New Testament in a Year
3) Павле проповеда во Солун
17 Потоа Павле и Сила поминаа низ градовите Амфиполис и Аполонија, па пристигнаа во Солун. Таму имаше еврејска синагога. 2 Како што обично правеше, Павле дојде кај нив и три саботи по ред им проповедаше од Светото Писмо, 3 објаснувајќи им и докажувајќи им дека беше неопходно Месијата да настрада и да воскресне од мртвите. Тој им рече: „Исус е Месијата. За Него ви проповедам.“ 4 Некои од нив поверуваа и им се приклучија на Павле и Сила, а пристапија и голем број побожни Грци и значителен број жени од високите кругови.
5 Евреите ги фати завист, па собраа од пазариштето неколку денгубници и тргнаа во толпа да го вознемируваат целиот град. Ја нападнаа куќата на Јасон и бараа да им ги изведат Павле и Сила пред толпата. 6 Откако не ги најдоа таму, го фатија Јасон, заедно со неколкумина други христијани и ги одвлекоа кај градските власти, па почнаа да викаат: „Тие што го вознемирија целиот свет сега пристигнаа и овде! 7 А Јасон ги прибира и сите тие ги кршат законите на римскиот император со тоа што тврдат дека постои друг цар - некојси Исус!“
8 Слушајќи го ова, народот и властите се вознемирија, 9 меѓутоа, откако зедоа од Јасон и од другите христијани пари во залог - ги ослободија.
4) Павле и Сила во Верија
10 Уште истата ноќ христијаните од Солун итно ги испратија Павле и Сила во градот Верија[a]. А тие, штом стигнаа во градот, влегоа во еврејската синагога. 11 Евреите од Верија беа многу поблагородни од оние во Солун и со одушевување го примаа она што им го проповедаше Павле. Секојдневно го проучуваа Светото Писмо, за да проверат дали она што тој им го проповеда е вистина. 12 Затоа многумина од тамошните Евреи поверуваа, а поверуваа и поголем број видни жени и мажи од Грците.
13 Кога Евреите од Солун дознаа дека Павле и во Верија ја проповеда Божјата порака, дојдоа да ги подбуцнуваат луѓето против Павле. 14 Тогаш христијаните веднаш го испратија Павле до морскиот брег, а Сила и Тимотеј останаа во Верија. 15 Неколку христијани го спроведоа Павле до Атина. Потоа Павле им рече да се вратат и да им пренесат на Сила и Тимотеј што е можно побрзо да дојдат и тие.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest