M’Cheyne Bible Reading Plan
Исус на суд пред Пилат
(Матеј 27:1-2; 11-14; Марко 15:1-5; Јован 18:28-38) 23 Тогаш целиот Совет стана и Го одведе Исуса кај римскиот гувернер Пилат, 2 па почна да ги изнесува своите обвиненија: „Утврдивме дека овој човек го заведува нашиот народ, ги поттикнува луѓето да не му плаќаат данок на императорот, а тврди и дека Тој е Месијата, царот!“
3 Пилат Го праша: „Ти ли си царот на Евреите?“ Исус му одговори: „Самиот го велиш тоа.“ 4 Тогаш Пилат им рече на свештеничките поглавари и на народот: „Не наоѓам никаква вина за да Го осудам овој човек.“ 5 Но тие уште поупорно викаа: „Тој го поттикнува народот на бунт по целата јудејска земја! Најпрво почна од Галилеја, па втаса довде!“ 6 Откако Пилат го чу ова, праша: „Зар овој човек е Галилеец?“ 7 Кога разбра дека Исус потекнува од покраината над која владее Ирод Антипа, веднаш Го прати кај него, бидејќи тој во тоа време се наоѓаше во Ерусалим.
Исус на суд пред Ирод
8 Ирод се израдува кога Го виде Исуса, зашто беше чул за Него и одамна имаше желба да Го види, надевајќи се дека Исус и пред него ќе изврши некое чудо. 9 Ирод Му поставуваше многубројни прашања, но Исус воопшто не му одговараше. 10 Тука беа и свештеничките поглавари и вероучителите, кои изнесуваа жестоки обвиненија против Исус.
11 Ирод и неговите војници Му се подбиваа на Исус и Го понижуваа. Потоа Го облекоа во раскошна облека и повторно Го испратија кај Пилат. 12 На тој ден Ирод и Пилат се спријателија, бидејќи дотогаш беа противници.
Исус е осуден на смрт со распнување
(Матеј 27:15-26; Марко 15:6-15; Јован 18:39-19:16) 13 Пилат ги повика свештеничките поглавари, членовите на Врховниот совет и народот, 14 и им рече: „Вие ми го доведовте овој човек под обвинение дека го поттикнува народот на одметништво. Еве, јас Го испрашав пред вас и не утврдив никаква вина кај Него од она за што вие Го обвинувате, 15 ниту пак Ирод најде некаква вина кај овој човек и затоа Го врати назад кај мене. Овој човек не сторил ништо со што би заслужил смртна казна. 16 Предлагам да Го предадам на камшикување и да Го пуштам.“
17 (Секоја година, по повод празникот Пасха, Пилат им ослободуваше по еден затвореник.)[a]
18 Но тие сите во еден глас повикаа: „Погуби Го овој, а пушти ни го Бараба!“ 19 Бараба беше затворен поради учество во некој градски бунт и поради убиство.
20 Пилат сакаше да Го пушти Исуса, па затоа повторно им се обрати на присутните, 21 но тие продолжија да викаат: „Распни Го! Распни Го!“ 22 Пилат по третпат им се обрати: „А какво злосторство извршил? Јас не најдов никаква вина кај Него за да Го осудам на смрт! Затоа, предлагам да биде камшикуван, а потоа ослободен!“
23 Но тие со голема викотница продолжуваа да бараат Исус да биде распнат и конечно надвладеаја. 24 Пилат реши да го задоволи нивното барање. 25 Им го пушти од затвор човекот чие ослободување го бараа - затвореникот за бунт и убиство - а Исуса им Го препушти на нивната волја.
Распнувањето на Исус
(Матеј 27:32-44; Марко 15:21-32; Јован 19:17-27) 26 Одведувајќи Го Исуса, војниците наидоа на еден човек по име Симон Киренеецот, кој се враќаше од полето и го натераа тој да го носи крстот за распнување на Исус, одејќи по Него.
27 По Исуса врвеше многуброен народ, меѓу нив и некои жени, кои плачеа и Го оплакуваа. 28 Исус се сврте кон нив и им рече: „Ќерки ерусалимски! Не оплакувајте Ме Мене, туку себеси и своите деца, 29 зашто идат денови, кога ќе се вели: ,Блазе си им на неротките, на утробите што не раѓале и на градите што не доеле!‘ 30 Во тие дни луѓето ќе им довикуваат на планините: ,Паднете врз нас!‘, и на ридовите: ,Затрупајте нe!‘ 31 Зашто, ако вака се постапува со зеленото стебло, тогаш што ли го очекува искршеното[b]!?“
32 Покрај Исус, на распнување водеа и двајца злосторници. 33 Кога пристигнаа на местото наречено ,Череп‘, таму ги распнаа Исуса и злосторниците: едниот оддесно, а другиот одлево на Исуса. 34 А Исус се молеше вака: „Прости им, Татко, зашто тие не се свесни, всушност, што прават[c]!“ Неговите облеки ги поделија меѓу себе со жрепка. 35 Народот стоеше и го гледаше сето ова, а еврејските водачи Му се подбиваа, велејќи: „Другите ги спасуваше, нека се спаси сега Самиот Себеси, ако е Тој навистина Месијата[d] - Избраникот Божји!“
36 Му се подбиваа и војниците. Му приоѓаа и Го принудуваа да пие оцет, 37 говорејќи: „Спаси се, ако си цар на Евреите!“
38 Над Него ставија штица со натпис, кој гласеше: ,Овој е Царот на Евреите!‘
Различни реакции на распнатите злосторници
39 Еден од распнатите злосторници Го навредуваше Исуса и Му велеше: „Зар не си Ти Месијата? Ајде, спаси се и Себеси и нас!“
40 Другиот, пак, го прекори и му рече: „Немаш ли малку страхопочит спрема Бога? И ти си осуден со истата казна! 41 Јас и ти сме праведно осудени и го добивме она што го заслуживме, а Тој ништо лошо не сторил!“ 42 Потоа Му се обрати на Исуса:
„Исусе, спомни си за мене кога ќе дојдеш во Твоето царство!“
43 Исус му одговори: „Ти ветувам дека денес ќе бидеш со Мене во рајот!“
Смртта на Исус
(Матеј 27:45-56; Марко 15:33-41; Јован 19:28-30) 44 Беше околу дванаесет[e] часот, кога наеднаш настапи мрак по целата земја, сe до петнаесет часот.
45 Сонцето потемне, а завесата во храмот се расцепи по средината. 46 Тогаш Исус гласно извика: „Небесен Татко, во Твоите раце Го доверувам Мојот дух!“ Изговарајќи го ова, Тој умре[f].
47 Кога римскиот офицер виде што се случи, Му оддаде почит на Бог и рече: „Овој човек навистина беше праведник[g]!“ 48 Кога и народот што се беше собрал да гледа виде што се случи, секој си замина дома, удирајќи се в гради од жалост. 49 Сите што Го познаваа Исуса, меѓу кои и жените кои Го следеа уште од Галилеја, стоеја подалеку и гледаа.
Погребувањето на Исус
(Матеј 27:57-61; Марко 15:42-47; Јован 19:38-41) 50 Таму имаше и еден човек, по име Јосиф, кој беше од јудејскиот град Ариматеја и беше член на Врховниот совет. Тој беше добар и праведен човек, 51 и не се сложуваше со овие одлуки и постапки, зашто и самиот го очекуваше Божјото царство. 52 Тој отиде кај Пилат и го побара телото на Исус. 53 Потоа го симна телото од крстот, го завитка во платно и го положи во дотогаш некористена гробница, што беше издлабена во карпите. 54 Тој ден беше петок, а веќе настапуваше саботата.
55 Заедно со Јосиф дојдоа и жените кои одеа со Исус уште од Галилеја и ја видоа гробницата во која беше положено Исусовото тело. 56 Потоа си отидоа дома, да подготват мирисливи масла за премачкување на телото. Во саботата не работеа, согласно со верскиот Закон.
ХУМАНИТАРНА ПОМОШ ЗА ХРИСТИЈАНИТЕ ВО ЕРУСАЛИМ
8 Драги пријатели христијани во Коринт, сакаме да ве известиме за Божјата милосрдна благонаклоност кон црквите во Македонија. 2 Тие поминаа низ големи искушенија и низ многу неволи, но нивната радост е толку голема што, и покрај нивната голема сиромаштија, тие се многу дарежливи. 3 Јас сум сведок дека тие дадоа толку доброволни прилози колку што им се можностите, па и повеќе. 4 Многу не молеа да им дадеме можност и тие да се вклучат во собирањето доброволни прилози за помош на христијаните во Ерусалим. 5 Направија повеќе отколку што очекувавме. Прво самите себе Му се предадоа на Господ, а потоа ни се предадоа и нам, следејќи ја Божјата волја.
6 Затоа го замоливме Тит, кој од порано ја започна оваа служба на милосрдие меѓу вас, да се врати кај вас и да ја доврши. 7 Како што вие во многу нешта се истакнувате и имате: вера, проповедници, знаење, сериозен однос, љубов спрема нас[a], така погрижете се и вашата милосрдна дарежливост да не заостане. 8 Ова не е наредба, туку, гледајќи ја ревноста со која другите и пристапуваат на оваа задача, сакам да проверам колку е искрена вашата љубов.
9 Вие знаете каков милосрден дар ни даде нашиот Господ Исус Христос! Иако беше богат, заради вас Тој стана сиромашен, та преку Неговата сиромаштија вие да станете богати.
10 Пред една година вие први почнавте да давате прилози и го правевте тоа од се срце. Затоа ви препорачувам сега да го довршите тоа дело; тоа ќе биде добро и за вас. 11 Довршете ја оваа работа со истата ревност со која и ја започнавте. Дајте толку колку што можете. 12 Ако постои добра волја, таа се цени според можностите на секој дародавател. Никој не очекува да дадете нешто што немате. 13 Не велам давајќи за другите, вие да западнете во невола, туку повикувам на еднаквост. 14 Сега, кога вие имате во изобилие, треба да им помогнете на оние што се во немаштија, па кога тие ќе имаат во изобилие, а вие ќе бидете во скудност, тие вам да ви помогнат, па така да постои еднаквост меѓу нас. 15 Сетете се што пишува во Светото Писмо:
„На оној што собра многу
ништо не му преостана,
а на оној што собра малку,
сепак, му достаса[b].“
1) Апостол Павле препорачува хуманитарни работници
16 Му благодарам на Бог што во срцето на Тит ја стави истата грижа што јас ја чувствувам за вас. 17 Тој, не само што ја прифати нашата молба да дојде кај вас, туку одвај чекаше што побрзо да тргне на пат! 18 Со него ви испраќаме уште еден наш брат кој е проповедник на Радосната вест, и ужива голема почит меѓу сите цркви. 19 Освен тоа, тој е одбран од црквите да патува со нас кога ќе ги носиме доброволните прилози во Ерусалим[c]. Тоа дело е за слава на Господ и ја покажува нашата готовност да помогнеме.
20 Ќе патуваме заедно, за да не му дадеме никому повод да не озборува дека сомнително располагаме со овие вредни дарови, 21 зашто сакаме да бидеме чесни не само пред Господ, туку и пред луѓето.
22 Со нив ви испраќаме и еден наш брат чија искреност повеќепати сме ја провериле во многу работи. Тој сега уште повеќе сака да помогне, зашто има голема доверба во вас. 23 Ако некој се распрашува за Тит, кажете му дека тој е мој другар и соработник во мојата служба меѓу вас. Што се однесува до браќата што ќе го придружуваат, тие се претставници[d] на црквите. Тие се прекрасен пример како треба да се работи за слава на Христос. 24 Покажете љубов спрема нив, за да видат црквите дека ние со право се гордееме со вас.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest