New Testament in a Year
Силната вера на една жена Хананејка
(Мк. 7:24-30) 21 Заминувајќи од Галилеја, Исус се повлече на север, во пределот на градовите Тир и Сидон. 22 Една жена, Хананејка, која живееше таму, дојде кај Него и наеднаш извика: „Имај милост спрема мене, Господе, Сине Давидов! Ќерка ми ја измачуваат демонски духови!“ 23 Но Исус воопшто не и одговори. Тогаш Му пријдоа Неговите ученици и Го молеа: „Исполни и ја молбата, да не вика по нас!“ 24 Но Исус им одговори: „Јас Сум пратен само кај Израелскиот народ, кај Божјите загубени овци“ 25 А жената Му пријде и паѓајќи ничкум пред Него, Му рече: „Господе, помогни ми!“ 26 Но Исус и одговори: „Не е право да се одземе лебот од децата и да им се фрли на кучињата!“ 27 Тогаш, таа одговори: „Така е, Господине; но и кучињата јадат од трошките што паѓаат од трпезата на нивните господари!“ 28 На ова, Исус и одговори: „Голема вера имаш ти, жено! Нека ти се исполни желбата!“ Во истиот миг нејзината ќерка беше исцелена.
Исус исцелува многу луѓе
29 Заминувајќи си оттаму, Исус се упати назад, кон брегот на Галилејското Езеро; таму се искачи на еден рид и седна. 30 Надојде голема толпа народ, водејќи со себе куци, сакати, слепи, глувонеми и многу други болни, кои Му ги положуваа пред нозе, и Тој ги исцелуваше. 31 Народот беше вчудовиден, гледајќи како неми прозборуваат, сакати оздравуваат, куци проодуваат и слепи прогледуваат. И Му оддаваа слава на Израеловиот Бог.
Исус чудотворно нахранува над 4.000 луѓе
(Мк. 8:1-10) 32 Потоа, Исус ги повика кај Себе Своите ученици, и им рече: „Жал ми е за луѓето, зашто веќе три дни се со Мене, а ништо не јале. Не би сакал да ги пуштам да си одат гладни, за да не изнемоштат по пат.“ 33 А Неговите ученици Го прашаа: “Каде ќе најдеме доволно храна за толку народ, овде, во пустинава?“ 34 Тој ги праша: „Колку леб имате?“ Тие Му рекоа: „Седум леба и неколку рипчиња.“
35 Тогаш Исус им заповеда на луѓето да испоседнат по земјата, 36 па ги зеде седумте леба и рибите, Му се заблагодари на Бог и ги раскрши. Потоа им ги подаваше на учениците, а тие му ги разделуваа на народот. 37 Сите јадеа и се наситија, а собраа и седум полни кошници со парчиња што преостанаа. 38 А луѓето што јадеа беа на број четири илјади машки глави, не сметајќи ги жените и децата.
39 Тогаш Исус го пушти народот да си оди, а Тој се качи на бротче и замина во пределот на Магадан[a].
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest