New Testament in a Year
23 Откако Го распнаа Исуса, војниците Му ги зедоа алиштата и ги разделија на четири дела - по еден дел за секој војник. Но туниката на Исус беше без раб, исткаена од еден дел. 24 Затоа тие си рекоа еден на друг: „Да не ја кинеме, туку ајде да фрлиме жрепка за неа, па да видиме кој од нас ќе ја добие!“
Така се исполни Светото Писмо, кое претскажа:
„Моите алишта си ги разделија, а за туниката фрлија жрепка[a].“
25 Веднаш до Исусовиот крст стоеја Неговата мајка, нејзината сестра, чие име беше Марија, која му беше сопруга на Клопас, и Марија Магдалена. 26 Кога Исус ги виде Својата мајка и Својот милен ученик крај неа, Тој и рече на мајка си: „Жено, сега тој ќе ти биде син!“ 27 Потоа му рече на ученикот: „Отсега таа нека ти биде мајка!“ Од тој ден, тој ја зеде Исусовата мајка кај себе.
Смртта на Исус
(Матеј 27:45-56; Марко 15:33-41; Лука 23:44-49) 28 Потоа, знаејќи дека целокупното Негово дело е завршено, а за да се исполни Светото Писмо, Исус рече: „Жеден сум[b]!“ 29 Таму имаше еден сад полн со вински оцет[c]. Откако закачија сунѓер натопен во винскиот оцет на една прачка од хисоп[d], Му го принесоа до устата. 30 Штом вкуси од винскиот оцет, Исус рече: „Се сврши!“ Потоа ја наведна главата и умре[e].
Прободувањето на Исус
31 Тој ден, петок, беше денот на подготовка[f] за утрешниот празник Пасха, кој за Евреите претставува особено значаен празник. Затоа тие побараа од Пилат да им ги прекрши нозете[g] на распнатите и да ги симне, за да не останат да висат телата распнати на крстовите и во саботата. 32 Така, војниците дојдоа и најпрво им ги прекршија нозете на другите двајца кои беа распнати со Исус. 33 А кога дојдоа до Исус видоа дека веќе е мртов, па не Му ги скршија нозете. 34 Наместо тоа, еден од војниците со копје Го прободе под ребрата, при што потекоа крв и вода. 35 Знаеме дека сето ова е точно, затоа што го кажува човекот[h] што лично беше таму и со свои очи виде. Затоа можете да верувате и вие. 36 Ова се случи за да се исполни Светото Писмо, кое претскажа: „Ниту една Негова коска нема да биде скршена[i].“ 37 На друго место Писмото вели: „Ќе Го гледаат Оној што Го прободоа[j].“
Погребувањето на Исус
(Матеј 27:57-61; Марко 15:42-47; Лука 23:50-56) 38 Подоцна Јосиф од градот Ариматеја[k], кој беше таен Исусов следбеник, поради страв од Евреите, побара од Пилат да му го даде телото на Исус. Пилат му одобри и Јосиф отиде и го зеде телото од крстот. 39 Дојде и Никодим со околу триесет и четири килограми смеса од ароматични смоли[l]. Тоа беше оној Никодим кој порано беше дошол кај Исус ноќе. 40 Тие го зедоа Исусовото тело и го завиткаа во платно, заедно со ароматичните смоли, според еврејскиот обичај на подготвување за погреб. 41 А на местото каде што Го распнаа имаше една градина и во неа една нова гробница, во која се уште никој не беше погребуван. 42 Таму го положија телото на Исус, зашто гробот беше близу, а тие се брзаа, бидејќи беше ден на подготовка[m] за саботата и Пасхата.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest