M’Cheyne Bible Reading Plan
Верата победува
5 Секој што верува дека Исус е Месијата[a], е препородено Божјо чедо. Секој што го сака Родителот, ќе ги сака и Неговите чеда. 2 По што знаеме дека ги сакаме Божјите чеда? По тоа што Го сакаме Бога и ги извршуваме Неговите заповеди. 3 Да Го сакаме Бога значи да се придржуваме до Неговите заповеди без тие да ни претставуваат бреме.
4 Секој што е препородено Божјо чедо може да надвладее против светот. Таа победа против светот се постигнува преку вера во Христос. 5 Кој друг ќе го победи овој свет, ако не оние што веруваат дека Исус е Божјиот Син!?
Тројно сведоштво за Исус
6 Христос ни беше објавен како Божји Син преку Неговото крштавање во водата и преку пролевањето на Неговата крв на крстот[b]. Не само преку вода, туку преку вода и крв. Светиот Дух ни сведочи за тоа, а Нему може да Му се верува. 7 Значи постојат тројца сведоци[c]: 8 Духот, водата и крвта, и сведоштвата на сите тројца сведоци се совпаѓаат.
9 Ако прифаќаме сведочење од човек, Божјото сведоштво е уште посилно. Затоа ние го прифаќаме она што Бог ни го сведочи за Својот Син. 10 Секој што верува во Божјиот Син, го има ова сведоштво во своето срце. Оние што не Му веруваат на Бог, Го прогласуваат Бога за лажливец, бидејќи не Му веруваат на сведоштвото што го даде Тој за Својот Син.
11 Сведоштвото кажува дека Бог ни даде вечен живот и тој живот доаѓа од Неговиот Син. 12 Кој го има Божјиот Син, има вечен живот. Кој го нема Божјиот Син, нема вечен живот.
Одговор на молитви
13 Ова ви го напишав за да знаете дека вие што верувате во името на Божјиот Син имате вечен живот. 14 Заради тоа ние имаме доверба во Бог и знаеме дека кога молиме нешто што е во согласност со Неговата волја, Тој ќе ни го исполни. 15 Знаеме дека кога се молиме Тој не слуша и сигурни сме дека на нашите молитви ќе добиеме одговор.
16 Ако некој од вас гледа дека некој христијанин прави грев што не е за смрт, нека се помоли и Бог ќе му даде живот на оној што згрешил. Ова се однесува на гревови што не се смртоносни. Постои и смртоносен грев и јас не велам дека треба да се молите за оние што го извршиле тој грев. 17 Секоја неправедност е грев, но секој грев не е смртоносен.
18 Знаеме дека ниедно Божјо чедо не продолжува постојано да греши, бидејќи Божјиот Син[d] го чува и Ѓаволот не може да допре до него.
19 Ние, христијаните, знаеме дека потекнуваме од Бог, а световните луѓе се под власта на Ѓаволот. 20 Знаеме и дека Божјиот Син дојде и ни даде разум за да Го препознаеме вистинскиот Бог. Затоа ние сме во единство со вистинскиот Бог и со Неговиот Син, Исус Христос. Тој е вистинскиот Бог, Тој е вечниот живот.
21 Чеда Божји, чувајте се од идоли[e]!
Прашања за Исусовиот авторитет
(Матеј 21:23-27; Марко 11:27-33) 20 Еден ден, додека Исус го поучуваше народот во храмот и му ја проповедаше Радосната вест, Му пријдоа свештенички поглавари, вероучители и старешини 2 и Го прашаа: „Со какво право го вршиш ова? Кој Те овластил?“ 3 А Тој им одговори: 4 „Да ве прашам и Јас нешто. Кажете ми, од каде го доби Јован Крстител правото да крштава: од Бога[a] или од луѓето?“ 5 Тие почнаа меѓу себе да разговараат, прашувајќи се: „Ако кажеме дека го доби од Бога, ќе ни рече: ,Тогаш, зошто не му поверувавте!?‘ 6 Ако пак кажеме дека го доби од луѓето, сиот овој народ ќе нe каменува, зашто е уверен дека Јован беше пророк!“ 7 Затоа, Му одговорија дека не знаат. 8 Тогаш Исус им рече: „Ни Јас нема да ви кажам кој Ми го даде правото да го правам ова што го правам!“
Исус ја кажува споредбата за лозарите
- убијци (Матеј 21:33-46; Марко 12:1-12) 9 Потоа Исус му ја кажа на народот следнава споредба:
„Еден човек си насади лозје, им го даде под наем на лозарите и си замина од тој крај на подолго време. 10 Кога дојде времето за гроздобер, тој прати еден од своите слуги за да му го донесе делот од бербата што му припаѓа како надомест. Но лозарите го натепаа и го испратија со празни раце. 11 Потоа прати друг слуга, но лозарите и него го натепаа, го понижија и го испратија со празни раце. 12 Прати и трет слуга, но лозарите и него го претепаа и го избркаа. 13 Тогаш сопственикот на лозјето рече: ,Што да правам? Ќе го испратам мојот син - љубимецот мој; се надевам дека спрема него ќе покажат почит.‘ 14 Но кога лозарите го видоа синот, си рекоа еден на друг: ,Еве го наследникот! Ајде да го убиеме и да го присвоиме неговото наследство!‘ 15 Исфрлајќи го надвор од лозјето, тие го убија. Сега, што ќе им направи сопственикот на лозарите? 16 Ќе дојде и ќе ги погуби тие злосторници, а лозјето ќе им го даде под наем на други лозари!“ А луѓето што го слушаа ова, рекоа: ,Да не даде Господ вакво нешто да се случи!‘ 17 Исус ги погледна и ги праша: „Тогаш, што значат следниве зборови запишани[b] во Светото Писмо:
,Каменот што ѕидарите го отфрлија, стана камен - темелник‘?
18 Секој што ќе се сопне од тој камен ќе се распарчи, и врз кого тој ќе падне - ќе го здроби!“
За плаќањето данок
(Матеј 22:15-22; Марко 12:13-17) 19 Во тој момент, вероучителите и свештеничките поглавари сакаа да Го уапсат Исуса, бидејќи сфатија дека кажаната споредба се однесува на нив; но се плашеа од народот. 20 Продолжија да Го држат на око, а Му испраќаа и поткажувачи кои се преправаа дека се искрени, за да Го уловат на зборови и да Го поткажат на властите и на покраинските управници. 21 Тие Му велеа: „Учителе, знаеме дека тоа што го зборуваш и го учиш е правилно. Знаеме дека Ти не гледаш на тоа кој е кој, туку вистинито го проповедаш Божјиот пат.
22 Кажи ни, дали ние треба да му плаќаме данок на римскиот император, или не?“ 23 Исус го проѕре нивното лукавство, па им рече: 24 „Покажете ми една римска монета. Чиј лик и име се втиснати на монетата?“ Тие Му одговорија: „На императорот“. 25 Тогаш Исус им рече: „Дајте му го на императорот тоа што му припаѓа на императорот, а на Бога - тоа што Му припаѓа на Бога!“ 26 И не можеа да Го уловат на збор пред народот, па затоа, вчудовидени, замолкнаа.
За воскресението на мртвите
(Матеј 22:23-33; Марко 12: 18-27) 27 Тогаш на Исус Му пријдоа некои садукеи (тие не веруваат во воскресение на мртвите) и Го прашаа: 28 „Учителе! Мојсеј ни остави ваков пропис: Ако некој човек умре, оставајќи ја својата жена без пород, тогаш со неа нека се ожени братот на починатиот, за да му подигне пород кој ќе се смета за потомство на починатиот човек. 29 Си беа седуммина браќа. Најстариот се ожени и умре без да има деца. 30 Тогаш вториот по возраст брат ја зеде жената, 31 а по него и третиот, и така по ред - до седмиот. Сите тие умреа не оставајќи пород зад себе. 32 На крајот умре и жената. 33 Сега, чија жена ќе биде таа по воскресението, со оглед на тоа што им била жена на сите седуммина?“
34 Исус им одговори: „На овој свет мажите и жените стапуваат во брак, 35 додека оние што ќе бидат достојни за оној свет и за воскресението, ниту ќе бидат женети, ниту мажени. 36 Тие ќе бидат како ангели и ќе бидат бесмртни. Ќе бидат Божји чеда, бидејќи се чеда на воскресението. 37 А и Мојсеј јасно покажа дека мртвите воскреснуваат, кога во настанот со ,разгорената грмушка‘ Му се обрати на Господ со: ,Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов.‘ 38 Очигледно, Тој е Бог на живите, а не на мртвите, и за Него сите се живи!“ 39 На ова, некои од вероучителите Му рекоа: ,Добро им одговори, Учителе!‘ 40 И повеќе не се осмелија да Му поставуваат никакви прашања.
Потеклото на Месијата
(Матеј 22:41-46; Марко 12:35-37) 41 Исус ги запраша: „Како може да се смета дека Месијата е потомок на Давид? 42 Не вели ли самиот Давид, во книгата на Псалмите, вака:
,Јахве[c] Му рече на Мојот Господ: седни од Мојата десна страна, 43 додека не ги соборам Твоите непријатели под нозете Твои!‘
44 Значи, Давид Го нарече Него ,Господ‘; како може, тогаш, Месијата да биде Давидов потомок?“
Исус ги критикува верските водачи
(Матеј 23:1-36; Марко 12:38-40) 45 Додека сиот народ Го слушаше, Исус им се обрати на Своите ученици: 46 „Чувајте се од вероучителите кои сакаат да шетаат во своите долги облеки и да бидат поздравувани на јавните места; да седат на челните места по синагогите и на почесните места на гозбите! 47 Тие ги искористуваат вдовиците и ги ограбуваат нивните домови, а потоа редат долги молитви! Затоа, тие ќе бидат посурово казнети!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest