M’Cheyne Bible Reading Plan
7 По ова, Исус се движеше во границите на Галилеја. Тој повеќе не сакаше да се задржува во Јудеја, затоа што еврејските верски водачи сакаа да Го убијат. 2 Наближуваше еврејскиот празник Сеници[a]. 3 Неговите браќа Му рекоа: „Оди[b] во Јудеја, за да можат Твоите следбеници да ги видат делата што ги вршиш! 4 Никој не дејствува во тајност, ако сака да стане познат. Штом ги правиш овие чуда, тогаш објави му се на светот!“ 5 (Зашто, ни Неговите браќа не веруваа во Него.)
6 Исус им одговори: „Се уште не е дојден вистинскиот момент за Мене, а за вас секое време е погодно. 7 Вас светот не може да ве мрази, а Мене Ме мрази, затоа што постојано му зборувам за неговите зли дела и гревови. 8 Одете вие на празникот. За Мене се уште не е погоден моментот да тргнам на овој празник во Ерусалим.“ 9 Тој го рече тоа, и остана во Галилеја.
Исус поучува во храмот
10 А кога Неговите браќа заминаа на празникот, тогаш и Исус се искачи во Ерусалим, но не јавно, туку скришно. 11 Еврејските верски водачи, пак, Го бараа за време на празникот и прашуваа: „Каде е Тој?“
12 Во толпата народ многу се шепотеше за Исус. Едни велеа дека е добар, а други велеа: „Тој го мами народот!“ 13 Но, никој не зборуваше јавно за Него, поради страв од еврејските верски водачи.
14 Кон средината на празникот, Исус се искачи во храмот и почна да поучува. 15 Тогаш еврејските верски водачи се зачудија и рекоа: „Од каде Му на Овој Човек такво знаење, кога никогаш не се школувал[c]!?“
16 Исус, пак, им одговори: „Тоа што го проповедам не сум го измислил Јас, туку произлегува од Бога, Кој Ме испрати. 17 Тој што сака да ја извршува Божјата волја, ќе знае дали ова учење е од Бога, или Јас во Свое име зборувам. 18 Тој што зборува во свое име се обидува себеси да се прослави. Човекот, пак, што настојува да го прослави Оној што Го испратил, е чесен и во Него нема неправда. 19 Зар Мојсеј не ви го даде Божјиот закон? Па сепак, никој од вас не постапува според тој Закон, туку сакате да Ме убиете!“
20 „Ти си полудел!“ - му одговорија од толпата - „Кој сака да те убие!?“
21 Исус им одговори: „Исцелив еден човек во сабота и сите се стаписавте! 22 Мојсеј ви го воспостави обрежувањето (не дека е од Мојсеј, туку од патријарсите е), и вие и во саботен ден ги обрежувате вашите синови. 23 Штом вршите обрежување во саботен ден и сметате дека со тоа не се прекршува Законот на Мојсеј, тогаш зошто сте бесни на Мене поради тоа што исцелив[d] човек во сабота!? 24 Не судете површно, туку судете справедливо!“
Дали Исус е Месијата?
25 Тогаш некои од жителите на Ерусалим рекоа: „Зар не е овој човекот што Го бараат за да Го убијат? 26 А ете, Тој јавно зборува и никој ништо не Му вели! Можеби старешините сфатиле дека Тој е Месијата!? 27 Но сите ние знаеме од каде е овој човек, а кога ќе дојде Месијата - никој нема да знае од каде е!“
28 Додека поучуваше во храмот, Исус извика:
„Дали навистина Ме знаете и дали знаете од каде Сум? Јас не дојдов Сам од Себе! Тој што Ме испрати е вистинит, но вие не Го познавате. 29 А Јас Го знам Тој што Ме прати, зашто од Него дојдов.“
30 Тогаш сакаа да Го уапсат, но никој не крена рака на Него, зашто се уште не беше дошол часот што Тој го определи[e] за тоа. 31 Од толпата народ собрана во храмот, многумина поверуваа во Него и говореа: „Кога ќе дојде Месијата зарем ќе направи повеќе чуда од Овој Човек!?“
Потера за апсење на Исус
32 Кога фарисеите слушнаа дека толпата народ така шепоти за Исус, во договор со свештеничките поглавари испратија стражари[f] за да Го уапсат Исуса.
33 Но Исус им рече:
„Кај вас ќе бидам уште малку време, а потоа ќе се вратам кај Оној што Ме испрати. 34 Ќе Ме барате, но нема да можете да Ме најдете, зашто вие не можете да дојдете таму каде што ќе бидам Јас.“
35 Еврејските верски водачи почнаа да се прашуваат еден со друг:
„Каде наумил да оди, кога вели дека нема да можеме да Го најдеме!? Да нема намера да оди кај грчката дијаспора, за да ги поучува Грците? 36 Што значат овие Негови изјави: ,Ќе Ме барате, но нема да можете да Ме најдете‘ и ,вие не можете да дојдете таму каде што ќе бидам Јас‘?“
37 А во последниот и најважен ден од празникот, Исус застана и извика: „Кој е жеден, нека дојде кај Мене да пие! 38 Како што вели Светото Писмо[g]: „Реки животодавна вода ќе потечат од срцето на оној што верува во Мене!“ 39 (Исус ова го рече за Светиот Дух, Кого имаше намера да им Го даде на оние кои поверуваа во Него. Светиот Дух се уште не му беше даден никому, бидејќи Исус се уште не беше целосно прославен.)
Поделба меѓу луѓето
40 Кога народот го слушнаа ова, некои од нив рекоа: „Овој мора да е претскажаниот Пророк[h]!“
41 Други велеа: „Овој е Месијата!“ Но останатите говореа: „Зар од Галилеја ќе дојде Месијата!? 42 Зарем Светото Писмо не вели дека Месијата ќе дојде од поколението на Давид и од родниот град[i] на Давид?“ 43 Така настана поделба меѓу луѓето во однос на Исус. 44 Некои од нив сакаа да Го уапсат, но никој не посегна по Него.
Неверни верски водачи
45 Стражарите, пак, се вратија кај свештеничките поглавари и кај фарисеите, а тие ги запрашаа: „Зошто не Го уапсивте?“
46 „Никој никогаш не зборувал така како што зборува Овој Човек!“ - одговорија стражарите.
47 Фарисеите, пак, им рекоа: „Да не се прелажавте и вие? 48 Не гледате ли дека никој од старешините и од фарисеите не верува во Него!? 49 Но овој проклет[j] народ, кој не го знае Мојсеевиот Закон, се заведува по Него!“
50 Меѓу фарисеите беше и Никодим[k], кој порано беше Го посетил Исуса; тој им рече: 51 „Нашиот закон не дозволува некој да биде осуден, без претходно да биде сослушан и да се дознае што направил!“
52 Тие, пак, му одговорија: „И ти ли си од Галилеја!? Проучи ги светите писма и увери се дека никаков пророк[l] нема да дојде од Галилеја!“
53 Потоа[m] тие се разотидоа, секој во својот дом.
Верата во Христос наспроти Законот
3 О, неразумни Галати! Кој ве маѓепса!? Пред ваши очи имавте толку јасна претстава за Исус Христос распнат на крстот. 2 Едно сакам да ми кажете: дали го примивте Светиот Дух преку придржување кон Мојсеевиот Закон, или така што ја слушнавте Радосната вест и поверувавте? 3 Како можете да бидете толку неразумни!? Започнавте со духовното, а сега сакате да станете совршени преку телесното! 4 Толку многу претрпевте, а попусто! Зарем попусто страдавте!?
5 Дали Бог ви Го даде Светиот Дух и изврши силни дела меѓу вас поради тоа што го спроведувавте Мојсеевиот Закон или поради тоа што ја слушнавте Радосната вест и поверувавте?
6 Така беше и со Авраам. Тој поверува и верата му се припиша како праведност[a]. 7 Треба да ви биде јасно дека оние што Му веруваат на Бог се вистинските потомци на Авраам. 8 Светото Писмо претскажа дека Бог ќе ги прифати сите народи врз основа на нивната вера во вистинскиот Бог. Тоа беше во оној дел кога Бог на Авраам му ја објави Радосната вест, велејќи му: „Преку тебе ќе бидат благословени сите народи[b].“ 9 Тоа значи дека секој што ќе поверува во Христос ќе биде благословен, исто како што Авраам беше благословен бидејќи Му поверува на Бог.
10 Сите оние што се надеваат дека ќе се спасат преку придржување кон Мојсеевиот Закон живеат под проклетство! Светото Писмо вели: „Проклет да е секој што не исполнува се што е запишано во книгата[c] на Законот[d].“ 11 А дека никој не може да се оправда пред Бога преку придржување кон Мојсеевиот Закон јасно се гледа од она што го вели Светото Писмо: „Праведникот добива живот преку вера[e].“ 12 Законот не се засновува врз верата. Напротив, во него се вели: „Ако сакаш да добиеш живот преку придржување кон Мојсеевиот Закон, ќе мораш да се придржуваш до сите негови заповеди[f].“
13 Христос не ослободи од проклетството на Законот, така што, наместо ние, Тој ги поднесе последиците на проклетството. Во Светото Писмо е запишано: „Проклет е секој што е обесен на дрво[g].“ 14 Така ветувањето што Бог му го даде на Авраам сега може преку Исус Христос да се исполни и сите народи да добијат благослов. Тоа ветување е дека ќе го примат Светиот Дух, врз основа на верата во Христос.
Природата и целите на Мојсеевиот Закон
15 Драги пријатели христијани[h], да ви дадам еден пример од секојдневноста. Ако двајца луѓе склучат договор, никој од нив не може ниту да отстапи од него, ниту пак нешто да додаде кон него. 16 Ветувањето му беше дадено на Авраам и на неговиот Потомок. Светото Писмо не вели „на твоите потомци“, како да се повеќемина, туку вели: „на твојот Потомок“, а тоа е Христос. 17 Сакам да кажам дека Мојсеевиот Закон не може да го промени или поништи ветувањето што Бог го даде четиристотини и триесет години пред да Му биде даден Законот на Мојсеј. 18 Ако добивањето на наследството зависи од придржувањето кон Мојсеевиот Закон, тогаш Божјото ветување не би играло никаква улога, а знаеме дека Бог му подари на Авраам наследство врз основа на Своето ветување.
19 Тогаш зошто постои Мојсеевиот Закон? Тој им беше даден на луѓето за да сфатат дека се грешни. Тој беше на сцена се додека не дојде Потомокот за Кого беше дадено ветувањето. Постои уште една разлика. Ангелите му го дадоа Законот на Мојсеј, а тој им го пренесе на луѓето. 20 Посредник е потребен кога има две страни, а при ветувањето дадено на Авраам, Бог дејствуваше самостојно.
21 Тогаш, дали Законот е во спротивност со Божјото ветување? Никако! Ако Мојсеевиот Закон можеше да ни даде живот, тогаш луѓето ќе се помируваа со Бог со придржување кон Законот. 22 Светото Писмо, меѓутоа, вели дека сите сме заробеници на гревот, па единствениот начин да го добиеме она што Бог го вети е преку вера во Исус Христос.
23 Пред да ни се објави верата во Христос, како начин да бидеме прифатливи за Бог, Законот не чуваше како затвореници, под свој надзор.
Божји деца преку вера
24 Така Законот ни беше воспитувач[i] што не водеше кон Христос, за да се помириме со Бог преку вера. 25 Сега кога ни се објави верата, веќе нема потреба Законот да ни биде воспитувач.
26 Сите стануваме Божји деца, преку вера во Исус Христос. 27 Сите што преку крштавање во името на Христос се идентификуваа со Него, станаа како Христос[j]. 28 Без разлика дали се работи за Евреин или за Грк[k], за роб или за слободен, за маж или за жена, сите што сте христијани сте еднакви пред Христос. 29 Ако Му припаѓате на Христос, тогаш вие сте вистинските потомци на Авраам и вие ќе го добиете она што Бог му го вети.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest