M’Cheyne Bible Reading Plan
Победоносна прослава на небото
19 Потоа чув многубројни гласови на небото кои пееја вака:
„Слава на Бога[a]!
2 Зашто Тој суди чесно и справедливо!
Тој ја осуди бесрамната блудница,
и врз неа ја одмазди крвта на Своите следбеници,
зашто таа со своето блудство ја расипа Земјата!“
3 А хорот на небото повторуваше:
„Слава на Бога[b]!
Димот од пламенот во којшто таа гори,
нема никогаш да престане да се крева!“
4 Тогаш дваесет и четирите старешини и четирите живи суштества паднаа ничкум и Му се поклонија на Бог, Кој седеше на престолот, велејќи: „Амин! Слава на Бога!“
Свадбената вечера на Јагнето
5 Од престолот проговори глас и рече: „Славете Го нашиот Бог, вие мали и големи - сите што сте во Негова служба и имате страхопочит спрема Него!“
6 Потоа чув гласови од многуброен народ - звук како од бучава на силни води и како татнеж од громови; тие говореа:
„Слава на Бога!
Господ, нашиот Семоќен Бог ја презеде власта!
7 Да се радуваме, да се веселиме и да Му благодариме на Бог,
зашто дојде свадбата на Јагнето и Невестата[c] е подготвена!
8 Нејзе ќе и се даде свадбена руба од чисто и светло ленено платно, кое ги претставува праведните дела на Божјите свети луѓе[d].“
9 Тогаш ангелот ми рече: „Блазе си им на поканетите на свадбената вечера на Јагнето!“ Потоа додаде: „Овие Божји зборови ќе се остварат!“ 10 Тогаш јас клекнав пред ангелот за да му се поклонам, но тој ми рече: „Немој! И јас сум Божји служител, како што си и ти, и сите други следбеници на Исус. Само на Бог поклонувај Му се! А духот на пророкувањето е јасно да се посведочи за Исус[e].“
Коњаник на бел коњ: враќањето на Исус!
11 Потоа небото се отвори и се појави еден бел коњ. Коњаникот Го нарекуваа ‚Верниот и Вистинитиот‘ и Тој е секогаш справедлив кога суди или кога војува. 12 Очите Му светат како огнен пламен, а на главата носи многубројни круни. Името Му беше напишано, но само Тој знае што значи тоа име.
13 Коњаникот носеше облека натопена во крв; Тој е познат и под името ‚Божји Збор‘. 14 Во Негова придружба беа цели војски од небото, качени на бели коњи, облечени во облеки од чисто, бело ленено платно[f]. 15 Од устата Му излегуваше остар меч, со кој ќе ги порази неверните народи. Тој ќе владее над нив со железен скиптар и ќе го изгази грозјето во кацата на зоврениот гнев на Семоќниот Бог. 16 На Неговата облека, отстрана, беше напишано: ,Цар над царевите и Господар над господарите‘.
Исусовата победа над Ѕверот
17 Тогаш забележав еден ангел кој стоеше на Сонцето и им довикуваше на сите грабливи птици што летаа во небесните височини: „Дојдете и придружете се на Божјата голема гозба! 18 Ќе јадете месо од цареви, владетели, водачи, коњи, коњаници, од луѓе слободни и од робови, од луѓе мали и големи!“
19 Потоа го видов Ѕверот како ги собра владетелите на Земјата и нивните војски за војна против Коњаникот на белиот коњ и Неговите војски. 20 Но Ѕверот беше заробен, а со него и лажниот пророк - оној што правеше чуда во служба на Ѕверот и ги заведуваше сите што имаа белег на Ѕверот и се поклонуваа пред неговата икона. Обајцата беа живи фрлени во Огненото Езеро полно со запален сулфур. 21 Останатите од војската на Ѕверот беа убиени со мечот што излегуваше од устата на Коњаникот на белиот коњ. Сите птици се наситија од нивните трупови.
Апсењето на Исус
(Матеј 26:47-56; Марко 14:43-50; Лука 22:47-53) 18 Откако заврши со молитвата, Исус отиде со Своите ученици од другата страна на сезонскиот поток Кидрон, каде што имаше една овошна градина. Тој и Неговите ученици влегоа во неа.
2 А предавникот Јуда го знаеше тоа место, зашто Исус и Неговите ученици често се собираа таму. 3 Тогаш дојде и Јуда, предводејќи еден одред[a] војници и гардисти на храмот, испратени од свештеничките поглавари и од фарисеите. Тие беа вооружени, а носеа и факли и фенери.
4 Иако знаеше што се мора да Му се случи, Исус излезе и ги праша: „Кого барате?“
5 Тие Му одговорија: „Исусa од Назарет!“
„Јас сум Тој“ - им рече Исус. Таму, со групата, стоеше и предавникот Јуда. 6 Кога Исус им рече, „Јас сум Тој“ - тие се повлекоа и испопаѓаа по земјата.
7 Тогаш Исус повторно ги праша: „Кого барате?“
„Исусa од Назарет“ - повторија тие.
8 Исус им одговори: „Ви реков дека Јас сум Тој. Штом Мене Ме барате, пуштете ги овие луѓе да си одат!“ 9 Тој го направи ова за да се исполнат зборовите што ги рече: „Не загубив ниту еден од оние што Ми ги даде[b].“
10 Тогаш Симон Петар, кој имаше меч, го извлече и го удри слугата на Првосвештеникот, отсекувајќи му го десното уво. Името на слугата му беше Малхус. 11 Исус му заповеда на Петар: „Врати го мечот во канијата! Зар да не ја испијам чашата[c] што Ми ја даде Таткото?“
12 Тогаш римскиот заповедник[d], со својот одред и со гардистите на храмот, Го уапси Исуса. 13 Го врзаа и Го одведоа најнапред кај Анан[e], кој му беше дедо[f] на Кајафа, Првосвештеникот за таа година. 14 Тоа беше истиот оној Кајафа што ги посоветува Евреите дека е подобро еден човек да умре за народот[g].
15 Симон Петар и еден друг ученик одеа по Исус. Тој ученик се познаваше со Првосвештеникот, па влезе заедно со Исус во дворот на Првосвештеникот, 16 а Петар остана надвор, пред влезот. Тогаш другиот ученик, кој се познаваше со Првосвештеникот, излезе и откако зборуваше со вратарката, го внесе и Петар внатре.
17 А вратарката му рече на Петар: „Да не си и ти еден од учениците на Овој човек?“ „Не сум!“ - и одговори тој.
18 Беше студено, па слугите и гардистите стоеја околу огнот што го запалија и се грееја. И Петар дојде кај нив, за да се стопли.
Сослушувањето кај Првосвештеникот
(Матеј 26:59-66; Марко 14:55-64; Лука 22:66-71) 19 Во меѓувреме, Првосвештеникот Го испрашуваше Исуса за Неговите ученици и за Неговото учење.
20 „Јас отворено му зборував на светот“ - му одговори Исус. „Секогаш поучував во синагога или во храмот, каде што сите Евреи се собираат. Ништо не сум зборувал во тајност. 21 Зошто ме прашуваш Мене, што сум им зборувал? Прашај ги оние што Ме слушаа! Тие знаат што зборував!“
22 Штом го рече тоа, еден од гардистите, кој стоеше во близина, Му удри шлаканица на Исус, велејќи: „Така ли се одговара на Првосвештеник!?“
23 Исус му одговори: „Ако реков нешто лошо, кажи што е тоа, а ако ја кажав вистината, зошто Ме удираш?“ 24 Тогаш Анан Го испрати Исуса врзан кај Првосвештеникот Кајафа.
Петар повторно се откажува од Исус
(Матеј 26:71-75; Марко 14:69-72; Лука 22:58-62) 25 Додека Симон Петар се уште стоеше таму и се грееше, некој го праша: „Да не си и ти еден од учениците на Оној човек?“ Петар вторпат одрече, велејќи: „Не сум!“
26 Еден од слугите на Првосвештеникот, кој му беше роднина на Малхус, на кого Петар му го отсече увото, рече: „Зар не те видов и тебе во градината со Оној човек?“ 27 Петар третпат одрече и во тој момент запеа петел.
Исус на суд пред Пилат
(Матеј 27:1-2, 11-14; Марко 15:1-5; Лука 23:1-5) 28 Беше рано наутро кога Го одведоа Исуса откај Кајафа до палатата на гувернерот[h]. Евреите не влегоа во палатата, зашто секаква близина со неевреи би ги опоганила, и тие не би можеле да ја јадат Пасхалната вечера. 29 Пилат излезе кај нив и ги праша: „Какво обвинение поднесувате против Овој човек?“
30 Тие му одговорија: „Да не беше Овој човек злосторник, зар ќе ти го доведовме!?“
31 Но Пилат им рече: „Земете Го и судете Му според вашиот Закон!“ „Нам не ни е дозволено да извршуваме смртна пресуда над никого“ - му рекоа Евреите. 32 Така започна да се исполнува она што го рече Исус за начинот[i] на кој Тој ќе умре.
33 Тогаш Пилат се врати во палатата, Го повика Исуса, и Го праша: „Ти ли си царот на Евреите?“ 34 Исус одговори: „Од тебе ли потекнува ова прашање, или други ти кажувале за Мене?“
35 „Зар сум јас Евреин?“ - одговори Пилат. „Твојот народ и свештеничките поглавари Те предадоа кај мене. Што си сторил?“
36 Исус одговори: „Моето царство не е од овој свет. Да беше Моето царство од овој свет, Моите следбеници ќе се бореа да не им паднам во рацете на еврејските верски водачи. Не, Моето царство не е одовде.“
37 Тогаш Пилат Му рече: „Значи, сепак Ти си цар!?“ „Ти рече дека сум цар“ - одговори Исус. „Јас се родив и дојдов на светот за да бидам сведок за вистината. Секој што ја сака вистината, ќе познае дека ја зборувам вистината и ќе Ме слуша.“
38 Пилат Го праша Исуса: „Што е тоа вистина?“ Штом го рече тоа, повторно излезе кај Евреите и им рече: „Јас не наоѓам никаква вина кај Него. 39 Но, кај вас постои обичај секоја година да барате да ви ослободам по еден затвореник за време на Пасхата. Сакате ли да ви Го ослободам царот на Евреите?“
40 Тие му одговорија со викотница: „Не Него, туку Бараба!“ А Бараба[j] беше бунтовник и убиец, кој се наоѓаше в затвор.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest