New Testament in a Year
Смртта на Јован Крстител
(Мк. 6:14-29; Лк. 9:7-9) 14 Во тоа време, вестите за Исус допреа и до Ирод - царот[a] на покраината Галилеја, 2 кој им велеше на своите службеници: „Тоа мора да е Јован Крстител кој воскреснал од мртвите и затоа има моќ да прави вакви чуда!“ 3 Бидејќи Ирод го беше уапсил Јована, и во пранги го беше фрлил в затвор, за да и удоволи на Иродијада - жената на Филип, кој му беше брат на Ирод. 4 Јован постојано му велеше на Ирод: „Ти немаш право да ја присвојуваш жената на брат ти!“ 5 Ирод сакаше да го убие, но се плашеше од народот, зашто сите го сметаа Јован Крстител за пророк. 6 Но, на роденденот на Ирод, ќерката на Иродијада танцуваше пред сите и толку му угоди на Ирод, 7 што тој со заклетва и вети дека ќе и даде се што ќе побара. 8 По совет на мајка си, таа му рече: „Донеси ми ја овде, на послужавник, главата на Јован Крстител!“ 9 Царот зажали за своето ветување, но поради својата заклетва и поради гостите, тој заповеда желбата да и биде исполнета. 10 Испрати луѓе кои во затворот му ја отсекоа главата на Јован, 11 и ја донесоа на послужавник кај девојката, а таа ја однесе кај мајка си. 12 Потоа дојдоа Јовановите ученици, го зедоа неговото тело и го погребаа, а потоа Му јавија и на Исус.
Исус нахранува над 5.000 души
(Мк. 6:30-44; Лк. 9:10-17; Јвн. 6:1-14) 13 Кога Исус слушна за погубувањето на Јован Крстител, си замина оттаму со бротче и дојде насамо на едно пусто место. Но народот од градовите дозна за тоа и се упати пеш дотаму. 14 А Тој, излегувајќи од бротчето, виде голема толпа народ. Душата Му се исполни со сочувство и ги исцелуваше болните меѓу нив.
15 На квечерина кај Исус дојдоа Неговите ученици и Му рекоа: „Доцна е веќе, а местово е пусто. Пушти ги луѓето да се вратат по селата и да си купат храна!“
16 А Исус им рече:„Нема потреба да одат; дајте им вие нешто да јадат.“ 17 Тие Му одговорија: „Ние имаме овде само пет леба и две риби!“ 18 „Донесете ми ги!“ - им рече Исус. 19 Тогаш им рече на луѓето да поседнат по тревата, а Тој ги зеде петте леба и двете риби, и со поглед кон небото ги благослови и ги раскрши. Потоа им ги даде на учениците, а тие им ги разделија на луѓето. 20 Сите јадеа и се наситија, а собраа и дванаесет кошници полни со парчиња што преостанаа. 21 Тие што јадеа беа на број околу пет илјади мажи, а имаше и жени и деца.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest