Book of Common Prayer
Упатства за меѓусебните односи во Црквата
12 Драги христијани по црквите, ве молиме да им оддавате признание на оние што вредно работат меѓу вас, што ве водат во Господовото дело и ве поучуваат; 13 искрено да ги почитувате и да ги сакате заради тоа што го работат. Ве молиме да не се карате.
14 Опоменувајте ги мрзливите, охрабрувајте ги малодушните, помагајте им на слабите и имајте трпение со сите.
15 Гледајте никој никому да не враќа зло за зло. Напротив, однесувајте се добро еден спрема друг и спрема сите луѓе.
16 Бидете секогаш радосни, 17 постојано молете се. 18 Што и да ви се случува прифаќајте го со благодарност, зашто така вие што Му припаѓате на Исус Христос ја исполнувате Божјата волја.
19 Немојте да го задушувате дејствувањето на Светиот Дух. 20 Немојте да ги занемарувате пророштвата. 21 Проверувајте се што се проповеда и држете се до тоа што е добро. 22 Држете се настрана од се што е зло.
Благослови и поздрави
23 Самиот Бог, Кој е извор на мир, нека ве направи целосно свети и нека го зачува чисто целото ваше битие: духот, душата и телото, се до повторното доаѓање на нашиот Господ Исус Христос. 24 На Оној што ве одбра можете да Му верувате. Тој навистина ќе го стори тоа.
25 Драги пријатели христијани, молете се и за нас.
26 Поздравете се меѓусебно со свет бакнеж.
27 Ве задолжувам, во името на Господ, да го прочитате ова писмо пред сите христијани.
28 Нашиот Господ Исус Христос нека ви биде благонаклонет.
29 Потоа Исус им ја кажа оваа споредба: „Имајте ги предвид смоквите и другите дрвја. 30 Кога ќе забележите дека разлистуваат, знаете дека се приближува летото. 31 Така, кога ќе видите дека сите овие работи почнуваат да се случуваат, ќе знаете дека Божјото царство наближува.
32 Ве уверувам, дека оваа генерација[a] нема да изумре, додека сето ова не се исполни. 33 Небото и Земјата ќе исчезнат, но Моите зборови ќе останат засекогаш.“
Повик на будност
34 „Чувајте се да не се занесете во прослави, во пиење или во прекумерни грижи за овој живот, зашто Оној ден ќе ве затекне ненадејно, 35 како замка што ќе дојде по сите луѓе, во целиот свет! 36 Бидете на штрек и молитва во секое време, за да имате сили успешно да го пребродите сето ова што ќе се случи и да застанете исправени пред Синот Човечки[b].“
37 Дење Исус поучуваше во храмот, а ноќите ги минуваше на Маслиновата Гора. 38 И сиот народ, уште рано наутро доаѓаше во храмот, за да Го слуша Исуса.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest