New Testament in a Year
Да го следиме Христовиот пример
15 Ние што имаме посилна вера треба да ја поднесуваме слабоста на оние со послаба вера, а не да си угодуваме самите на себе. 2 Секој од нас треба да им угодува на христијаните што се околу него, за нивно добро, за да ги изградува. 3 Ни Христос не си угодуваше Себеси, туку, како што е напишано:
„Навредите што беа наменети за Тебе,
паднаа врз Мене[a].“
4 Се што во минатото е напишано во Светото Писмо, напишано е за ние да се поучиме, да оцврснеме, да се охрабриме и да не губиме надеж.
5 А Бог, Кој е изворот на нашата стрпливост и утеха, нека ви даде слога меѓу вас и секој да го следи примерот на Исус Христос, 6 па сите заедно и сложно да Го прославувате Бога, Таткото на нашиот Господ Исус Христос.
7 Прифаќајте се еден со друг, како што Христос ве прифати вас. Со тоа Бог ќе биде прославен. 8 Сакам да знаете дека Христос им стана слуга на Евреите за да го исполни ветувањето што Бог им го беше дал на нивните предци, 9 а исто така и сите други народи да Го прославуваат Бога заради Неговата милост, како што е напишано во Светото Писмо:
„Затоа ќе Ти донесам слава меѓу нееврејските народи,
ќе Му пеам славопои на Твоето име[b]!“
10 И на друго место вели:
„Радувајте се и вие што не сте Евреи,
заедно со Божјиот народ, Евреите[c]!“
11 И повторно:
„Славете Го Господа сите народи,
Него нека Го слават сите луѓе[d]!“
12 А Исаија вели:
„Ќе се појави потомок на Давид[e],
ќе им стане владетел на нееврејските народи,
кои својата надеж во Него ќе ја положат[f]!“
13 Сега Бог, изворот на надежта, нека ве исполни со радост и со мир заради вашата вера во Христос, а вашата надеж нека продолжи силно да расте и да се поткрепува од силата на Светиот Дух.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest