New Testament in a Year
Односот спрема жената фатена во прељуба
8 Потоа Исус отиде на Маслиновата Гора. 2 Следното утро, Тој повторно дојде во храмот. Сиот народ доаѓаше кај Него, а Тој, седејќи, ги поучуваше. 3 Вероучителите и фарисеите доведоа една жена што беше фатена во прељуба, па откако ја поставија насреде, 4 Му рекоа: „Учителе, оваа жена е фатена на дело како врши прељуба. 5 Во нашиот Закон Мојсеј заповедал таквите жени да бидат каменувани[a]. Што велиш Ти?“ 6 Тие Му го рекоа ова на Исус за да видат што ќе стори, надевајќи се дека ќе има за што да Го обвинат. Исус се наведна и почна со прстот да пишува по земјата. 7 Но бидејќи тие упорно Го прашуваа, Тој се исправи и им рече: „Тој што меѓу сите вас е без грев, прв нека фрли камен на неа!“ 8 Потоа повторно се наведна и продолжи да пишува по земјата.
9 Кога обвинителите го слушнаа тоа, еден по еден почнаа да си заминуваат, на чело со старешините, се додека не останаа само Исус и жената, која стоеше на средината. 10 Исус се исправи и ја праша: „Жено, каде се луѓето што те обвинуваа? Никој ли не те осуди?“
11 „Никој, Господине!“ - Му одговори таа. „Тогаш ни Јас не те осудувам; оди си и отсега не греши“ - и рече Исус.
Исус
- Светлина на светот 12 Подоцна, Исус повторно им зборуваше на фарисеите: „Јас сум Светлината на светот! Секој што ќе биде Мој следбеник ќе ја има животодавната Светлина и никогаш нема да талка во темнина!“
13 Тогаш фарисеите Му рекоа: „Еве, сега Самиот сведочиш за Себе! Значи, Твоето сведоштво не е веродостојно!“
14 Исус им одговори: „И да сведочам Сам за Себе, тоа што го кажувам е веродостојно, затоа што Јас знам од каде дојдов и каде заминувам. А вие не знаете ниту од каде доаѓам, ниту каде заминувам. 15 Вие судите според човечки мерила, а Јас никого не судам. 16 А, и ако судам, Мојот суд е справедлив, бидејќи тоа не го правам Сам, туку заедно со Таткото што Ме испрати. 17 Во вашиот Закон стои запишано дека сведоштвото од двајца[b] се смета за веродостојно. 18 Јас сведочам за Себе и Мојот Татко што Ме испрати сведочи за Мене.“
19 Тогаш тие Го прашаа: „Каде е Твојот Татко?“ Исус им одговори: „Ниту Мене Ме познавате, ниту Мојот Татко Го познавате! Кога би Ме знаеле Мене, би Го знаеле и Мојот Татко!“ 20 Овие зборови Тој ги кажа кај ризницата[c], додека поучуваше во храмот и никој не Го уапси, зашто се уште не беше дошол Неговиот час.
Кој е и што е Исус?
21 Потоа Исус повторно им се обрати и им рече: „Јас си заминувам, а вие ќе Ме барате, но ќе умрете со непростени гревови! Вие не можете да дојдете таму каде што Јас заминувам!“
22 Еврејските верски водачи си велеа: „Да не изврши самоубиство, штом вели: ,Вие не можете да дојдете таму каде што Јас заминувам!‘?“
23 Исус им рече: „Вие му припаѓате на овој свет долу, а Јас доаѓам од горе. Вие сте од овој свет, а Јас не сум од овој свет. 24 Затоа ви реков дека ќе умрете со непростени гревови. Ако не поверувате дека Јас Сум Тој што Сум - ќе умрете со непростени гревови!
25 „Кој си Ти?“ - Го прашаа тие. Исус им одговори: „Што ви кажував од почетокот[d]? 26 Имам многу работи за вас да зборувам и за многу нешта да ве судам, но нема да го сторам тоа. Оној што Ме испрати е вистинит и Јас го зборувам само она што сум го чул од Него.“
27 Тие не сфатија дека им зборува за небесниот Татко.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest