New Testament in a Year
За развод на бракови
(Мт. 19:1-12; Лк. 16:18) 10 Потоа Исус замина од Кафарнаум и дојде на југ, во Јудеја, од источната страна на реката Јордан. Повторно многуброен народ се слеваше кон Него и Тој го поучуваше, како и обично. 2 Некои од фарисеите сакаа да Му постават замка, па дојдоа кај Него и Го прашаа: „Дозволено ли е мажот да се разведе од својата жена?“ 3 Исус ги праша: „Што вели Мојсеевиот Закон за тоа?“ 4 Тие одговорија: „Мојсеј дозволува да и се напише потврда за развод на жената и таа да се отпушти.“
5 Исус им рече: „Мојсеј ви го допушти тоа бидејќи сте со закоравени срца. 6 Во почетокот Бог создаде маж и жена. 7 При стапување во брак човекот се одвојува од својот татко и од својата мајка и се присоединува кон својата жена. 8 Тогаш двајцата стануваат едно тело. Значи, тие не се повеќе две тела, туку едно тело. 9 Никој не смее да ги раздружува оние што Бог ги здружил во брак.“
10 Кога се вратија во куќата, учениците повторно Го прашаа Исуса за тоа. 11 Тој им рече: „Тој што се разведува од својата жена и се оженува со друга, извршува прељуба против првата. 12 Така и жената што ќе се разведе од својот маж и ќе се омажи за друг, извршува прељуба.“
Исус ги благословува малите деца
(Мт. 19:13-15; Лк. 18:15-17) 13 Некои луѓе ги носеа своите деца кај Исус за да ги прегрне и да ги благослови. Учениците, пак, ги одвраќаа. 14 Кога Исус го забележа тоа, ги прекори учениците и им рече: „Пуштете ги децата да доаѓаат кај Мене! Не попречувајте им, зашто на таквите како нив им припаѓа Божјото царство! 15 Ве уверувам дека нема да влезете во Божјото царство, доколку не го прифатите со вера каква што имаат малите деца!“ 16 Потоа Исус ги гушна децата и ги благослови, положувајќи ги Своите раце врз нивните глави.
Богатството како пречка
(Мт. 19:16-30; Лк. 18:18-30) 17 Кога Исус излегуваше кон патот, Му притрча еден човек, клекна на колена и Го праша: „Добар Учителе! Што треба да правам за да се здобијам со вечен живот?“ 18 Исус му одговори: „Зошто Ме нарекуваш ,добар‘? Само Бог е добар! 19 Ги знаеш Божјите заповеди: Не убивај, не врши прељуби, не кради, не зборувај лаги за другите, не мами, почитувај ги мајка си и татка си ...“ 20 Човекот Му одговори: „Учителе! Кон сите овие заповеди се придржувам уште од детството!“ 21 Тогаш Исус милно го погледна и му рече: „Има уште едно нешто што треба да го направиш: оди, продај го сиот свој имот и раздели им ги парите на сиромасите, а ти ќе добиеш имот на небото. Потоа тргни по Мене и стани Мој следбеник.“ 22 Кога го чу ова, човекот си замина разочаран и тажен, бидејќи поседуваше голем имот.
Опасноста од богатствата
23 Исус погледна наоколу и им се обрати на Своите ученици: „Колку им е тешко на богатите да влезат во Божјото царство!“ 24 Учениците се изненадија од овие зборови, но Исус продолжи: „Чеда! Тешко се влегува во Божјото царство! 25 Полесно камила ќе се спровре низ иглени уши, отколку богат човек да влезе во Божјото царство!“ 26 Учениците уште повеќе се збунија, па почнаа да си шепотат еден на друг: „Тогаш, кој може да се спаси!?“ 27 Исус впечатливо ги погледна и им рече: „За луѓето е невозможно, но за Бог нема ништо невозможно!“
28 Петар Му рече: „Ете, ние оставивме сe и станавме Твои следбеници!“
29 Исус му одговори: „Ве уверувам дека секој што заради Мене и Евангелието оставил куќа, или браќа, или сестри, или мајка, или татко, или деца, или земја, 30 ќе биде награден. Веќе на овој свет, таквиот ќе добие стопати повеќе куќи, браќа, сестри, мајки, деца, земја ... иако ќе има и прогонства. А во идниот свет ќе има вечен живот. 31 Но мнозина кои сега се први, ќе бидат последни, а мнозина кои сега се последни, ќе бидат први.“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest