M’Cheyne Bible Reading Plan
Јагнето и Неговите 144.000 следбеници
14 Понатаму, во моето видение Го видов Јагнето како стои на гората Сион[a]. Со Него стоеја 144.000 луѓе кои на своите чела го носеа напишано Неговото име и името на Неговиот небесен Татко. 2 Тогаш од небото чув громогласен звук како од силен водопад. Звукот прилегаше на музика од голем број свирачи на харфи. 3 Таму, пред Божјиот престол, пред четирите живи суштества и пред старешините, стоеја 144.000 души откупени од Земјата и пееја една нова песна што ја знаеја само тие. 4 Овие луѓе се духовно неопоганети, чисти како девственици и Го придружуваат Јагнето секаде каде што оди. Тие се откупени меѓу луѓето и први[b] ќе бидат претставени пред Бог и пред Јагнето. 5 Нивните усти никогаш не изговориле лага; тие се луѓе без пороци.
Пораки од три ангели
6 Потоа забележав еден друг ангел кој леташе во небесните височини. Тој го носеше вечното Евангелие за да им го проповеда на луѓето од сите раси, племиња, јазици и народи на Земјата. 7 Ангелот говореше со мошне силен глас, велејќи: „Покажете страхопочит спрема Бог, зашто дојде времето Тој да им суди на сите! Поклонете Му се на Создателот на небото, на Земјата, на морињата и на водените извори!“
8 По него настапи уште еден ангел и извика: „Падна, падна големиот Вавилон - градот што со своето жестоко вино и со својот неморал ги опиваше и ги заведуваше сите народи!“
9 По вториот ангел настапи и трет ангел, кој со сиот глас викаше: „Секој што ќе му се поклони на Ѕверот и на неговата икона, и ќе прими белег на своето чело или на својата рака, 10 ќе го пие жестокото вино на Божјиот гнев, што е веќе налеано во чашата на Неговиот гнев, и ќе биде мачен во оган и запален сулфур, во присуство на светите ангели и на Јагнето! 11 Димот од нивното мачење ќе се крева во вечни векови и тие нема да имаат спокојство ни дење ни ноќе! Таква ќе им биде казната на оние што ќе му се поклонат на Ѕверот и на неговата икона и ќе го примат белегот на неговото име. 12 А Божјите луѓе се повикани на трпеливост, на послушност спрема Божјите заповеди и на вера во Исус.
13 Потоа еден глас од небото ми рече: „Запиши го ова: Благословени се оние што отсега натаму умираат со вера во Господ!“ А Духот одговори: „Да, тие ќе отпочинат од своите напори, зашто резултатите од нивниот труд ќе ја продолжат[c] службата!“
Навестување за враќањето на Исус и за духовната жетва
14 Потоа во моето видение забележав еден блескаво бел облак. На него седеше Некој што личеше на Синот Човечки[d], со златен венец на главата и остар срп во раката. 15 Тогаш од храмот излезе еден друг ангел и на цел глас Му рече на Оној што седеше на облакот:
„Замавни со српот и почни да жнееш, зашто дојде времето за жетва; Земјата е зрела за жетва!“ 16 Тогаш Оној што седеше на облакот замавна со српот и ја ожнеа Земјата.
17 Потоа од Храмот на небото излезе и друг ангел; и тој имаше остар срп во раката. 18 Во тој миг откај жртвеникот излезе уште еден ангел - кој го надгледуваше огнот на жртвеникот - и со силен глас му се обрати на ангелот со остриот срп: „Замавни со својот срп и обери го сето грозје од лозјето на Земјата, зашто тоа е веќе узреано!“ 19 Тогаш ангелот замавна со српот и го обра сето грозје на Земјата и го собра во големата каца на Божјиот гнев. 20 Грозјето во кацата беше изгмечено надвор од градот. А кога се гмечеше, од кацата се разлеа река од крв долга околу триста километри[e], чија длабочина досегаше до уздите на коњите.
Исус им ги мие стапалата на Своите ученици
13 Беше ден пред празникот Пасха. Исус знаеше дека дојде времето да замине од овој свет и да се врати кај Таткото. Тој отсекогаш ги сакаше Своите следбеници кои беа во светот, и остана да ги сака докрај[a].
2 За време на вечерата (а Ѓаволот веќе го беше поттикнал срцето на Јуда Искариот, син на Симон, да Го предаде), 3 Исус, знаејќи дека Таткото Му предал се во Негови раце и дека од Бог излегол и кај Бог се враќа, 4 стана од вечерата, ја соблече наметката и се препаша со крпа. 5 Потоа Тој налеа вода во леген и започна да им ги мие стапалата на учениците и да им ги брише со крпата со која беше препашан.
6 Кога стигна до Симон Петар, овој Му рече: „Господе, зар Ти да ми ги миеш стапалата!?“ 7 Исус му одговори: „Ти сега не го разбираш ова што Јас го правам, но подоцна ќе сфатиш.“ 8 „Не!“ - му рече Петар - „Ти никогаш нема да ми ги миеш стапалата!“ „Ако не те измијам“ - му одговори Исус - „нема да имаш дел со Мене!“
9 „Господе“, - му рече Симон Петар - „тогаш измиј ми ги не само стапалата, туку и рацете и главата!“
10 Исус му рече: „На искапаниот треба само стапалата да му се измијат, затоа што целиот е чист[b]. Вие сте чисти, но не сите. 11 Исус знаеше кој ќе Го предаде и затоа рече: „Сите не сте чисти“.
12 Откако им ги изми стапалата и ја облече наметката, Исус повторно седна и им рече: „Сфаќате ли што направив за вас? 13 Ме нарекувате Учител и Господ, и со право така велите, зашто Јас навистина сум тоа. 14 Кога Јас, вашиот Господ и Учител, ви ги измив стапалата, тогаш и вие треба да си ги миете стапалата еден на друг. 15 Јас ви дадов пример за да постапувате и вие како што Јас постапив со вас. 16 Ве уверувам дека слугата не е поголем од господарот, ниту пратеникот од оној што го испратил. 17 Штом ги знаете овие работи, благословени ќе бидете ако ги извршувате.
18 Не ви се обраќам на сите. Јас ги знам оние што сум ги избрал. Но она што го вели Светото Писмо мора де се исполни. А тоа вели: ,Оној што заедно со мене јадеше, ја крена својата петица против мене[c]‘.
19 Ви ги кажувам овие работи уште пред да се случат, па кога ќе се исполнат, да поверувате дека Јас Сум[d] Тој што Сум. 20 Ве уверувам дека секој што го прима оној што Јас го испраќам - Мене Ме прима; а Кој Ме прима Мене - Го прима Оној што Ме испрати.“
Исус претскажува дека ќе биде предаден
(Матеј 26:20-25; Марко 14:17-21; Лука 22:21-23) 21 Откако го рече ова, Исус длабоко се натажи и рече: „Ова што ќе ви го кажам е вистина: еден од вас ќе Ме предаде!“
22 Учениците започнаа да се загледуваат еден во друг, прашувајќи се за кого зборува. 23 Еден од Неговите ученици беше навален[e] на Исусовите гради. Тој му беше најомилениот ученик на Исус. 24 Нему Симон Петар му даде знак да праша на кого се однесува реченото?
25 Тој повторно се навали на Исусовите гради и Го праша: „Господе, за кого зборуваш?“
26 Исус му одговори: „Тоа е оној на кого ќе му го дадам залакот што ќе го макнам.“ Потоа го макна залакот и му го даде на Јуда Искариот, син на Симон. 27 Веднаш по залакот, Сатаната влезе во Јуда. Исус, пак, му рече: „Направи го брзо тоа што си наумил да го направиш!“
28 Но никој од присутните не разбра зошто Исус му рече така. 29 Јуда беше задолжен за ќесето со пари, па некои помислија дека Исус му порачува да купи се што е потребно за празникот, или да им даде нешто на сиромасите. 30 Кога Јуда го прими залачето леб веднаш излезе. А беше ноќ.
Нова заповед
31 Кога Јуда излезе, Исус рече: „Сега Синот Човечки ќе биде прославен и Тој ќе Му донесе слава на Бог. 32 Штом Тој ќе Му донесе слава на Бог, тогаш и Бог ќе Го прослави Него и тоа ќе биде наскоро!
33 Чеда Мои, уште малку сум со вас. Потоа ќе Ме барате, но како што им кажав на еврејските старешини, така и вам сега ви кажувам: вие не можете да дојдете таму каде што Јас заминувам.
34 Нова заповед ви давам: „Сакајте се еден со друг! Како што Јас ве засакав, така и вие да се сакате еден со друг. 35 Ако се сакате еден со друг, луѓето ќе знаат дека сте Мои ученици.“
Исус го претскажува откажувањето на Петар
(Матеј 26:31-35; Марко 14:27-31; Лука 22:31-34) 36 Симон Петар Му рече: „Господе, каде заминуваш?“
Исус му одговори: „Ти сега не можеш да дојдеш таму каде што Јас заминувам, но ќе Ми се придружиш подоцна.“
37 Петар Му рече: „Господе, зошто не можам да Ти се придружам сега? Јас сум готов и својот живот да го положам за Тебе!“
38 „Твојот живот ли ќе го положиш за Мене?“ - му возврати Исус. „Те уверувам, дека, уште пред да запее петел - ти трипати ќе порекнеш дека воопшто Ме познаваш!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest