M’Cheyne Bible Reading Plan
Прилогот на сиромашната вдовица
(Марко 12:41-44) 21 Кружејќи со погледот, Исус виде како богатите ставаат големи парични прилози во храмот. 2 Потоа виде и една сиромашна вдовица која стави само две бакарни парички[a], 3 па рече: „Ве уверувам дека оваа сиромашна вдовица даде поголем прилог од сите, 4 бидејќи, сите други дадоа прилози за храмот од вишокот што го имаат, а таа, и покрај својата сиромаштија, ја даде сета своја животна издршка.“
ИСУС ЈА ПРЕТСКАЖУВА ИДНИНАТА НА СВЕТОТ
1. Разурнувањето на храмот
(Матеј 24:1-2; Марко 13:1-2) 5 Бидејќи некои луѓе зборуваа за храмот, за неговите украсни камења и за подарените работи во него, Исус рече: 6 „Доаѓа време кога од сето ова што го гледате ниеден камен нема да остане на своето место - сe ќе биде разурнато!“
2. Појавата на лажни Месии
(Матеј 24:3-14; Марко 13:3-13) 7 Тогаш тие Го прашаа: „Учителе, кога ќе се случи тоа? По што ќе се познае дека тоа ќе почне да се исполнува?“ 8 А Тој им рече: „Чувајте се да не бидете заведени. Мнозина ќе се појават под Моето име и ќе тврдат: ,Јас сум вистинскиот Месија!‘ и ,Дојде времето!‘ Не одете по таквите!“
3. Војни и прогонства
9 „Нека не ве обзема паника кога ќе чуете за војни и револуции! Сето тоа ќе мора да се случи во почетокот, но тоа не е крајот.“
10 Потоа Тој продолжи: „Ќе се кренат народи и ќе војуваат едни против други, едно царство против друго. 11 Ќе има силни земјотреси, а на разни места ќе има глад и смртоносни епидемии. На небото ќе се јавуваат необични и страшни појави.
12 Но пред сето ова, вас ќе ве апсат и ќе ве прогонуваат. Ќе ве водат на судење по синагогите и ќе ве затвораат. Ќе ве изведуваат пред цареви и владетели, поради вашата вера во Мене. 13 Но тоа ќе бидат можности за вас, да посведочите за Радосната вест. 14 Запомнете дека не треба да се грижите како ќе се браните, 15 зашто Јас ќе ви дадам такви зборови и мудрост на кои вашите противници не ќе можат да им противречат и да им се противставуваат.
16 А ќе ве предаваат и вашите сопствени родители, браќа, роднини и пријатели. Некои од вас ќе бидат и погубени. 17 Сите ќе ве замразат поради вашата вера во Мене. 18 Но, ни влакно од главата нема да ви падне. 19 Останете непоколебливи и ќе ги спасите своите души.“
4. Разурнувањето на Ерусалим
(Матеј 24:15-21; Марко 13:14-19) 20 „Кога ќе го видите Ерусалим опколен од војски, знајте дека наскоро тој ќе биде разурнат. 21 Тогаш тие што ќе се најдат во Јудеја нека бегаат во планините! Тие што се во Ерусалим нека излезат од него! Тие што ќе бидат по нивите нека не се враќаат во градот! 22 Зашто, тоа ќе биде време на Божја казна и ќе се исполни сe што е запишано за тоа во Светото Писмо.
23 Тоа ќе биде посебно тешко време за трудниците и за доилките, зашто големо страдање ќе ја зафати оваа земја и Божјиот гнев ќе се урне врз овој народ! 24 Едни ќе бидат со меч убиени, други ќе бидат одведени како робови меѓу сите народи. А Ерусалим ќе го газат туѓи, нееврејски народи, додека не помине нивното време.“
5. Враќањето на Исус Христос
(Матеј 24:29-35; Марко 13:24-31) 25 „Необични појави ќе има на Сонцето, на Месечината и на ѕвездите. На Земјата цели народи ќе бидат потиштени и исплашени пред неизвесноста и бучавата на морето и разбеснетите бранови. 26 Луѓето ќе премираат од страв, во исчекување на она што ќе го снајде светот, зашто и вселенските сили ќе отстапат од законитоста по која дејствуваат.
27 Тогаш ќе Го видат Синот Човечки[b], како доаѓа на облак со величествена моќ и слава! 28 Кога сето ова ќе почне да се случува, исправете се со кренати глави, зашто вашето спасение е сосема близу!“
29 Потоа Исус им ја кажа оваа споредба: „Имајте ги предвид смоквите и другите дрвја. 30 Кога ќе забележите дека разлистуваат, знаете дека се приближува летото. 31 Така, кога ќе видите дека сите овие работи почнуваат да се случуваат, ќе знаете дека Божјото царство наближува.
32 Ве уверувам, дека оваа генерација[c] нема да изумре, додека сето ова не се исполни. 33 Небото и Земјата ќе исчезнат, но Моите зборови ќе останат засекогаш.“
Повик на будност
34 „Чувајте се да не се занесете во прослави, во пиење или во прекумерни грижи за овој живот, зашто Оној ден ќе ве затекне ненадејно, 35 како замка што ќе дојде по сите луѓе, во целиот свет! 36 Бидете на штрек и молитва во секое време, за да имате сили успешно да го пребродите сето ова што ќе се случи и да застанете исправени пред Синот Човечки[d].“
37 Дење Исус поучуваше во храмот, а ноќите ги минуваше на Маслиновата Гора. 38 И сиот народ, уште рано наутро доаѓаше во храмот, за да Го слуша Исуса.
6 Ние, во улога на Божји соработници, ве молиме да не ја пропуштите Божјата милосрдна благонаклоност спрема вас, 2 зашто Бог вели:
„Повикај Ме во вистинскиот час
и Јас ќе ти ја услишам молитвата;
побарај Ме во денот кога ти нудам спасение
и Јас ќе ти помогнам![a]“
Сега е вистинскиот час! Денес е денот кога Бог ти нуди спасение!
Тешкотиите со кои се соочувал Павле
3 Не даваме повод нашето поведение некого да поколеба да поверува во Господ, затоа се трудиме нашата работа да биде беспрекорна. 4 Во се се однесуваме како Божји службеници, стрпливо поднесувајќи ги сите напади, страдања и тешкотии. 5 Не тепаат, не ставаат в затвор, креваат бунтови против нас, а ние работиме, минуваме бессони ноќи и гладуваме[b]. 6 Се докажуваме преку нашата чистота, знаење, стрпливост, љубезност, преку силата на Светиот Дух и преку нашата искрена љубов. 7 Верно ја проповедаме вистината. Божјата сила работи во нас. Праведноста е нашето оружје и за напад и за одбрана[c].
8 Му служиме на Бог без разлика дали луѓето не почитуваат, или не презираат, дали имаат добро или лошо мислење за нас. Ние сме чесни, но тие не нарекуваат измамници. 9 Сите знаат за нас, а се однесуваат спрема нас како да не не познаваат. Соочени со смртни закани, а сепак, ете, живи сме. Казнувани сме, но не сме убиени. 10 Се обидуваат да не растажат, но ние сепак сме радосни. Сиромашни сме, но на многумина им дадовме духовно богатство. Немаме ништо, а сепак поседуваме се.
11 Драги наши пријатели во Коринт, ние искрено ви проговоривме, широко ги отворивме нашите срца. 12 Не сме ние затворени спрема вас, туку вие сте затворени спрема нас. 13 Како на свои деца ви велам: отворете ги и вие вашите срца спрема нас!
Пазете се од штетни компромиси
14 Немојте да се здружувате[d] со неверници! Како може праведен и неправеден да работат заедно? Како може светлината и темнината да живеат заедно? 15 Може ли да има слога меѓу Христос и Ѓаволот[e]? Каква заедница може да има еден христијанин со безверник? 16 Треба ли во Божјиот храм да ставате и идоли? Ние сме храмови на Живиот Бог. Како што Самиот Тој вели за Своите следбеници:
„Ќе живеам во нив,
ќе се движам меѓу нив;
Јас ќе бидам нивни Бог,
а тие Мој народ[f].“
17 „,Затоа, напуштете ги оние што не Му припаѓаат на Бог,
одвојте се од нив,‘ - вели Господ.
,Не мешајте се со она што е нечисто
и Јас ќе ве прифатам[g].‘“
18 „,Ќе ви бидам Татко,
а вие ќе бидете
Мои синови и ќерки,‘
- вели Семоќниот Господ[h].“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest