Book of Common Prayer
5 Секој Првосвештеник е човек одбран да ги застапува луѓето пред Бог. Тој ги принесува нивните дарови за Бог и жртвите за нивните гревови. 2 Тој може да биде нежен спрема луѓето, иако тие живеат во незнаење и често застрануваат, бидејќи и самиот е човек и има свои слабости. 3 Поради своите слабости, тој мора да принесува жртви не само за гревовите на народот, туку и за сопствените гревови. 4 Но никој не може да стане Првосвештеник само затоа што сака да има таква чест. Тој мора да биде повикан од Бога, како што беше повикан и Арон.
5 Така беше и со Христос. Тој не си ја додели Самиот на Себе честа да биде Првосвештеник, туку Бог Му рече:
„Ти си Мојот Син, денес Јас станав Твој Татко[a]!“
6 А на друго место Бог за Него вели:
„Ти си вечен Свештеник, според редот на Мелхиседек[b]!“
7 За време на Својот живот на Земјата Исус ги изнесуваше Своите молитви и молби низ гласен плач и низ солзи, упатени до Бог, Кој можеше да Го спаси од смрт. Молитвите Му беа услишани, заради почитта што Тој ја искажуваше спрема Бог. 8 Иако Исус беше Божји Син, сепак, преку лични страдања мораше да дознае што значи да се биде послушен. 9 На тој начин Исус стана совршен Првосвештеник и извор на вечно спасение за сите што Нему Му се послушни. 10 Затоа Бог Го одреди за Првосвештеник од редот на Мелхиседек.
Исус и Самарјанката
4 Штом Исус дозна дека фарисеите слушнале оти Тој придобива и крштава повеќе ученици од Јован Крстител, 2 (иако самиот Исус не крштаваше, туку Неговите ученици), 3 Тој ја напушти Јудеја и се врати во Галилеја. 4 Мораше да помине низ Самарија[a]. 5 Така Тој дојде до самарискиот град Сихар, близу до местото кое Јаков му го беше дал на својот син Јосиф[b]. 6 Таму беше бунарот на Јаков. Исус седна крај бунарот, зашто беше уморен од патувањето. Беше околу пладне[c].
7 Една жена од Самарјанците дојде, за да си нацрпи вода. „Дај ми малку вода да се напијам!“ - и рече Исус. 8 (Неговите ученици беа отидени во градот за да купат храна.)
9 Тогаш Самарјанката Му рече: „Ти си Евреин, а јас сум Самарјанка; како можеш да бараш вода од мене!?“ (Имено, Евреите не сакаа да општат[d] со Самарјанците.)
10 Исус и одговори: „Кога би знаела што дава Бог, и Кој е Овој што ти бара вода, ти би побарала од Него и Тој би ти дал животодавна вода!“
11 Жената му рече: „Господине, немаш кофа за црпење, а бунарот е длабок. Од каде ќе нацрпиш животодавна[e] вода? 12 Овој бунар ни е од нашиот прататко Јаков, кој од него пиеше, а исто така и неговите синови и нивниот добиток; зар си ти поголем од Јаков!?“
Исус е животодавната вода
13 Исус и одговори: „Секој што пие од оваа вода одново ќе ожедни. 14 А оној што пие од водата што Јас ќе му ја дадам никогаш нема да ожедни. Водата што Јас ќе му ја дадам ќе стане во него извор на животодавна вода и ќе му донесе вечен живот.“
15 „Господине“ - му рече жената - „дај ми ја таа вода за повеќе да не ожеднувам, ниту пак да доаѓам овде да црпам вода!“
16 „Оди, викни го мажот ти, па дојдете овде!“ - и рече Тој.
17 „Немам маж“ - Му одговори таа. Исус и рече: „Во право си кога велиш ,Немам маж‘, 18 зашто пет мажи си имала досега, а и овој што сега го имаш не ти е законски маж! Вистина е тоа што го рече.“
19 Жената Му рече: „Господине, гледам дека си пророк! 20 Кажи ми, зошто вие Евреите велите дека Ерусалим е единственото место каде што треба да му се поклонуваме на Бог, додека ние Самарјанците сметаме дека тоа е гората Геризим, каде што се поклонуваа и нашите предци?“
21 Исус и рече: „Верувај ми, жено, дека доаѓа време кога нема да биде важно дали Му се поклонувате на небесниот Татко во Ерусалим или на оваа гора. 22 Вие Самарјанците не Го познавате Оној на Кој Му се поклонувате. А ние Евреите знаеме на Кого Му се поклонуваме, бидејќи спасението[f] доаѓа преку Евреите. 23 Но доаѓа време, и веќе е дојдено, кога вистинските поклоници ќе бидат воведени во вистината од Божјиот Дух и ќе Му се поклонуваат на небесниот Татко онака како што тоа го сака небесниот Татко. 24 Бог е Дух и оние што Му се поклонуваат мораат да го прават тоа сходно со вистината која им ја открива Божјиот Дух.“
25 Жената му рече: „Знам дека треба да дојде Месијата, Помазаникот[g]. Кога ќе дојде, Тој ќе ни објасни се.“
26 „Тоа Сум Јас - Овој што сега разговара со тебе!“ - и рече Исус.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest