New Testament in a Year
Исус ги критикува верските водачи
(Мк. 12:38-39; Лк. 11:43,46; 20:45-46) 23 Потоа Исус им се обрати на луѓето и на Своите ученици: 2 „Вероучителите и фарисеите се овластени да ве поучуваат од Мојсеевиот Закон. 3 Затоа, извршувајте го и слушајте го она што тие го проповедаат; но не угледувајте се на нив, бидејќи тие не го практикуваат тоа што го проповедаат. 4 Тие им товарат на луѓето тешки товари кои одвај можат да се носат, а самите ни со прст не помагаат. 5 Се што прават тие, го прават за да се покажат пред луѓето: со себе носат дебели молитвеници, си пришиваат долги реси на своите мантии, 6 ги сакаат почесните места на гозбите и челните места по храмовите[a]; 7 сакаат да бидат поздравувани на јавни места и нарекувани со почесни титули[b]. 8 А вие немојте да се нарекувате со почесни титули[c], бидејќи само Еден е Тој што заслужува почесна титула, а сите вие сте браќа. 9 И на никого на Земјава не обрнувајте му се со „Оче“, зашто имате само еден Отец, а тоа е Бог на небото. 10 Не треба да се нарекувате ни водачи, зашто имате само еден Водач, а тоа е Месијата[d]. 11 Најголемиот меѓу вас нека ви биде слуга, 12 зашто, кој се возвишува, ќе биде понижен, а кој се понизува, ќе биде возвишен.“
Осуда на свештеничкото лицемерство
13 „Тешко вам, вероучители и фарисеи[e], лицемери ниедни! Вие пред носот на луѓето им ги затворате вратите на небесното царство: ниту вие влегувате, ниту ги пуштате да влезат оние кои се обидуваат!
14 (Тешко вам, вероучители и фарисеи, лицемери ниедни! Вие ги искористувате вдовиците и ги ограбувате нивните домови, а потоа редите долги молитви! Затоа вие ќе бидете посурово казнети!)[f]
15 Тешко вам, вероучители и фарисеи, лицемери ниедни! Океани и земји обиколувате за да придобиете еден следбеник, а кога ќе го придобиете го претворате во син на пеколот, двапати полош од вас!
16 Тешко вам, слепи водачи, кои велите: ,Ако некој се заколне во Божјиот храм, тоа на ништо не го обврзува, но ако се заколне во црковното злато, тогаш, тоа го обврзува!‘ 17 Безумници и слепци ниедни! Што е поважно: златото или храмот што го прави златото да биде свето!? 18 И ова го велите: ,Ако некој се заколне во олтарот, тоа на ништо не го обврзува, а ако се заколне во жртвениот прилог на олтарот, тогаш, тоа го обврзува!‘ 19 Слепци ниедни! Што е поважно: жртвениот прилог на олтарот или олтарот што го прави прилогот да биде свет!? 20 Тој што се заколнува во олтарот, се заколнува во него и во се што е на него! 21 Тој што се заколнува во храмот, се заколнува во него и во Бога Кој е присутен во него! 22 Тој што се заколнува во небото, се заколнува во Божјиот престол и во Бога, Кој седи на него!
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest