Book of Common Prayer
Павле на суд пред Феликс
24 По пет дена дојде Првосвештеникот Ананија со неколку старешини и со еден адвокат[a] по име Тертул, кој го изнесе пред гувернерот обвинението против Павле. 2 Го повикаа Павле и Тертул почна да го изнесува обвинението:
„Почитуван гувернеру! Под Вашето владеење ние, Евреите, живееме во мир и спокојство. Вашата далековидост доведе до многу реформи за овој народ. 3 За тоа секогаш и секаде Ви оддаваме признание, честити Феликсе, со голема благодарност. 4 Но сега, за да не го трошам напразно Вашето време, Ве молам, знаејќи ја Вашата љубезност, накратко да ме ислушате.
5 Ние утврдивме дека овој човек е вистинска напаст, кој предизвикува препирки меѓу Евреите по целиот свет! Тој е челник на назаретската секта. 6 Се обиде дури и храмот да го оскверни, но ние го уапсивме.[b] 8 Сега Вие можете да го сослушате и да дознаете за што го обвинуваме.“
9 И другите Евреи го потврдуваа тоа што го зборуваше Тертул.
Одбраната на Павле пред Феликс
10 Гувернерот му даде знак на Павле дека може да зборува. Павле рече:
„Знам, господине, дека Вие веќе долго време му служите како судија на нашиот еврејски народ и добро ги познавате работите за кои сум обвинет, и затоа јас со голема доверба во вас ќе ја изложам својата одбрана. 11 Лесно ќе дознаете дека јас во Ерусалим пристигнав на поклонение во храмот пред дванаесетина дена. 12 Ниту во храмот ме затекнале со некого да се расправам, ниту во синагогите, ниту пак во градот сум го подбуцнувал народот на бунт. 13 Тие не можат да го докажат она за што ме обвинуваат.
14 Јас овде, пред Вас, признавам дека сум следбеник на Христовото учење[c] што тие го нарекуваат секта и на тој начин Му служам на Богот на нашите татковци, верувајќи во се што е запишано во Мојсеевите книги и во книгите на пророците. 15 И јас, како и тие, верувам во Бог и уверен сум дека Тој ќе ги воскресне мртвите, како праведните, така и неправедните. 16 Заради тоа правам се што знам и умеам, та мојата совест пред Бог и пред луѓето секогаш да биде чиста.
17 По повеќе години отсуство се вратив во Ерусалим, носејќи со себе доброволни прилози, за да му помогнам на мојот народ и да Му принесам жртви на Бог. 18 Овие што ме обвинуваат ме видоа во храмот кога веќе го бев завршил церемонијалното исчистување. Околу мене ниту имаше насобрано луѓе, ниту имаше некаков бунт. 19 Имаше само неколку Евреи дојдени од покраината Азија, кои требаше да бидат присутни, и ако имале нешто против мене, овде пред Вас нека го изнесат. 20 Нека кажат овие што дојдоа да ме обвинат, какво злосторство најдоа во мене кога ме изведоа пред еврејското народно собрание[d], 21 освен тоа што гласно изјавив: ,Денеска овде мене ми се суди затоа што верувам во воскресението на мртвите!‘“
22 Тогаш Феликс, кој добро го познаваше Христовото учење[e], го одложи сослушувањето, со вакво образложение: „Ќе почекаме полковникот Лисија да дојде овде. Тогаш ќе пресудам во врска со вашиот случај.“ 23 Потоа му нареди на офицерот да го задржат Павле во притвор, но да му дадат извесна слобода и да не спречуваат никој од неговите блиски да го посетува и да му помага.
Исус во домот на фарисејот Симон
36 Еден фарисеј Го покани Исуса на вечера во својот дом. Тој дојде во куќата на фарисејот и седна на трпезата. 37 Одеднаш, се појави една жена, позната грешница. Таа беше разбрала дека Исус е на гости кај фарисејот, и дојде носејќи едно шише од алабастер полно со скапоцениот мирис. 38 Клекна зад Исус, до Неговите нозе, и плачејќи почна да Му ги мие нозете со своите солзи, да ги брише со својата коса, да ги бакнува и да ги мачка со скапоцениот мирис.
39 Фарисејот, гледајќи го ова, си помисли за Исус: „Да е Овој вистински пророк, би знаел која е и каква е оваа жена што го допира; би знаел дека е грешница!“ 40 А Исус му рече: „Симоне, да те прашам нешто!“ „Кажи, Учителе“ - одговори тој. 41 „Двајца луѓе му должеле пари на некој човек. Едниот му должел петстотини сребреници, а другиот педесет. 42 Бидејќи не можеле да му платат, тој им ги простил долговите на обајцата. Што мислиш, кој од двајцата ќе има поголема љубов кон него?“ 43 „Мислам, оној на кого му е простен поголем долг“ - одговори Симон. „Правилно процени!“ - Му рече Исус, 44 па, свртувајќи се кон жената, Му рече на Симон: „Ја гледаш ли оваа жена? Кога дојдов во твојата куќа, ти ни вода на нозете не ми полеа, а таа со солзи ми ги изми и со својата коса ми ги избриша. 45 Ти не ме доброса со бакнеж, а таа, откако Сум влезен, не престана да ми ги бакнува нозете! 46 Ти не ми капна мирис на главата, а таа нозете ми ги намачка со скапоцен мирис. 47 Затоа, ти велам: големиот број нејзини гревови и се простуваат, зашто таа покажа многу љубов спрема Мене. А на кој му е малку простено, тој само малку љубов покажува.“ 48 Потоа и рече на жената: „Гревовите ти се простени!“ 49 Луѓето што седеа со Него на трпезата почнаа да си шепотат: „Кој е Овој што и гревови простува!?“ 50 А Исус и рече на жената: „Оди си спокојно; твојата вера те спаси!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest