Print Page Options
Previous Prev Day Next DayNext

New Testament in a Year

Read the New Testament from start to finish, from Matthew to Revelation.
Duration: 365 days
Macedonian New Testament (MNT)
Version
Марко 6:1-29

Граѓаните на Назарет не Го сакаат Исуса

(Мт. 13:53-58; Лк. 4:16-30) Исус си замина оттаму и заедно со Своите ученици се врати во својот град[a]. Во саботата Тој отиде во синагогата да поучува. Многуброен народ занесно Го слушаше, прашувајќи се: „Од каде го знае сето ова? Од каде Му е оваа мудрост и моќ да прави чуда? Не ли е ова дрводелецот - синот на Марија, братот на Јаков, Јосиф, Јуда и Симон? Нели сестрите Негови и денес живеат меѓу нас!?“ Така, жителите на Назарет со сомневање гледаа на Исус[b].

Затоа Исус им рече: „Пророкот добива признание отсекаде, освен од својот град, од своите роднини и од своето семејство!“ Таму не можеше да направи многу чуда, освен што исцели неколку болни, допирајќи ги со Своите раце. Остана изненаден од нивната неверба.

Исус одеше по околните села и поучуваше.

Дванаесетте апостоли во мисија

(Мт. 10:5-15; Лк. 9:1-6) Потоа ги повика Дванаесетте апостоли и ги испрати по двајца, давајќи им моќ да изгонуваат демонски духови. Им ги даде следниве упатства: „Патувајте само со стап[c] во рацете. Не носете со себе ни храна, ни торба, ни пари. Носете сандали, но не и резервна облека. 10 Кога ќе ве прими некое семејство, останете кај него сe додека не си заминете од тој град. 11 Ако некое место не сака да ве прими и да ве слуша, одете си оттаму и истресете им го и правот од сандалите, како знак на осуда за нив.“

12 Тогаш апостолите заминаа и им проповедаа на луѓето да Му се вратат на Бог. 13 Изгонуваа многу демонски духови и исцелуваа голем број болни, премачкувајќи ги со маслиново масло[d].

Смртта на Јован Крстител

(Мт. 14:1-12; Лк. 9:7-9) 14 За Исус насекаде се зборуваше, така што и царот Ирод[e] слушна за Него. Се ширеше глас дека всушност Јован Крстител оживеал од мртвите и дека затоа преку Него дејствуваат чудотворни сили. 15 Други говореа дека Исус е пророкот Илија или некој друг од древните пророци. 16 Но самиот Ирод, откако слушна за Исус, рече: „Ова мора да е Јован Крстител! Јас му ја отсеков главата, а тој воскреснал!“

17 Имено, Ирод беше заповедал да го уапсат Јована и окован да го фрлат в затвор, сe заради Иродијада, жената на Филип, братот на Ирод, која Ирод ја беше зел за своја жена. 18 Јован постојано му зборуваше на Ирод: „Немаш право да ја присвојуваш жената на брат ти!“

19 Поради ова, Иродијада го беше намразила Јована и сакаше да го убие, но немаше погодна можност. 20 Ирод, пак, се плашеше од Јован и го заштитуваше, бидејќи знаеше дека тој е праведен и богопосветен човек. Иако Ирод често беше вознемирен[f] од она што го зборуваше Јован, сепак честопати и со задоволство го слушаше.

21 Но Иродијада начека погоден момент кога Ирод приреди свечен прием по повод својот роденден и ги покани своите високи службеници, воени старешини и видни личности од покраината Галилеја. 22 Тогаш влезе ќерката на Иродијада и танцуваше пред Ирод и неговите гости. Сите беа одушевени и Ирод и рече: „Ќе ти дадам сe што ќе посакаш! 23 Ти ветувам пред сите дека, ако посакаш и половина од моето царство, ќе ти го дадам!“

24 Таа излезе и ја праша мајка си: „Што да побарам?“ Советот на мајка и беше: „Барај ја главата на Јован Крстител!“ 25 Девојката брзајќи се врати кај Ирод и му рече: „Ја сакам главата на Јован Крстител на послужавник, и тоа веднаш!“

26 На царот му падна тешко, но не сакаше да си го прекрши ветувањето што го беше дал пред гостите. 27 Затоа тој веднаш го испрати џелатот да му ја донесе главата на Јован. 28 Овој отиде, му ја отсече главата на Јован во затворот и на послужавник и ја донесе на девојката, која и ја предаде на мајка си.

29 Кога учениците на Јован разбраа дека тој е погубен, го зедоа неговото тело и го погребаа.

Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest