New Testament in a Year
ПРВОТО МИСИОНЕРСКО ПАТУВАЊЕ НА ПАВЛЕ
13 Меѓу пророците и учителите во антиохиската[a] црква беа и Барнаба, Симон наречен ,Црнец‘[b], Луцие од Кирена, Менахем, кој беше израснал со царот[c] Ирод, и Савле. 2 Еден ден, додека Му служеа на Господ и постеа, Светиот Дух им рече: „Одвојте ми ги Барнаба и Савле за една посебна задача што сакам да им ја доверам!“ 3 Откако постеа и се молеа, нивните соработници ги положија рацете врз нив и ги испратија.
1) Мисија во Кипар
4 Савле и Барнаба, испратени од Светиот Дух, слегоа во пристаништето Селевкија, а оттаму отпловија за островот Кипар. 5 Таму, во градот Саламис[d], одеа по еврејските синагоги и ја проповедаа Божјата порака. Со нив, како помошник, беше и Јован, со прекар Марко.
6 Го поминаа целиот остров, се до гратчето Пафос. Таму сретнаа еден човек по име Бар-Исус[e]. Тој се занимаваше со магии и лажно им се претставуваше на Евреите како Божји пророк. 7 Од друга страна, тој му беше пријател на Сергиј Павле, управник на островот. Управникот беше разумен човек, па ги покани Барнаба и Савле, сакајќи од нив да ја слушне Божјата порака. 8 Маѓепсникот Елимас (така го викаа на грчки), им се противстави, настојувајќи да го спречи управникот да стане христијанин. 9 Тогаш Савле, познат и како Павле, се исполни со Светиот Дух, го погледна маѓепсникот в очи 10 и му рече: „Човеку, ти си полн со измами и лукавства! Ѓаволски син си, непријател на се што е праведно! Нема ли да престанеш да лажеш и да тврдиш дека твоите лаги се вистинските патишта Господови!? 11 Еве, сега раката Господова ќе те казни: ќе ослепиш и извесно време нема да гледаш!“
Маѓепсникот веднаш ослепе и талкаше наоколу, молејќи се некој да го фати за рака и да го води. 12 Кога управникот виде што се случи, поверува, а она што го научи за Господ му остави силен впечаток.
2) Апостол Павле проповеда во писидиска Антиохија
13 Потоа Павле и неговите придружници отпловија од Пафос и дојдоа во пристаништето Перга, во областа Памфилија[f]. Јован се оддели од нив и се врати во Ерусалим. 14 Барнаба и Павле заминаа од Перга и дојдоа во Антиохија[g], град во областа Писидија.
15 Откако заврши вообичаеното читање од Мојсеевите книги и од Книгите на пророците, водачите на синагогата ги поканија: „Браќа, ако имате некаква порака за народот, излезете и зборувајте!“
16 Тогаш Павле стана, ја подигна раката за да престанат да зборуваат, па рече:
„Луѓе, Израелци и сите вие што имате страхопочит спрема Бог, слушнете! 17 Израелскиот Бог ги одбра нашите предци и го издигна нашиот народ во времето кога беше во Египет, и победоносно го изведе оттаму. 18 Речиси четириесет години се грижеше[h] за нив во пустината. 19 Уништи седум народи во Канаанската земја и нивната земја им ја даде на Израелците. 20 Тоа траеше околу четиристотини и педесет години. Потоа со Израелците управуваа судии, се до времето на пророкот Самоил. 21 Тогаш народот побара од Бог да му постави цар и Бог му го посочи Саул, синот на Киш, од племето на Бинјамин. Тој владееше четириесет години. 22 Потоа Бог го отстрани Саул и го издигна за цар Давид, за кого со благонаклоност рече: ,Давид, синот на Јишај, е човек по волја на Моето срце. Тој ќе исполни се што ќе побарам од него[i]!‘
23 Исполнувајќи го Своето ветување, Бог му издигна Спасител на израелскиот народ. Тоа е Исус. 24 Пред да се појави Исус, Јован Крстител на Израелците им проповедаше да се вратат кон Бог и да се крстат. 25 Кога Јован ја завршуваше својата мисија им рече на луѓето: ,Немојте да мислите дека јас сум Месијата, зашто не сум! Но Тој доаѓа веднаш по мене, и јас не сум достоен ни сандалите на нозете да Му ги одврзам[j]!‘
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest