M’Cheyne Bible Reading Plan
ПИСМА ДО СЕДУМТЕ ЦРКВИ
1) До изладената црква во Ефес
2 До гласникот[a] на црквата во Ефес, напиши го следново:
Ова ви го порачува Оној што ги држи седумте ѕвезди во Својата десна рака и што оди меѓу седумте златни свеќници:
2 Познати Ми се вашите дела, труд и трпение. Знам дека не поднесувате зли луѓе. Кога некои луѓе се прикажувале за апостоли, а не биле, вие сте ги провериле и сте утврдиле дека тие се лажливци. 3 Непоколебливи и неуморни сте, иако имате претрпено многу заради Мене[b].
4 Но имам нешто против вас: Вие веќе немате таква љубов спрема Мене, каква што имавте на почетокот! 5 Присетете се кај бевте, а кај паднавте сега! Покајте се и постапувајте како на почетокот! Инаку, ако не се покаете, ќе дојдам кај вас и ќе ви го земам свеќникот! 6 Сепак, ова ви е добро: го мразите она што го прават николаитите[c], како што и Јас го мразам.
7 Ако имате слух, послушајте го тоа што Божјиот Дух им го порачува на црквите! На оние што ќе извојуваат победа, ќе им дадам да јадат од животодавното дрво што се наоѓа во Божјата градина[d].
2) До прогонетата црква во Смирна
8 До гласникот[e] на црквата во Смирна, напиши го следново:
Ова ви го порачува Првиот и Последниот - Оној што умре и оживе:
9 Знам за вашите страдања и сиромаштија, но вие сте богати! Знам и за навредите што ви ги нанесуваат луѓе кои себеси се сметаат за Божји народ[f], а не се! Тие се сатанско собрание!
10 Не плашете се од страдањата што ве очекуваат. Наскоро, Ѓаволот некои од вас ќе искуша, фрлајќи ги в затвор. Ќе страдате „десетина дена“. Останете Ми верни дури и ако ве осудат на смрт и Јас ќе ве наградам со венецот[g] на животот!
11 Ако имате слух, послушајте го тоа што Божјиот Дух им го порачува на црквите!
3) До попустливата црква во Пергам
12 „До гласникот[h] на црквата во Пергам напиши го следново:
Ова ви го порачува Оној што држи двострано остар меч:
13 Знам дека живеете во престолнината на Сатаната! Знам и дека цврсто се држите до верата во Моето име. Таму, во жилиштето на Сатаната, вие не се откажавте од верата во Мене ни тогаш кога од вас го зедоа Мојот верен слуга Антипа и го убија.
14 Но имам неколку забелешки против вас: меѓу вас има следбеници на учењето на Балаам[i]. Тој беше оној што го подучи Балак да ги заведе Израелците да јадат месо жртвувано на идоли и да блудничат. 15 Некои од вас, пак, се следбеници на николаитите[j]. 16 Покајте се! Ако не, ќе дојдам кај вас и ќе војувам против тие луѓе со зборови[k] што ќе сечат како меч!
17 Ако имате слух, послушајте го тоа што Божјиот Дух им го порачува на црквите!
4) До компромисната црква во Тијатир
18 „До гласникот[l] на црквата во Тијатир, напиши го следново:
Божјиот Син, чии очи се како огнен пламен, а нозе како блескава бронза, ви го порачува следново:
19 Вашите дела ми се познати. Ги знам љубовта, верноста, службата и трпението ваше. Знам дека напредувате и во последно време имате повеќе достигнувања отколку порано. 20 Сепак, имам една забелешка против вас: вие и дозволувате на Изевела, која самата себеси се нарекува пророчица, да ги заведува Моите следбеници учејќи ги да блудствуваат и да јадат месо жртвувано на идоли. 21 дадов време да се покае, но таа не сака да престане со своето блудство. 22 Внимавајте! Ќе ја казнам со тешка болест што ќе ја врзе за кревет, а нејзините блуднички партнери ќе ги притеснам со големи неволи, доколку не се покаат. 23 Нејзините следбеници ќе ги погубам, за да знаат сите цркви дека Јас Сум Тој што ги суди и мислите и срцата[m]. Со секого од вас ќе постапам онака како што заслужува.
24 А вам останатите во Тијатир, кои не го прифаќате ова погрешно учење и не сте се вклучиле во таканаречените „длабоки тајни“, кои всушност се од Сатаната, ви порачувам дека нема да ви наметнувам дополнителни тешкотии. 25 Само додека се вратам држете се цврсто за учењето што го имате.
26 На оние што ќе излезат како победници - оние што докрај ќе Ми бидат послушни, ќе им дадам власт над народите кои одбиваат да Го почитуваат Бога; 27 тие ќе владеат над нив со железна палка и ќе ги кршат како глинени садови, 28 со иста таква власт каква што примив Јас од Мојот небесен Татко. Ќе им ја дадам и ѕвездата Деница[n].
29 Ако имате слух, послушајте го тоа што Божјиот Дух им го порачува на црквите!“
Евангелието според
Јован
Вечниот Збор
- Христос 1 Уште на почетокот постоеше Зборот. Зборот беше со Бог и Зборот беше Бог. 2 Од самиот почеток, Зборот беше со Бог.
3 Се што постои беше создадено преку Зборот. Не постои ништо создадено, кое не беше создадено преку Зборот! 4 И самиот живот беше во Зборот, и Тој живот им дава светлина на луѓето. 5 Оваа Светлина свети во темнината, и темнината никогаш не може да ја изгаси.
6 Се појави еден човек, по име Јован Крстител, кој беше испратен од Бог. 7 Тој дојде како сведок, за да им каже на сите за Светлината и да ги упати луѓето во верата. 8 Јован не беше Светлината; тој беше само сведок за Светлината. 9 Вистинската Светлина, која го осветлува секој човек, стапуваше на светската сцена.
10 Иако Зборот беше во светот и светот беше преку Него создаден, светот не Го позна. 11 Кај Своите дојде, но тие не Го прифатија. 12 А на сите што Го прифатија - на оние што поверуваа во Него[a] - им даде право да станат Божји чеда. 13 Тие се нановородени, но овојпат не физички, не од телесна похота, или пак од волјата на маж, туку се родени од Бог.
14 Зборот стана човек и живееше меѓу нас. Ние ја видовме Неговата слава - славата што Тој ја прими како Единороден Син од небесниот Татко. Тој беше полн со љубов и искреност.[b]
15 Јован посведочуваше за Него и викаше, велејќи: „Ова е Оној за Кого реков: ,По мене доаѓа еден Човек, Кој е поголем од мене, зашто Тој постоеше уште пред да се родам јас!‘“ 16 Од Неговата полнота сите ние примивме благослов врз благослов, 17 зашто Законот беше даден преку Мојсеј, а Исус Христос ни ги донесе љубовта и вистината[c]. 18 Никој, никогаш не Го видел Бога; но имаме објава за Него, преку Единородниот Син - Кој е Бог, и Кој произлегува[d] од Таткото.
Пораката на Јован Крстител
(Матеј 3:1-12; Марко 1:1-8; Лука 3:1-18) 19 Кога еврејските верски водачи од Ерусалим испратија кај Јован Крстител свештеници и левити за да го прашаат: „Кој си ти?“ - Јован им кажа отворено, 20 тој призна и не порекна, туку им рече: „Јас не сум Месијата[e]!“
21 „Тогаш, кој си?“ - го запрашаа тие пак - „Илија[f] ли си?“ „Не сум!“ - им одговори Јован. „Пророкот[g] ли си?“ „Не сум!“ - одговори тој.
22 „Кажи ни кој си, зашто мораме да им однесеме одговор на оние што не пратија!“ - му рекоа тогаш тие. „Кажи, како се претставуваш себеси?“
23 Јован им одговори цитирајќи го пророкот Исаија:
„Јас сум глас што вика во пустината:
подгответе го патот за Господ[h]!“
24 Некои од испратените беа припадници на фарисеите[i]. 25 Тие го запрашаа: „Зошто тогаш крштаваш, ако не си ни Месијата, ни Илија, ниту Пророкот?“ 26 Јован им одговори: „Јас крштавам во[j] вода, а меѓу вас има Еден, Кого вие не Го познавате. 27 Иако јас дојдов пред Него, сепак не сум достоен ни сандалите да Му ги одврзам!“ 28 Ова се случи во селото Бетанија, од источната страна на реката Јордан, каде што Јован крштаваше.
Божјото Јагне
- Исус 29 Утредента, Јован Го виде Исуса како доаѓа кај него, па рече: „Еве го Божјото Јагне Кое го отстранува гревот на светот!
30 Овој е Тој за Кого реков, ,По мене доаѓа еден Човек Кој е поголем од мене, зашто Тој постоеше уште пред да се родам јас!‘ 31 Јас не знаев Кој ќе биде Тој, туку дојдов да крштавам во вода, за Тој да му биде откриен на Израел.“
32 Тогаш Јован го даде следното сведоштво: „Јас бев таму и Го видов Светиот Дух Кој слезе како гулаб од небото и остана над Него. 33 Јас не ќе Го познаев, но кога Бог ме испрати да крштавам во вода ми рече: ,Врз Кого ќе Го видиш Светиот Дух да се спушта и да остане над Него, Тој е Оној што ќе крштава во[k] Светиот Дух‘. 34 Јас видов дека тоа се исполни над Исус и сведочам дека Тој е Божјиот Син[l].“
Првите ученици на Исус
35 Следниот ден, Јован повторно стоеше со двајца Свои ученици. 36 Тој Го здогледа Исуса како поминува и рече: „Еве Го Божјото Јагне!“ 37 Кога го слушнаа тоа, двајцата Јованови ученици тргнаа по Исус.
38 Исус се сврте и ги виде како одат по Него, па им рече: „Што барате?“ Тие му рекоа: „Раби“, (што во превод значи: „Учителе“), „каде живееш?“
39 „Дојдете и видете!“ - им рече Тој. Така, тие отидоа и видоа каде живее и тој ден останаа кај Него; а беше околу четири[m] часот попладне.
40 Едниот од двајцата што тргнаа по Исус, откако ги слушнаа зборовите на Јован Крстител, беше Андреј, братот на Симон, подоцна наречен Петар. 41 Андреј најнапред го најде својот брат Симон и му рече: „Го најдовме Месијата!“, а тоа преведено на грчки значи Христос[n]. 42 Потоа Андреј го одведе својот брат кај Исус. Исус го впери Својот поглед во него и му рече: „Симоне, сине Јованов, ти ќе се викаш Кефа“ (Тој арамејски збор на грчки може да се преведе како: Петар[o]).
Исус ги повикува Филип и Натанаел
43 Следниот ден Исус реши да замине во Галилеја. Таму го најде Филипа и му рече: „Дојди и биди Мој следбеник!“
44 Филип беше од Бетцаида, од каде што беа Андреј и Петар. 45 Филип го побара Натанаел и му рече:
„Го најдовме Оној Кого Мојсеј Го навести во Божјиот Закон и Кого пророците Го претскажаа. Тоа е Исус, синот на Јосиф од Назарет.“
46 Натанаел му рече: „Може ли нешто добро да произлезе од Назарет!?“
„Дојди, па види!“ - му одговори Филип.
47 Исус забележа дека Натанаел доаѓа кај Него, па рече:
„Еве чесен човек - вистински Израелец[p]!“
48 „Од каде ме знаеш?“ - го праша Натанаел.
„Пред да те повика Филип, Јас те видов кога беше под смоквата“ - му одговори Исус.
49 На ова, Натанаел Му рече: „Раби, Ти си Божјиот Син! Ти си Царот на Израел!“
50 Исус, пак, му рече: „Дали го веруваш тоа само затоа што ти реков дека те видов под смоквата? Ќе видиш и поголеми нешта!“ 51 Потоа додаде: „Ве уверувам дека ќе го видите небото отворено и Божјите ангели како се искачуваат и слегуваат[q] над Мене, Синот Човечки!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest