Print Page Options
Previous Prev Day Next DayNext

New Testament in a Year

Read the New Testament from start to finish, from Matthew to Revelation.
Duration: 365 days
Macedonian New Testament (MNT)
Version
Дела Ап 27:1-26

ПАВЛЕ ОТПЛОВУВА КОН РИМ

27 Кога беше решено да не носат за Италија, Павле и неколку други затвореници, му беа предадени на еден офицер[a] од Августовиот[b] полк по име Јулиус. Се качивме на еден брод, чие матично пристаниште беше Адрамитија. Тој се подготвуваше да плови покрај местата од брегот на Азија што ни беа на пат. Со нас беше и Аристарх, Македонец од Солун.

Следниот ден пристигнавме во Сидон. Римскиот офицер Јулиус беше многу љубезен со Павле и му дозволи да отиде кај неговите пријатели, за да го снабдат со се што му е потребно.

Откако отпловивме оттаму, скршнавме накај Кипар, зашто ветровите не ни дозволуваа да продолжиме во планираната насока. Поминавме покрај бреговите на покраините Киликија и Памфилија, па дојдовме до местото Мира во покраината Ликија. Таму офицерот најде еден египетски брод од Александрија што требаше да плови за Италија и не префрли на него.

Долго време пловевме бавно и тешко и одвај дојдовме до брегот на Книд. Ветрот не ни дозволуваше да впловиме во Книд, па отпловивме на спротивната страна од островот Крит, заобиколувајќи го ’ртот Салмона. Со голема мака го заобиколивме и дојдовме до местото наречено Добри Пристаништа, близу до градот Ласеја.

Изгубивме многу време и повеќе не беше безбедно да се плови, зашто веќе беше поминал и Големиот есенски пост[c], па Павле ги советуваше одговорните на бродот: 10 „Луѓе, гледам дека пловидбата тешко ќе оди и ќе има големи опасности, не само за товарот и бродот, туку и за нашите животи.“ 11 Меѓутоа офицерот повеќе им веруваше на кормиларот и на сопственикот на бродот, отколку на она што го рече Павле. 12 Ова пристаниште не беше погодно за презимување, па мнозинството реши да отпловиме оттаму и да се обидеме да допловиме до Феникс, па да презимиме во тоа критско пристаниште, свртено и кон југозапад и кон северозапад.

1) Бура меѓу Крит и Малта

13 Кога дувна тивок јужен ветер, морнарите мислеа дека условите се поволни, па ја дигнаа котвата и запловија крај брегот на Крит. 14 Но по кратко време дувна против нас ветер со ураганска сила, наречен североисточник. 15 Зафатени од ветерот и не можејќи да пловиме наспроти него, кренавме раце и се препуштивме ветерот да не носи. 16 Кога поминавме во завет на едно островче наречено Кавда[d], одвај успеавме да го зачуваме чамецот за спасување, кој беше трескан од брановите. 17 Морнарите го качија горе и го врзаа со јажиња за бродот. Постоеше опасност да заринкаме на песочните наноси кај Сирт, па затоа ја спуштија котвата и го оставија бродот слободно да плови.

18 Следниот ден бурата толку силно не фрлаше наваму-натаму што морнарите почнаа да го исфрлаат товарот в море. 19 На третиот ден ја исфрлија и опремата на бродот, а и се што им дојде под раце. 20 Веќе долго време не се појавуваа ни сонцето, ниту ѕвездите, а бурата продолжуваше да беснее, така што конечно изгубивме секаква надеж дека ќе се спасиме.

21 Луѓето веќе долго време немаа апетит и не јадеа. Тогаш стана Павле и им рече: „Требаше да ме послушате и да не испловите од Крит. Така ќе се поштедевте од овие неволи и загуби. 22 Сега ве советувам да се држите храбро, зашто никој од вас нема да загине. Ќе биде уништен само бродот. 23 Минатата ноќ застана крај мене ангел пратен од Бога, Кому јас Му припаѓам и служам, 24 и ми рече: ,Не плаши се, Павле! Ти сигурно ќе стигнеш до императорот, а заради тебе, Бог ќе им ги поштеди животите и на сите што пловат со тебе.‘ 25 Затоа, луѓе, разведрете се! Јас верувам дека тоа што Бог ми го кажа ќе се оствари. 26 Ќе бидеме исфрлени на некој остров, но бродот ќе биде уништен.“

Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest