New Testament in a Year
Преобразувањето на Исус во славно тело
(Мт. 17:1-13; Лк. 9:28-36) 9 Во продолжение Исус рече: „Ве уверувам дека меѓу овде присутните има некои што ќе го видат стапувањето во сила на Божјото царство уште пред да умрат!“
2 Шест дена по ова, Исус ги зеде со Себе Петар, Јаков и Јован и ги поведе насамо на една висока планина. Таму, пред нивните очи Тој се преобрази, така што 3 облеката му стана блескаво-бела, како што не би можела да се избели со ниедно белило на Земјата! 4 Заедно со Него се појавија и Мојсеј и пророкот Илија кои разговараа со Исус.
5 Тогаш Петар Му рече на Исус: „Учителе! Колку ни е убаво овде! Да направиме три колиби: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија.“ 6 Ова го рече не знаејќи што друго да каже, зашто тие беа многу исплашени. 7 Во тој момент ги засени еден густ облак, а од облакот проговори глас: „Ова е Мојот Син, Мојот Љубимец; Него слушајте Го.“ 8 Учениците тогаш се обѕрнаа околу себе, но Го видоа само Исуса и никој друг.
Прашањето за очекуваниот „Илија“
9 Додека слегуваа од планината, Исус им рече: „Никому не кажувајте му за ова што го видовте, додека Синот Човечки[a] не воскресне од мртвите.“ 10 Тие Го послушаа, но меѓу себе се прашуваа: „Што сакаше да каже со воскреснувањето од мртвите?“
11 Потоа учениците Го прашаа Исуса: „Зошто вероучителите велат дека пред да се појави Месијата, треба да дојде Илија?“ 12 Исус им одговори: „Бездруго, најпрво ќе дојде Илија, за да подготви сe. Но, зар Светото Писмо не го вели и тоа дека Синот Човечки многу ќе настрада и дека ќе биде отфрлен? 13 Ве уверувам дека Илија веќе дојде, но луѓето постапија со него како што сакаа - токму како што е претскажано во Светото Писмо!“
Исус исцелува епилептичар
(Мт. 17:14-20; Лк. 9:37-43а) 14 Кога Исус и тројцата Негови ученици се вратија кај другите ученици, забележаа голема толпа народ и вероучители како се расправаат со нив. 15 Луѓето се изненадија при појавата на Исус и веднаш Му потрчаа во пресрет да Го поздрават. 16 Исус ги запраша: „За што се расправавте?“ 17 Еден човек од народот Му одговори: „Учителе! Го носев син ми кај Тебе. Обземен е од демонски дух и нем е. 18 Кога ќе добие напад паѓа наземи, устата му пени, крцка со забите и се вкочанува. Ги замолив Твоите ученици да го ослободат од демонскиот дух, но тие не можеа.“
19 Тогаш Исус рече: „Ах, безверен народе! До кога ќе морам да бидам со вас и да ве поднесувам!? Доведете го момчето кај Мене!“
20 Го доведоа момчето. Кога демонскиот дух во него Го виде Исуса, веднаш го нападна момчето: тресејќи се, момчето падна на земјата, почна да се валка, а од устата му излегуваше пена. 21 Исус го праша таткото на момчето:
„Од кога му е вака?“
„Уште од детството“ - одговори таткото. 22 „Демонот во него честопати се обидува да го убие, фрлајќи го во оган или во вода. Ако можеш, те молам, смилувај ни се и помогни ни!“
23 „Зошто велиш: ‚Ако можеш‘? Нема ништо невозможно за оној што има вера!“ - му одговори Исус.
24 Со силен глас, таткото извика: „Верувам, но помогни ми да не се сомневам!“
25 Кога Исус виде дека сe повеќе народ се собира, со строг глас му нареди на глувонемиот дух да излезе од момчето и никогаш повеќе да не се врати во него. 26 Демонскиот дух вресна, силно го стресе момчето и излезе од него. Момчето за миг изгледаше како да е мртво, а така мислеа и насобраните луѓе. 27 Но Исус го фати за рака и го исправи. Момчето застана на своите нозе.
28 Кога Исус се врати дома, Неговите ученици насамо Го запрашаа: „Зошто ние не можевме да го истераме демонскиот дух?“
29 Исус им одговори: „Овој вид демони можат да се избркаат само со молитва[b].“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest