Print Page Options
Previous Prev Day Next DayNext

New Testament in a Year

Read the New Testament from start to finish, from Matthew to Revelation.
Duration: 365 days
Macedonian New Testament (MNT)
Version
Марко 6:30-56

Враќањето на апостолите

30 Апостолите повторно се собраа[a] кај Исус и почнаа да Му раскажуваат за делата и поуките што ги извршиле. 31 Но многу народ постојано доаѓаше и си заминуваше, така што апостолите немаа време ни да јадат. Затоа Исус им рече: „Дојдете, ќе отидеме на некое тивко место, па да можете малку да се одморите!“ 32 Тргнаа со бротче на едно такво место, 33 но голем број луѓе видоа во кој правец отпловија, па побрзаа пеш од сите краишта и први втасаа таму.

Исус нахранува над пет илјади души

(Мт. 14:13-21; Лк. 9:10-17; Јвн. 6:1-14) 34 Кога Исус излезе од бротчето, виде голема толпа народ, која прилегаше на стадо овци без пастир. Му падна жал за луѓето, па почна да ги поучува за многу нешта.

35 Во приквечерината кај Исус дојдоа Неговите ученици и Му рекоа: „Местово е пусто, а веќе е доцна. 36 Пушти ги луѓето да отидат по околните села и земјоделски имоти, за да си купат храна!“ 37 „Дајте им вие нешто да јадат“ - им одговори Исус.“ Но тие му рекоа: „Да се купи леб за сиот овој народ, би ни требале повеќе од двесте денарии!“ 38 „Одете и проверете колку лебови имате“ - им рече Исус. Откако проверија, Му рекоа: „Имаме пет леба и две риби!“ 39 Тогаш Исус им даде упатства на учениците да ги поседнат луѓето на тревата, во групи. 40 Луѓето седнаа во групи од по сто и по педесет.

41 Исус ги зеде петте леба и двете риби, го поткрена погледот кон небото, ги благослови лебовите и ги раскрши. Потоа им ги подаваше на учениците кои им ги даваа на луѓето. На ист начин им делеше на сите и од двете риби. 42 Сите јадеа до наситување, 43 а учениците собраа и дванаесет полни кошници со парчиња што преостанаа од лебот и од рибите. 44 Оние што јадеа беа на број околу пет илјади машки глави, не сметајќи ги жените и децата.

Исус чекори по вода

(Мт. 14:22-33; Јвн. 6:15-21) 45 Веднаш потоа Исус ги натера Своите ученици да се качат на бротчето и да отпловат на спротивната страна, кон Бетцаида, додека Тој да го отпушти народот. 46 Кога го испрати народот, Исус се искачи на гората за да се моли.

47 Доцна вечерта, додека Тој сe уште беше сам на копното, бротчето се наоѓаше некаде сред езерото. 48 Ги виде Своите ученици како се мачат, веслајќи спроти ветрот. Околу четири[b] часот наутро, Исус се упати кон нив, одејќи по површината на езерото, со намера да им се придружи.

49 Кога учениците Го видоа како оди по водата, помислија дека е дух, па од страв почнаа да викаат. Сите Го видоа и многу се исплашија. 50 Но Тој веднаш им проговори: „Не плашете се, Јас сум! Смирете се!“ 51 Потоа влезе кај нив, во бротчето, и ветрот наеднаш стивна. Учениците останаа наполно збунети! 52 Умовите им беа заслепени и не го сфатија значењето на претходната случка со лебовите.

Исцелувања во Генисаретскиот крај

(Мт. 14:34-36) 53 Исус и Неговите ученици го препловија езерото и пристигнаа на брегот кај градот Генисарет. 54 Кога излегоа од бротчето, луѓето Го препознаа Исуса. 55 Се растрчаа по целиот крај, донесувајќи му болни на носила, откако ќе утврдеа на кое место се наоѓа Тој. 56 Во кое село, град или населба Исус ќе влезеше, на пазарите и по улиците, луѓето Му носеа болни и Го молеа да им дозволи барем да ја допрат Неговата наметка. И секој што ќе Го допреше, оздравуваше.

Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest