туку немавте можност да го покажете тоа. 11 Не го кажувам ова затоа што бев во беда. Се научив да бидам задоволен со тоа што го имам. 12 Знам како да живеам и во сиромаштија и во изобилие. Ја научив таа тајна, па сега секогаш и секаде сум задоволен, без разлика дали сум сит или гладен, дали имам многу или малку. 13 Со силата што Христос ми ја дава можам да издржам секакви услови.
14 Сепак, добро сте сториле што сте ми испратиле помош сега, кога ми е тешко. 15 Вие во Филипи, добро знаете дека кога заминав од Македонија, во раните денови на проповедањето на Радосната вест, вие бевте единствената црква што ми помагаше, единствените што го делеа со мене и доброто и злото. 16 Кога бев во Солун, не еднаш ми испраќавте помош, кога таа ми беше потребна. 17 Не барам јас подароци. Само сакам вие да добиете заслужена награда заради вашата грижа.
18 Сега, откако Епафродит ми ги предаде даровите што сте ми ги испратиле, имам се што ми треба, дури и повеќе. Тие се како принос за Бог со прекрасна миризба, жртва прифатлива и пријатна за Него. 19 Со сето Негово огромно богатство, преку Исус Христос, мојот Бог изобилно ќе ја задоволи секоја ваша потреба. 20 На нашиот Бог и Татко слава нека Му е довека! Амин.
Завршни поздрави
21 Поздравете ги сите што искрено веруваат во Исус Христос. Тие се свети луѓе. Ве поздравуваат и браќата што се со мене. 22 Ве поздравуваат сите христијани, а посебно оние што работат во дворецот на императорот.
23 Господ Исус Христос нека ви биде благонаклонет и нека биде со вас[b].
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest