New Testament in a Year
29 Ако нема воскресение за мртвите, тогаш што сакаат да постигнат луѓето што се крштаваат заради нив? Зошто се крштаваат во името на мртвите, ако нема воскресение на мртвите!?
30 Зошто ние секој миг се изложуваме на опасности?
31 Зошто јас секојдневно се соочувам со смртта? Ви се колнам дека е така, ви се колнам во она со што многу се гордеам пред нашиот Господ Исус Христос, а тоа е што вие станавте христијани. 32 Ако во Ефес се борев со диви ѕверови надевајќи се само на она на што се надеваат обичните луѓе, каква корист ќе имам од тоа? Ако нема воскресение за мртвите, тогаш:
„Да јадеме и да пиеме,
зашто и онака наскоро ќе умреме[a]!“
33 Не дозволувајте да ве залажат оние што така велат, зашто: „Лошото друштво го уништува добриот карактер!“ 34 Вразумете се како што треба, и престанете да грешите! Простете што ќе ви го кажам ова, но треба да се засрамите, што некои од вас се уште не Го познаваат Бога!
За новите воскреснати тела
35 Некој од вас ќе праша: „Како ќе воскреснат мртвите? Какви тела ќе имаат?“ 36 Размислете разумно: кога сеете некое семе, тоа најпрво умира, а потоа од него израснува живо растение. 37 Она што го сеете е голо зрно пченица или нешто друго. Семето изгледа сосема различно од растението што подоцна ќе изникне.
38 На секое посејано семе Бог му дава тело какво што Тој сака. Секое си има свое сопствено тело. 39 А знаеме дека има разлики меѓу телата на луѓето, животните, птиците и рибите.
40 Постојат и небесни и земни тела, но славата на небесните тела е различна од убавината на земните тела.[b] 41 Сјајот на Сонцето се разликува од сјајот на Месечината; поинаков е, пак, сјајот на ѕвездите, а и ѕвездите меѓусебно се разликуваат по својот сјај.
42 Слично ќе биде и со воскресението на мртвите. Се закопува распадливо тело, а ќе воскресне бесмртно тело. 43 Се погребува истоштено, грдо, слабо тело, а ќе воскресне славно и силно тело. 44 Се погребува материјално тело, а ќе воскресне духовно тело. Како што постои материјално тело, така постои и духовно тело.
45 Во Светото Писмо пишува: „Првиот човек, Адам, стана жива душа.“ А Христос, Кој може да биде наречен „Последниот Адам“, е Дух што дава живот. 46 Но прво доаѓа материјалното тело, а потоа духовното. 47 Првиот човек, Адам, беше создаден од земја, направен од земен прав. Вториот човек, Христос, потекнува од небото. 48 Какво што беше телото на Адам, такво е и телото на секој човек сега: тоа е тело создадено од земја. Но на небото ќе имаме тела како Христовото тело, бидејќи Христос потекнува од небото. 49 Како што сега личиме на Адам, на човекот направен од земен прав, така тогаш ќе личиме на Христос, на Човекот што потекнува од небото.
50 Драги мои, она што сакам да ви го кажам е дека телата од крв и месо не можат да го наследат Божјото царство. Тие се распадливи тела и како такви не можат да бидат жители на Божјото царство.
51 Ќе ви откријам една тајна: сите нема да доживееме физичка смрт, но сите ќе бидеме преобразени. 52 Тоа ќе се случи брзо, за еден миг на окото. Кога ќе се огласи последната труба, починатите Христови следбеници ќе бидат воскреснати во бесмртни тела, а ние што сме живи ќе бидеме преобразени исто така во бесмртни тела. 53 Неопходно е нашите распадливи тела да се преобразат во нераспадливи, и тоа што е смртно да се преобрази во бесмртно.
54 Кога нашите распадливи тела ќе се преобразат во нераспадливи, и смртното ќе стане бесмртно, тогаш ќе се исполни она што е напишано во Светото Писмо:
„Смртта е уништена и победата е целосна[c]!“
55 „О, смрт, каде е твојата победа?
О, смрт, каде е твоето осило[d]?“
56 Гревот е осилото на смртта, а силата на гревот почива врз одредбите на Божјиот Закон. 57 Но Бог ни даде победа над гревот и смртта преку нашиот Господ Исус Христос и треба да Му бидеме многу благодарни за тоа.
58 Затоа, драги пријатели христијани, бидете цврсти и непоколебливи, секогаш подготвени да го унапредувате делото Господово, свесни дека тоа што го работите за Господ нема да биде попусто.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest