M’Cheyne Bible Reading Plan
Односот спрема жената фатена во прељуба
8 Потоа Исус отиде на Маслиновата Гора. 2 Следното утро, Тој повторно дојде во храмот. Сиот народ доаѓаше кај Него, а Тој, седејќи, ги поучуваше. 3 Вероучителите и фарисеите доведоа една жена што беше фатена во прељуба, па откако ја поставија насреде, 4 Му рекоа: „Учителе, оваа жена е фатена на дело како врши прељуба. 5 Во нашиот Закон Мојсеј заповедал таквите жени да бидат каменувани[a]. Што велиш Ти?“ 6 Тие Му го рекоа ова на Исус за да видат што ќе стори, надевајќи се дека ќе има за што да Го обвинат. Исус се наведна и почна со прстот да пишува по земјата. 7 Но бидејќи тие упорно Го прашуваа, Тој се исправи и им рече: „Тој што меѓу сите вас е без грев, прв нека фрли камен на неа!“ 8 Потоа повторно се наведна и продолжи да пишува по земјата.
9 Кога обвинителите го слушнаа тоа, еден по еден почнаа да си заминуваат, на чело со старешините, се додека не останаа само Исус и жената, која стоеше на средината. 10 Исус се исправи и ја праша: „Жено, каде се луѓето што те обвинуваа? Никој ли не те осуди?“
11 „Никој, Господине!“ - Му одговори таа. „Тогаш ни Јас не те осудувам; оди си и отсега не греши“ - и рече Исус.
Исус
- Светлина на светот 12 Подоцна, Исус повторно им зборуваше на фарисеите: „Јас сум Светлината на светот! Секој што ќе биде Мој следбеник ќе ја има животодавната Светлина и никогаш нема да талка во темнина!“
13 Тогаш фарисеите Му рекоа: „Еве, сега Самиот сведочиш за Себе! Значи, Твоето сведоштво не е веродостојно!“
14 Исус им одговори: „И да сведочам Сам за Себе, тоа што го кажувам е веродостојно, затоа што Јас знам од каде дојдов и каде заминувам. А вие не знаете ниту од каде доаѓам, ниту каде заминувам. 15 Вие судите според човечки мерила, а Јас никого не судам. 16 А, и ако судам, Мојот суд е справедлив, бидејќи тоа не го правам Сам, туку заедно со Таткото што Ме испрати. 17 Во вашиот Закон стои запишано дека сведоштвото од двајца[b] се смета за веродостојно. 18 Јас сведочам за Себе и Мојот Татко што Ме испрати сведочи за Мене.“
19 Тогаш тие Го прашаа: „Каде е Твојот Татко?“ Исус им одговори: „Ниту Мене Ме познавате, ниту Мојот Татко Го познавате! Кога би Ме знаеле Мене, би Го знаеле и Мојот Татко!“ 20 Овие зборови Тој ги кажа кај ризницата[c], додека поучуваше во храмот и никој не Го уапси, зашто се уште не беше дошол Неговиот час.
Кој е и што е Исус?
21 Потоа Исус повторно им се обрати и им рече: „Јас си заминувам, а вие ќе Ме барате, но ќе умрете со непростени гревови! Вие не можете да дојдете таму каде што Јас заминувам!“
22 Еврејските верски водачи си велеа: „Да не изврши самоубиство, штом вели: ,Вие не можете да дојдете таму каде што Јас заминувам!‘?“
23 Исус им рече: „Вие му припаѓате на овој свет долу, а Јас доаѓам од горе. Вие сте од овој свет, а Јас не сум од овој свет. 24 Затоа ви реков дека ќе умрете со непростени гревови. Ако не поверувате дека Јас Сум Тој што Сум - ќе умрете со непростени гревови!
25 „Кој си Ти?“ - Го прашаа тие. Исус им одговори: „Што ви кажував од почетокот[d]? 26 Имам многу работи за вас да зборувам и за многу нешта да ве судам, но нема да го сторам тоа. Оној што Ме испрати е вистинит и Јас го зборувам само она што сум го чул од Него.“
27 Тие не сфатија дека им зборува за небесниот Татко. 28 Исус продолжи: „Кога ќе Го подигнете[e] Синот Човечки, тогаш ќе дознаете дека Јас Сум Тој што Сум и дека Сам од Себе ништо не правам, туку ги зборувам овие работи онака како што Ме упати Таткото. 29 Тој што Ме испрати е со Мене. Тој не Ме остава Сам, затоа што Јас секогаш постапувам онака како што Тој сака да постапувам.“ 30 Додека го зборуваше ова, многумина поверуваа во Него.
Вистина што ослободува
31 Тогаш Исус им се обрати на Евреите кои поверуваа во Него: „Вие ќе бидете Мои вистински ученици, ако се придржувате до Моето учење. 32 Тогаш ќе ја запознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи.“
33 Тие Му одговорија: „Ние сме потомци на Авраам и никогаш никому не сме му робувале; што сакаш да кажеш кога велиш дека ќе бидеме слободни!?“
34 Исус им одговори: „Ве уверувам дека секој што греши му робува на гревот. 35 А робот не останува трајно во семејството. Синот е трајно член на семејството. 36 Ако Синот ве ослободи, ќе бидете навистина слободни! 37 Знам дека сте потомци на Авраам, но сакате да Ме убиете, затоа што не сакате да го прифатите Моето учење. 38 Јас го кажувам она што сум го видел кај Таткото. Вие постапувате онака како што ве научил вашиот татко!“
39 „Нашиот татко е Авраам!“ - Му одговорија тие. Исус им рече: „Да бевте Авраамови деца[f], ќе постапувавте онака како што постапуваше Авраам. 40 Но вие сега сакате да Ме убиете, Мене, Човекот што ви ја зборува вистината што ја чул од Бога. Авраам не правеше така! 41 Вие го правите она што го прави и вашиот татко!“ „Ние не сме вонбрачни деца!“ - Му одговорија тие - „Еден Татко имаме, а тоа е Бог!“
42 Исус им рече: „Ако Бог беше ваш Татко, вие ќе Ме сакавте, зашто Јас дојдов од Бог и сега сум овде. Не дојдов само по Своја одлука, туку Тој Ме испрати. 43 Зошто не разбирате што ви зборувам? - Затоа што не можете да ја поднесете Мојата порака! 44 Вашиот татко е Ѓаволот, и вие со задоволство ги извршувате неговите желби. Тој беше човекоубиец од почетокот и никогаш не бил на страната на вистината, зашто во него нема вистина. Кога лаже, тоа произлегува од неговиот карактер, зашто тој е лажго и татко на лагата. 45 А мене не Ми верувате, зашто Јас ја кажувам вистината. 46 Кој од вас може да Ме обвини за грев? Ако, пак, ја зборувам вистината, тогаш зошто не Ми верувате? 47 Оној што е од Бога, ги слуша Божјите зборови, а вие не сте од Бога и затоа не сакате да слушате.“
Вечното потекло на Исус
48 Еврејските верски водачи Му рекоа на Исуса: „Зар не сме во право кога велиме дека Ти си Самарјанец[g] и дека си обземен од демон!?“
49 Исус им одговори: „Јас немам демон во Себе, зашто Го почитувам Мојот небесен Татко, а вие Ме срамотите. 50 Иако, Јас не барам слава за Себе, Бог бара да Ме почитувате и Тој ќе суди за тоа. 51 Ве уверувам дека тој што се држи до Моето учење, никогаш нема да умре!“
52 Еврејските верски водачи Му рекоа: „Сега сме уверени дека си обземен од демон! Авраам умре и пророците умреа, а Ти велиш: ,Тој што се држи до Моето учење, никогаш нема да умре!‘ 53 Зар си Ти поголем од нашиот татко Авраам, кој сепак умре!? А и пророците умреа. Што се замислуваш Ти!?“
54 Исус им одговори: „Ако Јас самиот си придавам чест, Мојата слава е ништожна. Мојот Татко е Тој што Ме прославува - Оној, за Кого вие велите дека е ваш Бог, 55 а никогаш не сте Го познавале. Јас, пак, Го знам. Кога би рекол дека не Го знам, би бил лажливец како вас. Но Јас Го знам и го извршувам тоа што Тој ќе го каже. 56 Вашиот прататко Авраам се радуваше во очекувањето да го види денот на Моето доаѓање; тој го виде и беше пресреќен.“
57 „Како си можел да го видиш Авраам[h], кога немаш ни педесет години!?“ - Му рекоа еврејските верски водачи.
58 Исус им одговори: „Ве уверувам дека уште пред да се роди Авраам, ЈАС СУМ[i]!“ 59 Тогаш тие зедоа камења за да фрлаат по Него, но Исус се скри и го напушти храмот.
4 Но, се додека наследникот е малолетен не се разликува многу од роб, иако тој е сопственик на се. 2 Старатели го чуваат и застапници ги водат работите во негово име, се додека не дојде времето што го определил неговиот татко.
3 Така е и со нас. Додека бевме духовно малолетни, им бевме потчинети на световните сили. 4 Кога дојде определеното време, Бог Го прати Својот Син. Тој се роди од жена и живееше под Законот. 5 Бог го испрати Христос за да не ослободи од Законот и, преку посвојување, да не направи Божји деца.
6 За да ви докаже дека и вие, неевреите, станавте Негови деца, Бог Го испрати во нашите срца Духот на Својот Син. Духот ви дава слобода да Му се обраќате на Бог со: „Аба[a]“, односно со „Татко“. 7 Така, сега не сте веќе робови, туку Божји деца, а штом сте Божји деца, вие ќе наследите се што е Божјо.
Апостол Павле е загрижен за Галатите
8 Порано, не познавајќи Го Бог, вие им робувавте на „богови“ кои по својата природа не се богови. 9 Сега Го познавате Бог, или поточно, Бог, познавајќи ве вас, ве одбра да Го запознаете. Како тогаш можете пак да им се враќате на тие слаби и бедни световни сили!? Зошто сакате повторно да станете нивни робови? 10 Почнавте да славите одредени денови, месеци, годишни времиња и години. 11 Страхувам за вас! Се плашам дека попусто се трудев околу вас. 12 Драги пријатели христијани, ве молам, бидете како мене - ослободени од тие работи, како што и јас станав како вас, неевреите - ослободен од Мојсеевиот Закон.
Кога бев кај вас вие со ништо не ме повредивте. 13 Се сеќавате дека бев болен кога првпат ви ја проповедав Радосната вест. 14 Иако мојата телесна слабост можеше да биде големо соблазнување за вас, вие не ме презревте, ниту пак одбивте да ме слушате, туку ме примивте како да сум Божји ангел, како да сум Самиот Исус Христос. 15 Каде е сега вашето воодушевување? Тогаш да можевте и сопствените очи ќе си ги ископавте и ќе ми ги дадевте! 16 Зарем ви станав непријател затоа што ви ја кажувам вистината?
17 Тие лажни учители ве опсипуваат со внимание, но нивните побуди не се добронамерни! Сакаат да ве одвојат од мене и да ве придобијат за себе. 18 Треба постојано да бидете ревносни за доброто, а не само додека сум јас кај вас. 19 Деца мои, повторно минувам низ породилни болки заради вас, и тоа ќе трае се додека да се создаде Христова природа во вас. 20 Колку би сакал токму сега да сум со вас и да ви се обратам со поинаков тон, зашто вашата состојба навистина ме збунува!
Двата сина на Авраам
21 Слушнете ме сега вие што сакате да се придржувате кон Мојсеевиот Закон: Знаете ли што, всушност, кажува тој Закон? 22 Во Светото Писмо пишува дека Авраам имаше два сина: еден од робинка и еден од слободна жена[b]. 23 Синот од робинката беше роден во обид човекот да ги оствари Божјите ветувања, а синот од слободната жена се роди така што Бог го исполни Своето ветување.
24 Се работи за алегорија. Овие две жени преку кои се родија Исмаил и Исак претставуваат два завета. Првиот, претставен преку Агара, е Законот даден на планината Синај, кој ги поробува луѓето. 25 Агара ја претставува планината Синај во Арабија и ја прикажува сегашната состојба на Ерусалим, односно на сиот народ[c], кој духовно робува.
26 Сара го претставува небесниот Ерусалим. Таа не беше робинка, туку слободна. Таа е нашата мајка. 27 Светото Писмо за неа вели:
„Радувај се жено неротко,
ти што деца не си раѓала,
излези и викај од радост
ти што не си видела породилни маки,
зашто повеќе деца ќе има неротката,
од жената што има маж[d].“
28 Вие, драги христијани, исто како и Исак, сте деца родени по ветување. 29 Во тоа време детето родено од робинката го прогонуваше детето што беше родено по ветување. Така е и сега: телесните луѓе не прогонуваат нас, родените од Светиот Дух. 30 Но, еве што вели Светото Писмо: „Избркај ги робинката и нејзиниот син! Синот на робинката нема да биде сонаследник со синот на слободната. Синот на слободната жена ќе добие се[e].“ 31 Значи, драги христијани, ние не сме деца на робинката, туку на слободната жена.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest