New Testament in a Year
2) Павле оди за Македонија и Ахаја (Грција)
20 Кога стивна вревата, Павле ги собра христијаните од Ефес и ги охрабри. Се збогува со нив и тргна за Македонија. 2 Патем, во сите градови низ кои поминуваше, со многу проповеди ги храбреше христијаните. Потоа замина за Грција. 3 Таму остана три месеци. Токму кога се подготвуваше да тргне на пловидба кон Сирија дозна дека група Евреи коваат заговор против него. Затоа реши да се врати преку Македонија.
4 На тој пат го придружуваа: Сопатер, синот на Пир од Верија, Аристарх и Секунд, од Солун, Гај од Дерба, Тимотеј, како и Тихик и Трофим од областа Азија. 5 Тие отидоа пред нас и не чекаа во Троада. 6 Откако заврши празникот на Бесквасните лебови, ние отпловивме од Филипи и по пет дена им се придруживме во Троада. Таму останавме седум дена.
3) Павле последен пат ја посетува Троада
7 Еден неделен ден бевме собрани на Причест[a], а Павле ги поучуваше насобраните, па ја одолжи проповедта се до полноќ, зашто следниот ден се подготвуваше да замине. 8 Во горната соба, каде што бевме собрани, имаше многу ламби. 9 Едно момче, по име Евтих, седејќи крај прозорецот, задрема, бидејќи Павле долго проповедаше. Сонот го совлада и Евтих падна од третиот кат. Кога го кренаа, беше мртов. 10 Павле слезе долу, се наведна над него, го гушна и рече: „Не грижете се, жив е!“ 11 Потоа сите се вратија во горната соба, и заедно зедоа Причест. Павле продолжи да им проповеда се до мугрите, кога си замина. 12 Во меѓувреме, момчето го одведоа дома живо и здраво, што беше големо олеснување за сите.
13 Павле реши да патува за Асос по копно. Ние, останатите, тргнавме со брод до Асос и се договоривме таму да го земеме со нас и Павле. 14 Се сретнавме во Асос, го зедовме со нас и отпловивме за Митилена. 15 Утредента пловевме покрај островот Киос, следниот ден поминавме покрај островот Самос, а по уште еден ден пловење, пристигнавме во Милет.
16 Павле беше решил да го заобиколи Ефес и да не се задржува во Азија, зашто брзаше, ако е можно, до празникот Духовден[b] да пристигне во Ерусалим.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest