New Testament in a Year
Распнувањето на Исус
(Матеј 27:32-44; Марко 15:21-32; Јован 19:17-27) 26 Одведувајќи Го Исуса, војниците наидоа на еден човек по име Симон Киренеецот, кој се враќаше од полето и го натераа тој да го носи крстот за распнување на Исус, одејќи по Него.
27 По Исуса врвеше многуброен народ, меѓу нив и некои жени, кои плачеа и Го оплакуваа. 28 Исус се сврте кон нив и им рече: „Ќерки ерусалимски! Не оплакувајте Ме Мене, туку себеси и своите деца, 29 зашто идат денови, кога ќе се вели: ,Блазе си им на неротките, на утробите што не раѓале и на градите што не доеле!‘ 30 Во тие дни луѓето ќе им довикуваат на планините: ,Паднете врз нас!‘, и на ридовите: ,Затрупајте нe!‘ 31 Зашто, ако вака се постапува со зеленото стебло, тогаш што ли го очекува искршеното[a]!?“
32 Покрај Исус, на распнување водеа и двајца злосторници. 33 Кога пристигнаа на местото наречено ,Череп‘, таму ги распнаа Исуса и злосторниците: едниот оддесно, а другиот одлево на Исуса. 34 А Исус се молеше вака: „Прости им, Татко, зашто тие не се свесни, всушност, што прават[b]!“ Неговите облеки ги поделија меѓу себе со жрепка. 35 Народот стоеше и го гледаше сето ова, а еврејските водачи Му се подбиваа, велејќи: „Другите ги спасуваше, нека се спаси сега Самиот Себеси, ако е Тој навистина Месијата[c] - Избраникот Божји!“
36 Му се подбиваа и војниците. Му приоѓаа и Го принудуваа да пие оцет, 37 говорејќи: „Спаси се, ако си цар на Евреите!“
38 Над Него ставија штица со натпис, кој гласеше: ,Овој е Царот на Евреите!‘
Различни реакции на распнатите злосторници
39 Еден од распнатите злосторници Го навредуваше Исуса и Му велеше: „Зар не си Ти Месијата? Ајде, спаси се и Себеси и нас!“
40 Другиот, пак, го прекори и му рече: „Немаш ли малку страхопочит спрема Бога? И ти си осуден со истата казна! 41 Јас и ти сме праведно осудени и го добивме она што го заслуживме, а Тој ништо лошо не сторил!“ 42 Потоа Му се обрати на Исуса:
„Исусе, спомни си за мене кога ќе дојдеш во Твоето царство!“
43 Исус му одговори: „Ти ветувам дека денес ќе бидеш со Мене во рајот!“
Смртта на Исус
(Матеј 27:45-56; Марко 15:33-41; Јован 19:28-30) 44 Беше околу дванаесет[d] часот, кога наеднаш настапи мрак по целата земја, сe до петнаесет часот.
45 Сонцето потемне, а завесата во храмот се расцепи по средината. 46 Тогаш Исус гласно извика: „Небесен Татко, во Твоите раце Го доверувам Мојот дух!“ Изговарајќи го ова, Тој умре[e].
47 Кога римскиот офицер виде што се случи, Му оддаде почит на Бог и рече: „Овој човек навистина беше праведник[f]!“ 48 Кога и народот што се беше собрал да гледа виде што се случи, секој си замина дома, удирајќи се в гради од жалост. 49 Сите што Го познаваа Исуса, меѓу кои и жените кои Го следеа уште од Галилеја, стоеја подалеку и гледаа.
Погребувањето на Исус
(Матеј 27:57-61; Марко 15:42-47; Јован 19:38-41) 50 Таму имаше и еден човек, по име Јосиф, кој беше од јудејскиот град Ариматеја и беше член на Врховниот совет. Тој беше добар и праведен човек, 51 и не се сложуваше со овие одлуки и постапки, зашто и самиот го очекуваше Божјото царство. 52 Тој отиде кај Пилат и го побара телото на Исус. 53 Потоа го симна телото од крстот, го завитка во платно и го положи во дотогаш некористена гробница, што беше издлабена во карпите. 54 Тој ден беше петок, а веќе настапуваше саботата.
55 Заедно со Јосиф дојдоа и жените кои одеа со Исус уште од Галилеја и ја видоа гробницата во која беше положено Исусовото тело. 56 Потоа си отидоа дома, да подготват мирисливи масла за премачкување на телото. Во саботата не работеа, согласно со верскиот Закон.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest