Print Page Options
Previous Prev Day Next DayNext

New Testament in a Year

Read the New Testament from start to finish, from Matthew to Revelation.
Duration: 365 days
Macedonian New Testament (MNT)
Version
Лука 8:26-56

Исцелување на бесниот од Гадара

(Матеј 8:28-34; Марко 5:1-20) 26 Исус и Неговите ученици пристигнаа во пределите на Гадара[a], спроти Галилеја. 27 Кога Исус излегуваше на копното, Му пријде еден човек обземен со демонски духови, кој веќе подолго време одеше гол и не живееше дома, туку во гробните пештери. 28 Забележувајќи Го Исуса, вресна, Му се фрли пред нозете и извика: „Што сакаш да ми сториш, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Те молам не казнувај ме!“ 29 Тоа го рече затоа што Исус му беше заповедал на демонскиот дух да излезе од човекот, кого веќе одамна го беше запоседнал. Иако го држеа како затвореник и го врзуваа со вериги, тој ги кинеше веригите и, гонет од демонскиот дух, бегаше во пустината. 30 Исус го праша како се вика, на што тој одговори: „Легион“, зашто во него имаше цела легија демони. 31 Демоните Го молеа Исуса да не ги праќа во Бездната[b]. 32 А во близината, на ридот, пасеше едно крдо свињи. Демоните Го замолија Исуса да ги пушти да влезат во свињите и Тој им дозволи. 33 Излегувајќи од човекот, демонските духови влегоа во свињите, кои јурнаа низ стрмнината право во езерото и се удавија.

34 Кога свињарите видоа што се случи избегаа и разгласија за тоа низ градот и околината. 35 Луѓето излегоа да видат што се случило и кога дојдоа кај Исус го видоа човекот од кој беа излегле демонските духови како седи до Исусовите нозе, облечен и присебен. Се исплашија. 36 А очевидците им раскажаа како беше исцелен обземениот човек. 37 Тогаш целиот народ од гадарскиот крај Го замоли Исуса да си замине од кај нив, зашто голем страв им беше влегол во коските. Исус се качи на бротчето и си замина. 38 А човекот што беше ослободен од демонските духови Го молеше и тој да Му се придружи; 39 но Исус го одби, велејќи му: „Врати се дома и раскажувај за ова што Бог го направи за тебе!“ Така тој отиде и на целиот град му раскажуваше што направи Исус за него.

Исцелување од крвавење

Оживување на Јаировата ќерка

(Матеј 9:18-26; Марко 5:21-43) 40 Кога се врати, Исус беше топло поздравен од народот, зашто сите Го очекуваа. 41 Му пристапи еден човек по име Јаир[c], кој беше управник на синагогата. Тој се фрли пред Исусовите нозе и Го молеше да дојде кај него дома, 42 каде што неговата ќерка единица, на возраст од дванаесет години, лежеше на умирање. Додека Исус одеше таму, многуброен народ се туркаше околу Него од сите страни. 43 Меѓу народот имаше и една жена која веќе дванаесет години боледувала од крвавење. Го потрошила сиот свој имот по лекари, но никој не можел да ја излекува. 44 Таа се проби меѓу народот, се приближи зад Исус и го допре работ од Неговата облека. Крвавењето веднаш и запре. 45 А Исус запраша: „Кој Ме допре?“ Никој не се јавуваше, па Петар рече: „Учителе, има многу луѓе околу Тебе и сите Те туркаат!“ 46 Но Исус беше упорен, велејќи: „Некој намерно Ме допре, зашто почувствував кога излезе исцелителна сила од Мене!“ 47 Кога жената виде дека ќе биде откриена, дојде целата растреперена, падна пред Исусовите нозе и пред сите кажа зошто се допрела и дека веднаш оздравела. 48 Тогаш Исус и рече: „Оди си спокојно, ќерко. Твојата вера те исцели.“

49 Додека Исус го зборуваше ова, пристигна гласник од куќата на управникот на синагогата, Јаир, и му рече: „Ќерка ти почина. Не додевај Му повеќе на Учителот!“ 50 Исус го чу тоа и му рече на управникот: „Не плаши се! Само верувај и таа ќе оздрави!“ 51 Пристигнувајќи во куќата, Исус не дозволи никој да влезе со Него, освен Петар, Јаков, Јован и родителите на девојчето. 52 Сите веќе плачеа и го оплакуваа девојчето, а Исус рече: „Не плачете! Девојчето не е мртво, туку спие!“ 53 Тие Му се потсмеваа, зашто знаеја дека девојчето е мртво. 54 Исус ја фати за рака и гласно извика: „Девојко, стани!“ 55 Тогаш нејзиниот дух и се врати и таа веднаш стана, а Исус нареди да и дадат нешто да јаде. 56 Нејзините родители останаа вчудовидени, а Исус им нареди никому да не кажуваат за ова што се случи.

Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest