M’Cheyne Bible Reading Plan
Исус е Лозата, ние сме прачките
15 Исус им рече на Своите ученици: „Јас сум вистинската Лоза[a], а Мојот небесен Татко е Лозарот. 2 Секоја прачка на Мене, која не раѓа плод, Тој ја отсечува. А секоја прачка што раѓа плод, Тој ја чисти[b], за да дава уште повеќе род. 3 Вие сте веќе чисти преку словото што ви го проповедав. 4 Останете сврзани за Мене и Јас ќе останам сврзан за вас. Како што прачката не може да раѓа плод сама од себе, ако не е сврзана за лозата[c], така ни вие нема да можете да бидете плодотворни, ако не останете сврзани за Мене.
5 Јас сум Лозата, а вие сте прачките. Ако останете сврзани за Мене и Јас за вас, ќе бидете многу плодотворни. А без Мене не можете да постигнете[d] ништо. 6 Ако не останете сврзани за Мене, ќе бидете исфрлени како отсечени прачки и ќе се исушите. А сувите прачки ќе бидат собрани и в оган изгорени. 7 Ако останете сврзани за Мене и ако Моето учење се вкорени во вас, тогаш секоја ваша молитва ќе ви биде исполнета. 8 Кога вие ќе станете Мои плодотворни ученици[e], тоа ќе Му донесе слава на Мојот небесен Татко.
9 Јас ве сакам исто како што и Таткото Ме сака Мене. Останете под закрилата на Мојата љубов. 10 Вие ќе останете под закрила на Мојата љубов, ако ги извршувате Моите заповеди, исто како што Јас ги исполнив заповедите на Мојот Татко и останувам под закрила на Неговата љубов. 11 Ова ви го кажав за да бидете наполно радосни, како што Сум Јас. 12 Сега ви заповедам: Сакајте се меѓу себе како што Јас ве сакам. 13 Најголема љубов што некој може да ја искаже спрема своите пријатели е да го даде својот живот за нив. 14 Ќе ве сметам за Мои пријатели, ако го извршувате она што ви го заповедам. 15 Не ви зборувам како на Мои слуги, зашто слугите не знаат што прави нивниот господар, туку ве сметам за пријатели, и затоа ви го објавив сето она што Ми го кажа Мојот небесен Татко. 16 Не Ме избравте вие Мене, туку Јас ве избрав вас и ве испратив да одите и да создавате плод - таков плод што трајно ќе остане. Тогаш Мојот небесен Татко ќе ви ја исполни секоја молба што ќе Му ја упатите во Мое име. 17 Значи, ви заповедам да се сакате еден со друг!“
18 „Кога луѓето од овој свет ќе ве мразат, сетете се дека прво Мене Ме замразија. 19 Да му припаѓавте на светот, тој ќе ве сакаше како свои. Но Јас ве избрав од светот и вие не му припаѓате на светот; затоа светот ве мрази. 20 Спомнете си на зборовите што ви ги кажав: ‚Слугата не е поголем од својот господар‘. Штом Мене Ме прогонуваа, и вас ќе ве прогонуваат. Штом Моето учење го слушаа, ќе го слушаат и вашето. 21 Но, сето ова ќе ви го прават заради Моето име, зашто не Го познаваат Оној што Ме испрати. 22 Да не дојдев и да не им зборував, немаше да бидат виновни за грев. Но сега немаат изговор за своите гревови. 23 Кој Ме мрази Мене - Го мрази и Мојот Татко. 24 Да не бев направил чуда меѓу нив, какви што никој друг не направил, немаше да бидат виновни за грев. Но тие, и покрај тоа што ги видоа Моите дела, сепак не замразија и Мене и Мојот Татко. 25 Но ова е за да се исполни претскажаното во Светото Писмо[f]: ,Без причина Ме замразија‘.
26 Кога ќе дојде Помошникот - Духот на вистината, Кој произлегува од Таткото и Кого Јас ќе ви го пратам од Таткото - Тој ќе ја објавува вистината за Мене. 27 А и вие ќе ја објавувате вистината за Мене, затоа што од почеток сте со Мене.“
Христијански начин на живеење
5 Следете го Божјиот пример, бидејќи вие сте Негови омилени деца. 2 Вашите постапки нека бидат водени од љубовта, токму онака како што Христос, воден од љубов, го принесе Својот живот како жртва што Му е пријатна на Бог и има сладок мирис.
3 Вие сте свети Божји луѓе и меѓу вас не смее да има блуд, гнасотии[a] и алчност. 4 Не смее да има безобразни, глупави разговори и двосмислени шеги. Сето тоа не ви прилега. Наместо тоа, искажувајте ја вашата благодарност спрема Бог. 5 Можете да бидете сигурни дека ниту еден блуден, гнасен или алчен човек нема да биде во Царството на Христос и на Бог. И алчноста е еден вид идолопоклонство!
6 Не дозволувајте никој да ве мами, наоѓајќи оправдување за ваквите гревови! За вакви работи Бог ги казнува сите непослушни луѓе! 7 Со такви луѓе немојте да си имате работа.
8 Вие порано бевте во мрак, но сега, откако поверувавте во Господ, ве огреа светлина. Затоа однесувајте се како деца на светлината. 9 Таа светлина во вас ќе роди секаков вид добрина, праведност и вистина.
10 Трудете се да откриете што Му е мило на Бог и тоа правете го. 11 Не учествувајте во бесполезни работи, кои се дела на темнината. Напротив, разоткривајте ги! 12 За она што тајно го прават некои луѓе срамота е дури и да се зборува! 13 Но светлината ќе ги разоткрие и се ќе излезе на виделина, 14 Зашто се што е изложено на светлина, станува јавно. Затоа се вели:
„Стани ти што спиеш,
воскресни од мртвите
и Христовата светлина ќе те огрее.“
Да се живее под водство на Светиот Дух
15 Внимавајте како живеете! Нека биде тоа мудро, а не неразумно. 16 Ова се тешки времиња, затоа користете го секој миг. 17 Немојте да се однесувате глупаво, туку трудете се да сфатите како Господ сака да се однесувате. 18 Не опивајте се со вино! Тоа може само да ве уништи. Дозволете Му на Светиот Дух да ве исполни и да ве води! 19 Разговарајте еден со друг, читајте псалми, пејте химни и духовни песни! Вашите срца нека пеат за Господ! 20 Постојано и за се заблагодарувајте Му се на Бог, небесниот Татко во името на нашиот Господ Исус Христос.
За односот меѓу сопружниците
21 Слушајте се еден со друг од почит спрема Христос.
22 Жените треба да ги слушаат своите сопрузи, онака како што Го слушаат Господ, 23 зашто мажот е глава на својата сопруга, онака како што Христос е глава на Црквата. Тој е Спасител на Црквата, која е Негово тело, 24 па, како што Црквата Му е послушна на Христос, така треба и жените во се да им се послушни на своите сопрузи.
25 Истото важи и за вас мажите[b]. Секој маж нека си ја сака својата сопруга онака како што Христос ја сака Црквата и животот си го даде за неа, 26 за да ја направи света, исчистувајќи ја преку водното крштавање и преку Божјото Слово, 27 да ја доведе пред Себе славна, без дамка, без брчка, без ништо слично, па да биде света и без мана. 28 Така треба и мажот да ја сака својата сопруга. Да ја сака онака како што си го сака сопственото тело. Кога човек си ја сака сопругата, покажува дека се сака самиот себе. 29 Никој не го мрази сопственото тело, туку го храни и се грижи за него. Тоа го прави и Христос за Црквата. 30 А ние сме органи во Неговото тело - Црквата.
31 Светото Писмо вели: „Заради тоа човек ќе ги напушти својот татко и својата мајка и ќе се здружи со својата жена, па тие двајца ќе станат едно тело[c].“ 32 Тоа е голема мистерија, но ова што го зборувам се однесува на Христос и на Црквата. 33 Затоа, ќе ви повторам уште еднаш: секој маж нека си ја сака сопругата, онака како што се сака себеси, а жената нека го почитува својот сопруг.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest