Daily Reading for Personal Growth, 40 Days with God
Односот спрема жената фатена во прељуба
8 Потоа Исус отиде на Маслиновата Гора. 2 Следното утро, Тој повторно дојде во храмот. Сиот народ доаѓаше кај Него, а Тој, седејќи, ги поучуваше. 3 Вероучителите и фарисеите доведоа една жена што беше фатена во прељуба, па откако ја поставија насреде, 4 Му рекоа: „Учителе, оваа жена е фатена на дело како врши прељуба. 5 Во нашиот Закон Мојсеј заповедал таквите жени да бидат каменувани[a]. Што велиш Ти?“ 6 Тие Му го рекоа ова на Исус за да видат што ќе стори, надевајќи се дека ќе има за што да Го обвинат. Исус се наведна и почна со прстот да пишува по земјата. 7 Но бидејќи тие упорно Го прашуваа, Тој се исправи и им рече: „Тој што меѓу сите вас е без грев, прв нека фрли камен на неа!“ 8 Потоа повторно се наведна и продолжи да пишува по земјата.
9 Кога обвинителите го слушнаа тоа, еден по еден почнаа да си заминуваат, на чело со старешините, се додека не останаа само Исус и жената, која стоеше на средината. 10 Исус се исправи и ја праша: „Жено, каде се луѓето што те обвинуваа? Никој ли не те осуди?“
11 „Никој, Господине!“ - Му одговори таа. „Тогаш ни Јас не те осудувам; оди си и отсега не греши“ - и рече Исус.
Исус
- Светлина на светот 12 Подоцна, Исус повторно им зборуваше на фарисеите: „Јас сум Светлината на светот! Секој што ќе биде Мој следбеник ќе ја има животодавната Светлина и никогаш нема да талка во темнина!“
13 Тогаш фарисеите Му рекоа: „Еве, сега Самиот сведочиш за Себе! Значи, Твоето сведоштво не е веродостојно!“
14 Исус им одговори: „И да сведочам Сам за Себе, тоа што го кажувам е веродостојно, затоа што Јас знам од каде дојдов и каде заминувам. А вие не знаете ниту од каде доаѓам, ниту каде заминувам. 15 Вие судите според човечки мерила, а Јас никого не судам. 16 А, и ако судам, Мојот суд е справедлив, бидејќи тоа не го правам Сам, туку заедно со Таткото што Ме испрати. 17 Во вашиот Закон стои запишано дека сведоштвото од двајца[b] се смета за веродостојно. 18 Јас сведочам за Себе и Мојот Татко што Ме испрати сведочи за Мене.“
19 Тогаш тие Го прашаа: „Каде е Твојот Татко?“ Исус им одговори: „Ниту Мене Ме познавате, ниту Мојот Татко Го познавате! Кога би Ме знаеле Мене, би Го знаеле и Мојот Татко!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest