New Testament in a Year
Жените во служба на Радосната вест
8 Потоа, Исус ги обиколуваше градовите и селата, проповедајќи ја Радосната вест за Божјото царство. 2 Во Негова придружба беа дванаесеттемина Негови ученици и извесен број жени што ги беше исцелил од демонски духови и од разни болести. Меѓу нив беа: Марија, наречена Магдалена[a], од која Исус истера седум демони; 3 Јоана - сопруга на Иродовиот висок службеник, Куза; потоа Сузана и многу други жени кои од своите лични средства ги помагаа Исуса и Неговите ученици.
Споредба со четирите видови почви
(Матеј 13:1-9; Марко 4:1-9) 4 Околу Исус се насобра многу народ. Кај Него дојдоа жители од сите градови. Тогаш Тој им ја раскажа следнава споредба:
5 „Еден сејач излезе да сее семе. Сеејќи така, дел од семето падна покрај патот, на тврда почва, каде што беше изгазено и исколвано од птиците. 6 Друг дел од семето падна на каменеста почва, но штом про’рти, веднаш се исуши, бидејќи во плитката почва немаше доволно влага. 7 Трет дел од семето падна меѓу трње. Кога пораснаа трњето - ги задушија стебленцата. 8 Конечно, дел од семето падна на плодна почва, изникна и донесе стократен плод.“ По ова, Исус гласно заклучи: „Ако имате уши, слушајте внимателно!“
Зошто преку споредби?
(Матеј 13:10-17; Марко 4:10-12) 9 Учениците Го прашаа Исуса за значењето на оваа споредба, 10 а Тој им рече: „Вам ви е дадено да ги запознаете тајните на Божјото царство, а на другите им се кажува преку споредби, за да гледаат, но да не видат, да слушаат, но да не разберат.“
Објаснување на четирите видови почви
(Матеј 13:18-23; Марко 4:13-20) 11 „А еве што значи споредбата: семето е Божјата порака. 12 Тврдата почва, покрај патот, ги претставува оние луѓе што ја слушаат пораката, но доаѓа Ѓаволот и ја одзема Божјата порака од нивните срца за да не поверуваат и да не се спасат. 13 Каменестата почва ги претставува луѓето што ја слушаат Божјата порака и со задоволство ја прифаќаат, но таа не се вкоренува во нив, па тие остануваат верници само за кратко. Штом ќе настапи време на неволи, тие отпаѓаат. 14 Трнливата почва ги претставува оние луѓе кои ја слушаат Божјата порака, но прекумерната световна грижа за овој живот како и занесот по збогатување и уживање ја задушуваат пораката во нив и тие не донесуваат зрели плодови. 15 Плодната почва ги претставува оние што ја слушаат пораката и ја одгледуваат во благородно и послушно срце и истрајуваат сe додека не донесат плод.“
Свеќа под капак
(Марко 4:21-25) 16 „Никој не пали свеќа за да ја стави под капак или под кревет, туку ја клава на свеќник, пред вратата, за да им свети на оние што влегуваат во куќата. 17 Зашто, сe она што се крие ќе излезе на виделина, секоја тајна ќе се дознае и ќе излезе пред јавноста. 18 Значи, посветете му внимание на ова што го слушате, зашто, на оној што има нешто, ќе му се додаде уште, а на оној што нема, ќе му се одземе и она што мисли дека го има!“
Кое Му е вистинско семејство на Исус?
(Матеј 12:46-50; Марко 3:31-35) 19 Кај Исус дојдоа мајка Му и Неговите браќа, но од големата толпа народ не можеа да дојдат до Него. 20 Некој Му јави на Исус: „Мајка ти и браќата Твои стојат надвор и сакаат да се видат со Тебе.“ 21 А Тој им одговори: „Мојата мајка и Моите браќа се оние што ја слушаат Божјата порака и ја исполнуваат.“
Исус смирува бура
(Матеј 8:23-27; Марко 4:35-41) 22 Еден ден Исус се качи на бротче, заедно со Своите ученици, на кои им рече: „Да преминеме на другата страна од езерово!“ И испловија. 23 Додека пловеа, Тој заспа. Одеднаш, езерото го зафати силна бура и бротчето беше во опасност да потоне, а нивните животи беа загрозени. 24 Учениците дојдоа кај Исус, Го разбудија, викајќи: „Господару! Господару! Гинеме!“ Исус се разбуди и им заповеда на ветрот и на разбрануваното езеро да се смират. Настапи длабока тишина. 25 Потоа им се обрати на учениците: „Каде ви е верата!?“ А тие, стаписани и зачудени си шепотеа еден на друг: „Кој е Овој човек, што и на ветровите и на брановите им наредува и тие Му се покоруваат!?“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest