Book of Common Prayer
Писмо од апостол Павле до христијаните во
Ефес
1 Од Павле, одбран од Бог да му биде апостол на Исус Христос, до Божјиот свет народ во Ефес[a], до верните следбеници на Исус Христос.
2 Бог, нашиот Татко, и Господ Исус Христос нека ви бидат благонаклонети и нека ви дадат мир.
Духовни благослови
3 Благословен нека е Бог, Таткото на нашиот Господ Исус Христос, Кој не благослови со секаков вид духовни благослови од небесните простори, бидејќи Му припаѓаме на Христос. 4 Поради Својата љубов спрема нас, уште пред светот да биде создаден, Бог не одбра да бидеме Негов народ, преку вера во Христос, и да бидеме свети и без пороци во Неговите очи. 5 Неговиот план отсекогаш беше, преку Исус Христос, да не посвои, да не направи Негови деца. Тоа беше резултат на Неговата благонаклоност спрема нас.
6 Го славиме Бога заради таа прекрасна благонаклоност што ја излеа врз нас, бидејќи Му припаѓаме на Неговиот сакан Син. 7 Христос ја пролеа сопствената крв за да не откупи. Сега гревовите ни се простени. Го стори тоа поради Својата неизмерна благонаклоност спрема нас, 8 излевајќи ја врз нас заедно со сета мудрост и разбирање.
9 Бог ни откри каква Му била намерата и ни го објасни тајниот план што веќе беше решил да го оствари преку Христос. 10 Планот што Бог ќе го доврши, кога за тоа ќе дојде време, е да собере се заедно, и од небото и од Земјата, и да го стави под власт на Христос. 11 Токму по заслуга на Христос и ние бевме избрани за наследници[b], однапред определени од Бог, Кој се прави онака како што Самиот Тој ќе реши. 12 Ние ќе ја увеличиме Божјата слава, сите ние што навреме ја положивме својата надеж во Христос.
13 И вие сте сега Божји народ. Ја слушнавте вистината, Радосната вест за тоа како можете да се спасите, и поверувавте во неа. Бог ве посвои[c], ставајќи го врз вас Својот печат со тоа што ви го даде Светиот Дух, токму онака како што ни беше ветено. 14 Светиот Дух е гаранција дека навистина ќе го добиеме она што Бог му го вети на Својот народ: откупување, ослободување за тие што се Негови. Тоа е уште една причина да го славиме нашиот величествен Бог.
Евангелието според
Марко
ПОДГОТОВКИ ЗА НАСТАПОТ НА ИСУС ХРИСТОС
Проповедањето на Јован Крстител
(Мт. 3:1-12; Лк. 3:1-18; Јвн. 1:19-28) 1 Ова е почетокот на Радосната вест за Божјиот Син Исус Христос. 2 Таа започна онака како што беше предвестено од Бог, во Книгата напишана од пророкот Исаија:
„Ќе испратам Свој гласник, да ти го подготви патот.
3 Низ пустината ќе одекнува неговиот глас:
‚Пригответе пат за доаѓањето на Господ!
Исправете го патот за Него[a]!‘“
4 Тој гласник беше Јован Крстител кој се појави во пустината и започна да проповеда крштавање како знак за обраќање кон Бог заради простување на гревовите.
5 Кај него почнаа да доаѓаат луѓе од цела Јудеја и од Ерусалим. Тие ги исповедаа своите гревови, а Јован ги крштаваше[b] во реката Јордан.
6 Јован носеше облека исплетена од камилски влакна и беше препашан со кожен појас. Се хранеше со скакулци и див мед.
7 Тој им зборуваше на луѓето: „По мене доаѓа многу голем човек! Јас не сум достоен ни ремењата од Неговите сандали да Му ги одврзам! 8 Јас сега ве крштавам со[c] вода, а Тој ќе ве крсти со Светиот Дух.“
9 Во тоа време дојде Исус од Назарет во Галилеја и Јован Крстител Го крсти во реката Јордан. 10 Во моментот кога Исус излегуваше од водата, Јован виде како се отвори небото и Светиот Дух во облик на гулаб слезе врз Исус. 11 Се чу и глас од небото: „Ти си Мојот сакан Син; со Тебе Сум наполно задоволен!“
Исус и Сатаната
(Мт. 4:1-11; Лк. 4:1-13) 12 Веднаш по ова, Божјиот Дух Го одведе Исуса во пустината. 13 Таму Тој остана четириесет дена и Сатаната Го искушуваше. Исус живееше сред диви животни, но ангелите се грижеа за Него.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest