New Testament in a Year
ТРЕТОТО МИСИОНЕРСКО ПАТУВАЊЕ
НА АПОСТОЛ ПАВЛЕ
19 Додека Аполос беше во Коринт, Павле патуваше низ внатрешноста, во околината на Ефес, а потоа се симна во градот. Таму најде неколку нови Христови следбеници, 2 и ги праша: „Го примивте ли Светиот Дух кога поверувавте?“
Тие му одговорија: „Ние и не знаеме дека постои Свет Дух!“
3 Тогаш Павле ги праша: „А како сте крстени?“
„Онака како што крштаваше Јован Крстител“ - му одговорија тие.
4 Павле им рече: „Јован ги крштаваше луѓето кои се каеја поради своите гревови. И самиот тој им велеше на луѓето дека е неопходно да веруваат во Оној што доаѓа веднаш по него, а тоа беше Исус.“
5 Кога го слушнаа ова, одново се крстија, овојпат во името на Господ Исус. 6 Потоа Павле се помоли за нив, положувајќи ги над нив рацете и Светиот Дух слезе врз нив, па тие почнаа да зборуваат на други јазици и да пророкуваат[a]. 7 Во таа група беа околу дванаесет мажи.
1) Апостол Павле проповеда во Ефес
8 Потоа Павле одеше во ефешката синагога три месеци каде со голем жар им проповедаше на Евреите, се расправаше со нив и ги убедуваше во врска со Божјото царство. 9 Кога еден дел од нив тврдоглаво одбија да поверуваат и почнаа јавно да зборуваат лоши работи за Христовото учење[b], Павле ја напушти синагогата, но ги поведе со себе оние што поверуваа во Христа и секојдневно проповедаше во училиштето на Тиран. 10 Ова продолжи во текот на две години, така што сите жители на Азија[c], и Евреи и Грци, имаа можност да ја слушнат Господовата порака.
11 Бог преку Павле правеше многу необични чуда, 12 така што дури и кога врз болните ќе ставеа шамивче или дел од облека што се допрела до телото на Павле болестите исчезнуваа, а обземените се ослободуваа од демонските духови.
13 Неколку Евреи што патуваа од место во место и истеруваа демони, се обидоа над обземените од демонски духови да го употребат името на Господ Исус велејќи: „Во името на Исус, Оној за Кого Павле проповеда, ви наредуваме да излезете!“ 14 Тоа го правеа седумтемина синови на еврејскиот Првосвештеник Скева. 15 Но демонскиот дух им одговори: „Исус Го знам, а и Павле го знам, но вас не ве знам!“ 16 Па го натера човекот во кој беше влезен да се нафрли врз нив и да ги претепа, па тие голи и испоранети избегаа од куќата.
17 За ова дознаа сите што живееја во Ефес, и Евреи и Грци, па ги фати страв и искажуваа голема почит спрема името на Господ Исус. 18 Мнозина од оние што поверуваа доаѓаа и се исповедаа, признавајќи ги своите грешни дела. 19 Дури и некои од оние што се занимавале со магии ги донесуваа своите книги за магии и пред сите ги запалуваа. Цената на запалените книги изнесуваше педесет илјади сребреници[d]. 20 Така пораката за Господ брзо се ширеше и јакнеше[e].
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest