Book of Common Prayer
Воскреснување и вознесување на христијаните
13 Драги пријатели христијани, сакаме да знаете што ќе се случи со оние што се починати, за да не тагувате како луѓето што по ова прашање немаат никаква надеж. 14 Ако ние веруваме дека Исус умре и воскресна, веруваме и дека Бог пак ќе ни Го врати, а со Него ќе ги врати и сите што пред да починат верувале во Исус.
15 Ова ни е кажано од Господ. Тој ни рече дека ние што ќе бидеме живи кога Тој повторно ќе дојде, ќе се сретнеме со Него откако Тој претходно ќе ги воскресне починатите.
16 Господ Лично ќе се симне од небото, со силен глас ќе заповеда, со глас на архангел и со труба Божја, и прво ќе воскреснат оние што верувале во Христос пред да починат; 17 потоа ние што сме живи, заедно со нив, ќе бидеме грабнати во облаците, за да се сретнеме со Господ и засекогаш да останеме со Него. 18 Затоа, утешувајте се и охрабрувајте се меѓусебно со овие зборови.
ИСУС ЈА ПРЕТСКАЖУВА ИДНИНАТА НА СВЕТОТ
1. Разурнувањето на храмот
(Матеј 24:1-2; Марко 13:1-2) 5 Бидејќи некои луѓе зборуваа за храмот, за неговите украсни камења и за подарените работи во него, Исус рече: 6 „Доаѓа време кога од сето ова што го гледате ниеден камен нема да остане на своето место - сe ќе биде разурнато!“
2. Појавата на лажни Месии
(Матеј 24:3-14; Марко 13:3-13) 7 Тогаш тие Го прашаа: „Учителе, кога ќе се случи тоа? По што ќе се познае дека тоа ќе почне да се исполнува?“ 8 А Тој им рече: „Чувајте се да не бидете заведени. Мнозина ќе се појават под Моето име и ќе тврдат: ,Јас сум вистинскиот Месија!‘ и ,Дојде времето!‘ Не одете по таквите!“
3. Војни и прогонства
9 „Нека не ве обзема паника кога ќе чуете за војни и револуции! Сето тоа ќе мора да се случи во почетокот, но тоа не е крајот.“
10 Потоа Тој продолжи: „Ќе се кренат народи и ќе војуваат едни против други, едно царство против друго. 11 Ќе има силни земјотреси, а на разни места ќе има глад и смртоносни епидемии. На небото ќе се јавуваат необични и страшни појави.
12 Но пред сето ова, вас ќе ве апсат и ќе ве прогонуваат. Ќе ве водат на судење по синагогите и ќе ве затвораат. Ќе ве изведуваат пред цареви и владетели, поради вашата вера во Мене. 13 Но тоа ќе бидат можности за вас, да посведочите за Радосната вест. 14 Запомнете дека не треба да се грижите како ќе се браните, 15 зашто Јас ќе ви дадам такви зборови и мудрост на кои вашите противници не ќе можат да им противречат и да им се противставуваат.
16 А ќе ве предаваат и вашите сопствени родители, браќа, роднини и пријатели. Некои од вас ќе бидат и погубени. 17 Сите ќе ве замразат поради вашата вера во Мене. 18 Но, ни влакно од главата нема да ви падне. 19 Останете непоколебливи и ќе ги спасите своите души.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest