New Testament in a Year
Отфрлање на човечките обичаи и преданија
(Мк. 7:1-13) 15 Во тоа време од Ерусалим дојдоа кај Исус некои фарисеи и вероучители[a] и Го запрашаа: 2 „Зошто Твоите ученици не ги почитуваат нашите стари обичаи!? На пример, тие не го практикуваат ритуалното миење на рацете пред јадење!“ 3 А Исус им одговори: „А зошто вие, со вашите обичаи, ги кршите Божјите заповеди!? 4 На пример, Бог заповедал вака: ,Почитувај ги мајка си и татка си. Кој ќе проколне татко или мајка да се казни со смрт!‘ 5 А вие велите: ,Доволно е само некој да рече дека имотот што го има му го посветува на Бога, 6 и со тоа се ослободува од обврската да ги издржува своите родители!‘ На тој начин, со своите преданија вие ја укинавте Божјата заповед! 7 Лицемери! Имаше право Бог кога преку пророкот Исаија за вас напиша:
8 ,Овој народ со усните Ме почитува,
но срцето му е далеку од Мене!
9 Се залажуваат дека Ме почитуваат,
а всушност ги шират своите човечки обичаи
како да се Мои заповеди[b]!‘“
Што го опоганува човекот?
(Мк. 7:14-23) 10 Тогаш Исус го повика народот да Му се приближи и му рече: „ Слушајте и сфатете дека, 11 не го погани човекот храната што ја внесува преку устата, туку она што го зборува и што го прави.“
12 По ова Му пристапија Неговите ученици и Му рекоа: „Знаеш ли дека фарисеите се навредија од она што Ти го кажа?“ 13 А Исус им одговори: „Секоја садница што не е насадена од Мојот небесен Татко, ќе биде искоренета! 14 Оставете ги; тие се слепи водачи кои водат слепи луѓе; а кога слепец води слепец - обајцата ќе паднат во јама!“ 15 Петар проговори и праша: „Објасни ни што сакаше да кажеш со оваа споредба?“ 16 Тој им одговори: „Зар и вие уште не сфаќате!? 17 Не сфаќате ли дека се што се јаде преку устата минува низ стомакот и се исфрла надвор? 18 А зборовите што се изговараат низ устата и делата што излегуваат од срцето можат да го опоганат човекот. 19 Зашто, злите планови, убиствата, прељубите, блудствата, кражбите, лагите и пцостите произлегуваат од срцето на човекот. 20 Тие работи го поганат човекот, а не непочитувањето на ритуалното миење на рацете!“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest