M’Cheyne Bible Reading Plan
Исус го воскреснува Својот пријател Лазар
11 Еден пријател на Исус, по име Лазар, се разболе. Тој беше од селото Бетанија, и живееше со своите сестри Марија и Марта. 2 (Тоа беше онаа Марија што подоцна Го помаза Господа со скапоцен парфем и Му ги избриша стапалата со својата коса; нејзиниот брат, Лазар, беше тој што се разболе.) 3 Тогаш сестрите испратија ваква порака до Исус:
„Господе, твојот драг пријател се разболе!“
4 Штом го слушна тоа, Исус рече: „Оваа болест на Лазар не е за тој да умре, туку за да Му донесе слава на Бог и за да се прослави Божјиот Син преку неа.“ 5 (Исус многу ги сакаше Марта,
нејзината сестра и нивниот брат Лазар.) 6 Сепак, откако слушна дека Лазар е болен, Тој остана уште два дена таму каде што беше.
7 Потоа им рече на Своите ученици: „Ајде сега да се вратиме во Јудеја!“
8 „Учителе!“ - Му рекоа учениците - „Еврејските верски водачи штотуку сакаа да Те каменуваат, а Ти повторно сакаш да одиш таму!?“
9 Исус им одговори: „Денот[a] има дванаесет часа, нели? Тој што оди дење не се сопнува, бидејќи пред себе ја има дневната светлина. 10 Ако човек оди ноќе тој се сопнува, бидејќи пред себе нема светлина.“
11 Откако го рече ова, Исус им најави: „Нашиот пријател Лазар заспал, и Јас одам таму за да го разбудам.“
12 „Господе“, - Му рекоа учениците - „Штом заспал, значи дека заздравува од болеста!“ 13 (Исус сакаше да каже дека Лазар умрел, но тие претпоставија дека зборува за обично спиење.)
14 Тогаш Исус отворено им рече: „Лазар умре. 15 Мило ми е што Јас не бев таму, зашто сега ќе добиете уште една можност да поверувате. Но, ајде да одиме кај него.“
16 Во тој момент, Тома, кого го викаа Близнак[b], им рече на учениците: „Да одиме со Учителот и ние да умреме со Него!“
Исус
- воскресение и живот 17 Кога Исус пристигна во Бетанија, Му кажаа дека Лазар е веќе четврт ден во гробот. 18 Бетанија беше близу до Ерусалим, на оддалеченост од околу три километри[c]. 19 Многу сонародници на Марта и Марија беа кај нив, за да ги утешуваат по повод смртта на нивниот брат. 20 Кога Марта дозна дека Исус доаѓа, таа Му појде во пресрет, а Марија остана дома.
21 Марта Му рече на Исус: „Господе, да беше Ти овде мојот брат немаше да умре! 22 Но, знам дека Бог ќе Ти даде и сега, се што ќе посакаш од Него!“
23 „Брат ти ќе воскресне!“ - и одговори Исус.
24 Марта Му рече: „Знам дека ќе воскресне на крајот, кога ќе биде воскресението.“
25 Тогаш Исус и одговори: „Јас сум Тој што воскреснува и дава живот! Секој што верува во Мене, ќе живее, дури и ако умре! 26 Секој што ќе поверува во Мене за време на својот живот, никогаш нема да вкуси вечна смрт! Веруваш ли во тоа?“
27 „Да, Господе“, - Му одговори Марта - „јас поверував дека Ти си Месијата, Божјиот Син, што Го очекувавме да дојде на светот!“
Исус просолзува
28 Откако го рече ова, Марта си замина и кришум ја повика својата сестра Марија, па и соопшти: „Учителот е овде и те вика!“ 29 Штом го слушна тоа, Марија бргу стана и Му појде во пресрет. 30 (Исус се уште не беше влегол во селото, туку беше на местото каде што Марта Го пресретна.) 31 Кога Евреите што беа со неа во куќата за да ја утешуваат видоа како Марија бргу стана и замина, тргнаа по неа. Претпоставуваа дека таа оди на гробот на својот брат Лазар за да плаче.
32 Кога Марија дојде до местото каде што беше Исус и кога Го виде, клекна пред Неговите нозе и Му рече: „Господе, да беше Ти овде мојот брат немаше да умре!“
33 Кога виде Исус како плачат Марија и Евреите што беа со неа длабоко се натажи и се потресе. 34 „Каде го погребавте?“ - запраша Тој. „Господе“, - Му рекоа тие - „дојди да видиш.“
35 Исус заплака.
36 Тогаш присутните Евреи говореа: „Види колку го сакал својот пријател Лазар!“
37 Некои, пак, од нив рекоа: „Зарем Овој Човек што му ги отвори очите на слепиот не можеше[d] да ја спречи смртта на Лазар!?“
Оживувањето на Лазар
38 Пак длабоко трогнат, Исус дојде до гробот. Тоа беше една пештера[e] чиј влез беше затворен со камен. 39 „Тргнете го каменот!“ - рече Исус. „Господе“, - Му рече Марта, сестрата на умрениот - „четири дена поминаа откако брат ми умре и телото веќе смрди!“
40 Исус и одговори: „Нели ти реков дека, ако веруваш, ќе ја видиш Божјата слава!?“
41 Тогаш луѓето го тргнаа каменот. Исус го подигна погледот кон небото и рече: „Татко, Ти благодарам што Ми ја услиши молитвата. 42 Јас знам дека Ти секогаш Ми одговараш на молитвите, но ова го реков заради народот што стои наоколу, за да поверуваат дека Јас сум Твој пратеник.“
43 Кога Исус ја заврши молитвата, извика: „Лазаре, излези надвор!“ 44 Умрениот излезе, завиткан[f] со повои околу нозете и рацете, а околу лицето му беше замотана шамија. „Одврзете го и пуштете го да оди!“ - им рече Исус.
Завера против Исус
(Матеј 26:1-5; Марко 14:1-2; Лука 22:1-2) 45 Тогаш мнозина од Евреите, кои беа дојдени кај Марија и видоа што направи Исус, поверуваа во Него. 46 Но некои од нив отидоа кај фарисеите и им кажаа што направи Исус. 47 Тогаш свештеничките поглавари и фарисеите го свикаа Синедрионот[g] и почнаа да се советуваат: „Што да правиме? Овој човек прави многу чуда! 48 Ако го оставиме да продолжи вака сите ќе поверуваат во Него, па ќе дојдат Римјаните и ќе ни ги уништат и храмот и нацијата[h]!“
49 Тогаш еден од нив, по име Кајафа, кој таа година беше Првосвештеник, им рече: „Вие ништо не разбирате! 50 Не сфаќате ли дека е подобро еден човек да умре за народот, отколку целата нација да ни биде уништена!?“
51 Ова тој не го кажа од себе, туку, бидејќи таа година беше Првосвештеник, тој прорече дека Исус мора да умре за еврејскиот народ. 52 И не само за тој народ, туку и за да ги собере и обедини во едно сите распрснати Божји чеда. 53 Од тој ден, еврејските верски водачи решија да Го убијат Исуса.
54 Поради тоа, Исус повеќе не можеше слободно да патува по Јудеја. Тој оттаму замина кон пределот близу до пустината. Влезе во едно гратче по име Ефраим и таму остана со Своите ученици.
55 Наближуваше еврејскиот празник Пасха. Голем број луѓе од внатрешноста се искачија[i] во Ерусалим пред Пасха, за да го извршат церемонијалното исчистување. 56 Тие го бараа Исуса и собрани во храмот си зборуваа меѓу себе: „Што мислите, дали Тој ќе се осмели да дојде на празникот?“ 57 Свештеничките поглавари и фарисеите издадоа заповед, ако некој дознае каде е Исус - веднаш да им јави, за да Го уапсат.
Писмо од апостол Павле до христијаните во
Ефес
1 Од Павле, одбран од Бог да му биде апостол на Исус Христос, до Божјиот свет народ во Ефес[a], до верните следбеници на Исус Христос.
2 Бог, нашиот Татко, и Господ Исус Христос нека ви бидат благонаклонети и нека ви дадат мир.
Духовни благослови
3 Благословен нека е Бог, Таткото на нашиот Господ Исус Христос, Кој не благослови со секаков вид духовни благослови од небесните простори, бидејќи Му припаѓаме на Христос. 4 Поради Својата љубов спрема нас, уште пред светот да биде создаден, Бог не одбра да бидеме Негов народ, преку вера во Христос, и да бидеме свети и без пороци во Неговите очи. 5 Неговиот план отсекогаш беше, преку Исус Христос, да не посвои, да не направи Негови деца. Тоа беше резултат на Неговата благонаклоност спрема нас.
6 Го славиме Бога заради таа прекрасна благонаклоност што ја излеа врз нас, бидејќи Му припаѓаме на Неговиот сакан Син. 7 Христос ја пролеа сопствената крв за да не откупи. Сега гревовите ни се простени. Го стори тоа поради Својата неизмерна благонаклоност спрема нас, 8 излевајќи ја врз нас заедно со сета мудрост и разбирање.
9 Бог ни откри каква Му била намерата и ни го објасни тајниот план што веќе беше решил да го оствари преку Христос. 10 Планот што Бог ќе го доврши, кога за тоа ќе дојде време, е да собере се заедно, и од небото и од Земјата, и да го стави под власт на Христос. 11 Токму по заслуга на Христос и ние бевме избрани за наследници[b], однапред определени од Бог, Кој се прави онака како што Самиот Тој ќе реши. 12 Ние ќе ја увеличиме Божјата слава, сите ние што навреме ја положивме својата надеж во Христос.
13 И вие сте сега Божји народ. Ја слушнавте вистината, Радосната вест за тоа како можете да се спасите, и поверувавте во неа. Бог ве посвои[c], ставајќи го врз вас Својот печат со тоа што ви го даде Светиот Дух, токму онака како што ни беше ветено. 14 Светиот Дух е гаранција дека навистина ќе го добиеме она што Бог му го вети на Својот народ: откупување, ослободување за тие што се Негови. Тоа е уште една причина да го славиме нашиот величествен Бог.
Молитва за духовна мудрост
15 Слушнав за вашата вера во Исус Христос и за љубовта што ја имате спрема сите христијани 16 и во моите молитви постојано Му благодарам на Бог за вас. 17 Го молам Бога, Славниот Татко на нашиот Господ Исус Христос, да ви даде духовна мудрост и да ви открие се за Себе, за да Го запознаете целосно. 18 Се молам вашите срца да бидат просветлени, за да согледате каква прекрасна иднина им е ветена на повиканите, да разберете какво богато[d] и величествено наследство има Бог за Својот свет народ, 19 колку е огромна силата со која Тој работи за нас кои Му веруваме. Таа сила е истата онаа моќна сила 20 со која Тој Го воскресна Христос од мртвите и Му Го додели почесното место на небото, од Својата десна страна. 21 Христос е високо над сите владетели и власти, над сите сили и господари, над секого, не само во овој свет, туку и во идниот. 22 Бог се стави под власт[e] на Христос и Го постави за Господар[f] над се, во полза на Црквата. 23 Црквата е Христовото тело, таа е исполнета со Христос, Кој со своето присуство исполнува се и насекаде.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest