Print Page Options
Previous Prev Day Next DayNext

New Testament in a Year

Read the New Testament from start to finish, from Matthew to Revelation.
Duration: 365 days
Macedonian New Testament (MNT)
Version
Дела Ап 10:1-23

Крштавање на римскиот офицер Корнелиј

10 Во градот Цезареја имаше еден римски офицер по име Корнелиј. Тој беше командир[a] на Италијанскиот полк. Беше побожен човек и имаше страхопочит спрема Бог, заедно со сите што живееја во неговиот дом[b]. Делеше многу милостина и постојано Му се молеше на Бог. Еден ден, околу три часот попладне имаше видение: еден Божји ангел дојде кај него и му рече: „Корнелиј!“

Ѕурејќи исплашено во него, Корнелиј одговори: „Молам, господине?“

Ангелот му рече: „Бог ги слушна твоите молитви, а и милостината што ја даваш, не остана незабележана. Испрати сега неколку луѓе во Јопа да го доведат човекот по име Симон, кого уште го викаат и Петар! Тој престојува кај кожарот Симон, чија куќа е крај морето.“

Кажувајќи му го ова, ангелот си замина. Корнелиј викна двајца слуги и еден од своите потчинети војници, кој исто така беше побожен човек. Им објасни што се случи и ги испрати во Јопа.

Петар доаѓа кај Корнелиј

Утредента, околу пладне, додека гласниците на Корнелиј патуваа и се приближуваа накај градот, Петар се качи на рамниот покрив[c] за да се моли. 10 Кога огладне, посака нешто да јаде. Додека му го подготвуваа јадењето, тој падна во занес[d] 11 и виде како се отвора небото, и како кон земјата се спушта нешто како големо, ленено платно, врзано на четирите ќошиња, 12 а во него имаше секаков вид четириножни животни, влечуги и птици. 13 Тогаш слушна глас: „Петре! Стани, коли и јади!“

14 „Никако Господе! Јас никогаш досега не сум јадел нешто што е забрането да се јаде според еврејските закони[e]!“ - одговори Петар.

15 Гласот уште еднаш му се јави: „Немој да го сметаш за нечисто она што Бог го исчистил[f]!“

16 Ова се повтори трипати, а потоа платното беше кренато на небото.

17 Петар беше збунет и се прашуваше што може да значи ова видение. Тогаш ги виде луѓето испратени од Корнелиј, кои, прашувајќи, дојдоа до куќата на Симон и стоеја пред портата, 18 прашувајќи дали тука престојува Симон, наречен Петар.

19 Додека Петар уште размислуваше за видението што го имаше, Светиот Дух му рече: „Те бараат тројца мажи. 20 Стани и појди со нив, без да се двоумиш, зашто Јас ги испратив.“

21 Петар слезе кај луѓето и им рече: „Јас сум човекот што го барате. За што сте дојдени?“

22 Тие му одговорија: „Не испрати офицерот Корнелиј. Тој е праведен човек и има страхопочит спрема Бог. За него сите Евреи имаат добро мислење. Тој доби наредба од светиот ангел да те повика во својот дом и да слушне од тебе што имаш да му кажеш.“ 23 Потоа Петар ги покани да влезат и ги прими како гости. Утредента, замина со нив, во придружба на неколку христијани од Јопа.

Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest