New Testament in a Year
Исус е предаден и уапсен
(Матеј 26:47-56; Марко 14:43-50; Јован 18:3-11) 47 Уште додека Исус зборуваше, пристигна толпа народ, предводена од Јуда, кој беше еден од дванаесеттемина Исусови ученици. Јуда Му се приближи на Исус, за да Го бакне, во знак на поздрав. 48 А Исус му рече: „Јуда! Зар со бакнеж Го предаваш Синот Човечки[a]!?“
49 Кога учениците на Исус сфатија што се случува, повикаа: „Господе! Да се браниме со ножеви!“ 50 И еден од нив замавна кон слугата на Првосвештеникот и му го отсече увото. 51 Но Исус им рече: „Престанете!“ Потоа со допир му го исцели увото на човекот.
52 Потоа Исус им се обрати на свештеничките поглавари, на управителите на храмот и на старешините кои заедно беа дојдени да Го фатат: „Зар требаше да дојдете по Мене со ножеви и со стапови, како да Сум разбојник!? 53 Со вас бев секојдневно во храмот, зошто таму не Ме уапсивте? Но ова е вашиот миг и времето на мрачните сили.“
Петар се откажува од Исус
(Матеј 26:57-58, 69-75; Марко 14:53-54, 66-72) 54 Тие Го уапсија Исуса и Го одведоа во куќата на Првосвештеникот. А Петар Го следеше оддалеку. 55 На средината на дворот запалија оган и поседнаа наоколу. Им се придружи и Петар. 56 Една од слугинките го забележа крај огнот, се загледа во него и рече: „И овој човек беше следбеник на Исус!“
57 Но Петар почна да одречува: „Жено! Јас не Го ни познавам!“ 58 По извесно време, еден друг човек го забележа, па и тој рече: „И ти си еден од нив!“ Но Петар му одговори: „Не сум, човеку!“ 59 Измина уште приближно еден час, кога некој пак тврдеше, велејќи: „Несомнено, и овој беше со Исус, а и Галилеец е!“ 60 Но Петар и овојпат одговори: „Не знам што зборуваш, човеку!“ Во истиот миг, додека Петар уште зборуваше, запеа петел. 61 Свртувајќи се, Господ Исус погледна во Петар. Тогаш Петар се сети на Господовите зборови, што порано му ги беше кажал: ,Пред да запеат петлите в зори, ти трипати ќе одречеш дека Ме познаваш!‘ 62 Тогаш Петар излезе оттаму и горко заплака.
Верските водачи Го судат Исуса
(Матеј 26:59-68; Марко 14:55-65; Јован 18:19-24) 63 Чуварите што го држеа Исуса, Му се подбиваа и Го удираа. 64 Му ги врзаа очите и Му говореа: „Погоди кој Те удри!“ 65 Му упатуваа и многу други навредливи зборови.
66 Кога се раздени, се состанаа народните старешини, свештеничките поглавари и вероучителите и Го изведоа Исуса пред еврејскиот Врховен совет[b]. 67 Тогаш Го прашаа: „Кажи ни, Ти ли си Месијата?“ Исус им одговори: „И да ви кажам, нема да Ми верувате! 68 И кога би ве прашал нешто, вие нема да Ми одговорите. 69 Но отсега Јас, Синот Човечки, ќе седам оддесно на Семоќниот Бог.“
70 А тие во еден глас Му рекоа: „Тогаш, значи, Ти тврдиш дека си Божјиот Син, зар не?“ Тој им одговори: „Да! Вие самите рековте дека Јас сум Тој“. 71 Тогаш, тие рекоа: „Зар ни треба поголем доказ од овој!? Самите чувме што рече!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest