Print Page Options
Previous Prev Day Next DayNext

New Testament in a Year

Read the New Testament from start to finish, from Matthew to Revelation.
Duration: 365 days
Macedonian New Testament (MNT)
Version
Дела Ап 16:22-40

22 Против Павле и Сила веднаш нагрвали толпа народ, а судиите наредија да им ги соблечат горните облеки и да ги тепаат со стапови. 23 Откако сурово ги претепаа, ги фрлија в затвор и му наредија на чуварот добро да внимава на нив. 24 Чуварот ја спроведе наредбата, ги фрли во најдлабокиот дел од затворот и им ги стегна нозете во пранги.

25 Околу полноќ, Павле и Сила се молеа и со песна Го славеа Бога, а затворениците ги слушаа. 26 Одеднаш силен земјотрес ги измести темелите на затворот; сите врати се отворија и прангите на сите затвореници им паднаа од нозете. 27 Чуварот се разбуди и кога виде дека вратите на затворот се отворени, го извади мечот за да се убие, мислејќи дека затворениците избегале. 28 Тогаш Павле силно викна и му рече: „Немој да се убиваш! Сите сме овде!“

29 Чуварот побара ламба и влезе внатре треперејќи, па клекна пред Павле и Сила. 30 Ги изведе надвор и им рече: „Господа, што треба да сторам, за да се спасам?“ 31 Тие му одговорија: „Поверувај во Господ Исус и ќе бидете спасени ти и твоите домашни!“ 32 Потоа тие нему и на сите што беа во неговиот дом им проповедаа за Господ, 33 а тој, уште ноќта, им ги изми раните и не чекајќи ниту миг беше крстен, и тој и сите негови домашни. 34 Ги одведе горе, во својата куќа, постави пред нив трпеза, па тој и сите негови домашни многу се радуваа што поверуваа во Бог.

35 Кога се раздени, градските судии испратија службеници да му речат на чуварот: „Ослободи ги тие луѓе!“ 36 Чуварот му ги пренесе овие зборови на Павле: „Судиите ми наредија да ве ослободам, затоа слободно одете си.“

37 Меѓутоа, Павле им одговори: „Ние сме римски граѓани, а властите наредија јавно да не тепаат, без да ни се суди. Потоа не затворија. Зар сега сакаат тајно да не ослободат? Не може така! Нека дојдат судиите и тие лично нека не ослободат!“

38 Службениците им ја пренесоа на судиите пораката, а овие, кога дознаа дека Павле и Сила се римски граѓани, се уплашија. 39 Дојдоа, им се извинија, ги извадија од затворот и ги молеа да го напуштат градот. 40 Кога излегоа од затворот, Павле и Сила отидоа во домот на Лидија за да се видат со христијаните и да ги охрабрат, а потоа отпатуваа.

Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest