M’Cheyne Bible Reading Plan
Двајца таинствени пророци
11 Потоа ми беше даден еден дрвен метар за мерење и ми беше речено: „Измери го Божјиот храм, жртвеникот и изброј ги сите богослужители во храмот! 2 А дворот околу храмот изостави го и не мери го. Тој дел им е предаден на нееврејските народи; четириесет и два месеци тие ќе газат по светиот град. 3 Потоа Јас ќе испратам двајца Мои пророци, кои облечени во траурни облеки[a] ќе проповедаат илјада двесте и шеесет дни. 4 Овие двајца пророци се двете маслинови дрвја и двата свеќници што се наоѓаат пред Господарот на Земјата. 5 Доколку некој се обиде да им напакости, оган ќе излезе од нивните усти и ќе ги погуби нивните непријатели! На таков начин ќе биде погубен секој што ќе се обиде да им напакости. 6 Тие ќе бидат овластени да го затворат небото за да не врне дожд, за време на нивното пророкување. Ќе им биде дадена моќ да ги претвораат водите во крв и да ја казнуваат Земјата со секакви неволи, колку што пати ќе посакаат.
7 Кога двајцата пророци ќе завршат со своето проповедање, ќе се појави Ѕверот што живее во Бездната и ќе војува против нив; тој ќе ги надвие и ќе ги убие. 8 Нивните мртви тела ќе бидат изложени на плоштадот во големиот град, во кој беше распнат и нивниот Господ. Според духовната состојба во него, тој град може да се нарече „Содом“ и „Египет“.
9 Три и пол дена, луѓе од секој народ, племе, јазик и раса ќе доаѓаат да ги гледаат нивните тела и нема да дозволат телата да бидат погребани. 10 Луѓето што се врзани само за овој свет ќе се веселат и ќе се радуваат, ќе си даваат подароци едни на други, зашто овие двајца пророци им нанесуваа големи страдања.
11 Но по три и пол дена, во нивните тела ќе се врати животодавниот дух од Бог и тие ќе станат. Голем страв ќе ги зафати оние што ќе ги гледаат!
12 Тогаш чув глас од небото, кој на двајцата пророци им рече: „Искачете се овде!“ Пред очите на нивните непријатели, тие во облак се вознесоа на небото.
13 Во исто време, градот го погоди страшен земјотрес. Една десетина од градот беше разурната, а седум илјади души загинаа. Преживеаните ги обзеде голем страв и Му оддадоа слава на небесниот Бог.
14 Втората мака помина, но еве, веќе пристигнува и третата!
7) Седмата труба: богослужба на небото
15 Седмиот ангел затруби и од небото зататнеа силни гласови, кои говореа:
„Власта над целиот свет Му припаѓа на нашиот Господ
и на Неговиот Помазаник[b], Кој ќе владее во вечни векови!“
16 Тогаш дваесет и четирите старешини што седеа на своите престоли пред самиот Бог, паднаа ничкум и Му се поклонија на Бог, 17 говорејќи:
„Господе, Семоќен Боже, Ти Којшто постоиш, и Кој отсекогаш си постоел:
Ти благодариме, што најпосле во Свои раце ја презеде
големата власт и што Твоето владеење започна!
18 Народите кои не Те почитуваат го истурија својот бес, но сега дојде времето на Твојот гнев! Дојде време да им се суди на умрените, да се наградат Твоите слуги, пророците, и сите Божји луѓе - оние што имаат страхопочит спрема Твоето име, мали и големи. Дојде време да бидат уништени уништувачите на Земјата!“
19 Во тој миг се отвори вратата на Божјиот храм што се наоѓа на небото и се виде Ковчегот на Заветот[c]. Болснаа молскавици, зататнеа грмежи, Земјата ја погоди земјотрес и врнеж од огромни зрна град!“
Исус како добар Пастир
10 Ве уверувам дека, штом некој не влегува низ вратата на трлото, туку се обидува да прескокне на друго место, тој е крадец и разбојник. 2 Вистинскиот пастир на овците влегува низ вратата. 3 Нему вратарот Му отвора. Овците го слушаат Неговиот глас, а Тој ги повикува Своите овци по име и ги изведува. 4 Кога ќе ги изведе сите Свои овци, Тој оди пред нив, а Неговите овци Го следат, бидејќи Му го познаваат гласот. 5 Тие никогаш нема да следат туѓинец[a], туку ќе бегаат од него, бидејќи не му го познаваат гласот.“ 6 Исус им ја кажа оваа алегорична приказна, но тие не разбраа што сакаше да им каже.
7 Тогаш Исус повторно им рече: „Ве уверувам дека Јас сум вратата за овците. 8 Сите[b] што дојдоа пред Мене беа крадци и разбојници, но Божјите овци не ги послушаа. 9 Јас сум вратата. Секој што ќе влезе преку Мене, ќе се спаси; ќе може да влегува, да излегува[c] и да наоѓа пасиште. 10 Крадецот доаѓа само за да украде, да убие и да уништи. Јас дојдов за да дадам живот - и тоа живот во сета негова полнота.
11 Јас сум добриот Пастир. Добриот пастир го дава Својот живот за овците. 12 Наемникот не е вистински пастир; овците не се негови, и кога тој ќе забележи дека се приближува волк ги остава овците и бега. Тогаш волкот го напаѓа стадото и го распрснува. 13 Наемникот бега, зашто е наемник и не му е грижа за овците.
14 Јас сум добриот Пастир. Јас ги познавам Моите овци и тие Ме знаат Мене, 15 како што Таткото Ме знае Мене, и како што Јас Го знам Таткото. И Својот живот го давам за овците. 16 Имам и други овци, кои не се од ова стадо. И нив треба да ги приберам, кога ќе го слушнат Мојот глас. Тогаш ќе има едно стадо и еден Пастир. 17 Таткото Ме сака, бидејќи Јас го давам Својот живот за повторно да си го земам. 18 Никој не ми го одзема животот, туку Јас доброволно го давам. Имам моќ да го дадам Својот живот и имам моќ повторно да си го вратам. Ова овластување го примив од Мојот Татко.“
19 Заради овие зборови на Исус, повторно се појави раздор меѓу еврејските верски водачи. 20 Многумина од нив велеа: „Обземен е од демон! Полудел! Зошто Го слушате!?“
21 Други, пак, велеа: „Овие зборови не се зборови на човек обземен од демон! Може ли човек што е обземен од демон да им ги отвора очите на слепи луѓе!?“
Исус е отфрлен
22 Беше зима и во Ерусалим се славеше празникот Ханука[d]. 23 Исус се шеташе во храмот, под Соломоновиот трем. 24 Еврејските верски водачи се насобраа околу Него и Го прашаа: „До кога ќе не држиш во неизвесност? Ако си Ти Месијата, кажи ни отворено!“
25 Исус им одговори: „Јас ви кажав, но вие не верувате. Делата[e], што ги вршам во името на Мојот небесен Татко, покажуваат кој сум Јас. 26 И покрај тоа, вие не верувате, зашто не сте од Моите овци[f]. 27 Моите овци го познаваат Мојот глас. Јас ги познавам, а тие Ме следат. 28 Јас им давам вечен живот и тие никогаш нема да згинат. Никој не може да ги грабне од Мојата рака. 29 Мојот Татко, Кој Ми ги даде, е посилен од сите[g]. Никој не може да ги грабне од раката на Мојот Татко. 30 Јас и небесниот Татко сме едно.“
31 Еврејските верски водачи повторно грабнаа камења, за да Го каменуваат. 32 Исус им рече: „По упатство на Мојот небесен Татко направив многу добри дела со кои им помогнав на луѓето. Поради кое од тие добри дела Ме каменувате?“
33 Еврејските водачи Му одговорија: „Не Те каменуваме поради добрите дела, туку поради богохулство, зашто, иако си човек, се правиш Бог!“
34 Исус им одговори: „Зар не е запишано во вашиот Закон[h] дека Бог вели за народните водачи: ,Јас реков, богови[i] сте‘? 35 Ако Бог ги нарече богови оние на кои им беше дадена Божјата порака (а знаеме дека тоа што го вели Светото Писмо е секогаш точно), 36 како, тогаш, вие велите за Оној што Таткото Го освети и испрати во светот, дека хули на Бога, затоа што рекол ,Јас сум Божјиот Син‘? 37 Ако Јас не го правам истото она што го прави и Мојот небесен Татко, тогаш немојте да Ми верувате. 38 Но, ако го правам истото, тогаш, дури и да не Ми верувате Мене, верувајте им на делата, за да сфатите[j] еднаш засекогаш дека Таткото е во Мене и Јас сум во Таткото!“ 39 Тогаш тие уште еднаш се обидоа да Го уапсат, но Тој им се истргна од рацете и си замина.
40 Потоа Исус повторно отиде од другата страна на реката Јордан, на местото каде што Јован Крстител во почетокот крштаваше, и таму остана. 41 Многумина доаѓаа кај Него и велеа: „Јован не направи ниту едно чудо, но се што рече Јован за овој човек беше вистина.“ 42 И голем број луѓе таму поверуваа во Исус.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest