Print Page Options
Previous Prev Day Next DayNext

New Testament in a Year

Read the New Testament from start to finish, from Matthew to Revelation.
Duration: 365 days
Macedonian New Testament (MNT)
Version
Дела Ап 9:22-43

22 Но Савле толку уверливо докажуваше дека Исус е Месијата, што Евреите кои беа во Дамаск беа целосно збунети и не можеа да му се противстават.

23 По долго време, Евреите сковаа заговор да го убијат, 24 но на Савле му беше јавено дека Евреите стражарат покрај градските порти и дење и ноќе, за да го фатат и да го убијат. 25 Затоа христијаните во текот на ноќта го префрлија преку ѕидините, спуштајќи го во кош[a].

Савле проповеда во Ерусалим

26 Од Дамаск, Савле отпатува за Ерусалим, каде што се обиде да се поврзе со тамошните христијани, но тие се плашеа од него и не веруваа дека и тој навистина станал христијанин. 27 Тогаш Барнаба го доведе кај апостолите и им раскажа како Савле на патот се сретнал со Господ и зборувал со Него, па како во Дамаск смело проповедал за Исус. 28 Тогаш апостолите го прифатија. Савле остана извесно време со нив, движејќи се во Ерусалим и околината, смело проповедајќи за Господ. 29 Се расправаше и со некои елинизирани Евреи, но тие се обидуваа да го убијат. 30 Кога дознаа за ова, христијаните го одведоа во Цезареја, и оттаму го испратија за Тарс.

31 Тогаш низ цела Јудеја, Галилеја и Самарија, за Црквата настапи период на мир и растеж. Живеејќи со страхопочит спрема Господ и имајќи поткрепа од Светиот Дух, бројот на христијаните постојано се зголемуваше.

Делата на Петар во градовите Лида и Јопа

32 Посетувајќи ги христијаните, апостол Павле патуваше од место во место. Така пристигна и кај следбениците на Господ што живееја во градот Лида. 33 Таму сретна еден човек по име Енеј, кој осум години лежел парализиран. 34 Петар му рече: „Енеј, Исус Христос те исцелува! Стани и намести си ја постелата!“ И тој веднаш стана! 35 Сите што живееја во Лида и Шарон го видоа ова и се обратија кон Господ.

36 А во градот Јопа имаше една христијанка по име Тавита[b], што во превод значи ,Срна‘. Таа имаше направено многу добри дела и имаше раздавано многу милостина. 37 Во тоа време се разболе и умре. Ја избањаа и ја положија во една соба на горниот кат. 38 Лида е близу до Јопа и кога христијаните од Јопа разбраа дека Петар е во Лида, испратија двајца луѓе да го викнат веднаш да дојде кај нив.

39 Петар веднаш стана и тргна со нив кон Јопа. Кога пристигнаа, го одведоа во горната соба. Собата беше полна со вдовици кои веднаш се собраа околу Петар и плачејќи му ги покажуваа кошулите и другите облеки што ги изработувала Тавита додека била жива.

40 Петар ги замоли сите да излезат надвор. Потоа клекна на колена, се помоли, се сврте кон мртвото тело и рече: „Тавита, стани!“ Таа ги отвори очите и кога го виде Петар седна. 41 Тој и подаде рака, и и помогна да стане. Потоа ги викна христијаните и вдовиците и им ја покажа жива.

42 Тоа се расчу низ целиот град Јопа, и многумина поверуваа во Господ. 43 А Петар остана подолго време во Јопа. Живееше кај еден човек по име Симон, кој беше кожар.

Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest