Print Page Options
Previous Prev Day Next DayNext

New Testament in a Year

Read the New Testament from start to finish, from Matthew to Revelation.
Duration: 365 days
Macedonian New Testament (MNT)
Version
Матеј 18:1-20

Кој ќе биде најголем во небесното царство?

(Мк. 9:33-37; Лк. 9:46-48) 18 Во тоа време учениците дојдоа кај Исус и Го прашаа: „Кој од нас ќе биде најголем во небесното царство?“ Исус повика кај Себе едно детенце, го исправи пред нив и им рече: „Ве уверувам дека, доколку не се покаете и не станете како малите деца, нема ни да влезете во небесното царство! Најголем во небесното царство е оној што ќе се понизи и ќе биде како ова детенце. И кој ќе прими едно вакво детенце во Мое име, Мене ме прима.“

Опомена против наведување на невера

(Мк. 9:42-48; Лк. 17:1-2) „Ако некој биде причинител за отстапување[a] од верата во Мене на едно од овие најмаливе, подобро би му било да си стави воденички камен околу вратот и да се удави на дното од морето! Страшно е што на светот има причинители[b] поради кои луѓе отпаѓаат од верата. Навистина, такви секогаш има, но тешко си му на оној преку кого причините за невера доаѓаат!“

„Ако твојата рака или нога те наведува на грев - отсечи ја и фрли ја! Подобро е да влезеш во вечниот живот со една рака или со една нога, отколку со двете да завршиш во вечниот оган! Или, ако твоето око те наведува на грев - извади го и фрли го! Подобро е да влезеш во вечниот живот, макар и со едно око, отколку со две очи да бидеш фрлен во огнениот пекол!“

Споредба со загубената овца

(Лк. 15:3-7) 10 „Внимавајте да не потцените ниедно од овие најмалечкиве, зашто нивните ангели на небото се постојано со Мојот небесен Татко.“

11 (Зашто Синот Човечки дојде за да ги спаси оние што се загубени.)[c]

12 „Што мислите: ако некој има сто овци и една од нив се загуби, нема ли да ги остави деведесет и деветте и да појде по ридот да ја бара загубената? 13 Па кога ќе ја најде, сигурно ќе и се радува повеќе отколку на деведесет и деветте кои не се загубиле! 14 Така ни вашиот[d] небесен Татко не сака да се загуби ниедна душа, макар и од овие најмалечкиве.“

Ако ти згреши некој христијанин

(Лк. 17:3) 15 „Ако некој христијанин ти згреши, појди кај него и укажи му ја грешката насамо. Ако те послуша - повторно си го придобил како свој ближен[e]. 16 Ако не те послуша, појди кај него со уште еден или двајца сведоци, за да биде утврдена секоја изјава пред двајца или тројца сведоци[f]. 17 Ако тој и нив не ги послуша, тогаш изнеси ја целата работа пред црквата. Доколку тој и црквата не ја послуша, тогаш однесувај се спрема него како спрема неверник или како спрема собирач на данок[g].“

18 „Зашто, ве уверувам, дека, она што ќе го врзете на Земјата ќе остане врзано и на небесата, и она што ќе го разврзете на Земјата ќе биде разврзано и на небесата.

19 Исто така, ви го кажувам и ова: ако двајца од вас на Земјата сложно се молат за нешто, Мојот небесен Татко ќе им го исполни. 20 Зашто, каде што двајца или тројца ќе се здружат под Моето име, и Јас сум таму, меѓу нив.“

Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest