New Testament in a Year
Дванаесетте апостоли
(Мк. 3:13-19; Лк. 6:12-16) 10 Исус ги повика Своите дванаесет ученици и им даде власт да истеруваат зли духови и да исцелуваат секаков вид болести и заболувања. 2 Ова се имињата на дванаесетте апостоли: прв е Симон - познат и како Петар - и брат му Андреј; потоа следуваат: Јаков - синот на Завдај, и брат му Јован; 3 Филип и Бартоломеј; Тома и собирачот на данок Матеј; Јаков - синот на Алфеј; Тадија, 4 хананеецот Симон, и Јуда Искариот, кој подоцна Го предаде Исуса.
Мисијата на дванаесеттемина
(Мк. 6:7-8; Лк. 9:1-6) 5 Исус ги испрати овие дванаесетмина и им ги даде следниве упатства: „Не одете кај нееврејските народи и не влегувајте во градови на Самарија, 6 туку, одете меѓу Израелците - Божјите загубени овци. 7 Одете и проповедајте им дека: ,небесното царство се приближува!‘ 8 Исцелувајте болни, враќајте во живот умрени, исчистувајте лепрозни, изгонувајте демони. Правете го тоа бесплатно, како што и вам таа моќ ви беше дадена бесплатно. 9 И не носете златни, сребрени или бакарни пари со себе; 10 ни торби, ни два пара облека, ни сандали, ни стап, зашто на тој што работи - ќе му ја дадат заслужената плата!
11 Кога ќе пристигнете во некој град или село, распрашајте се кој е побожен[a] и останете кај него до вашето заминување. 12 При влегувањето во таа куќа, благословете ги домаќините со мир. 13 И доколку тие бидат достојни, мирот навистина ќе им остане, а доколку не се покажат достојни, повлечете си го благословот за мир. 14 Таму каде што нема да ве примат и нема да ве слушаат, напуштете ја таа куќа или град и притоа истресете го и правот од вашите нозе. 15 Ве уверувам дека, на Судниот ден, полесно ќе им биде на градовите Содом и Гомора[b], отколку на тој град.“
Бидете подготвени за прогонства
(Мк. 13:9-13; Лк. 21:12-17) 16 „Еве, Јас ве испраќам вас како овци меѓу волци. Затоа, бидете мудри како змии, а во исто време и кротки како гулаби. 17 Пазете се, зашто ќе има луѓе кои ќе ве предаваат на судови и ќе ве камшикуваат по синагогите[c]. 18 Поради вашата вера во Мене, ќе бидете приведувани на сослушување пред управители и владетели; тоа ќе биде сведоштво за нив и за светот. 19 А кога ќе ве приведат на сослушување, не грижете се како и што ќе зборувате во своја одбрана; ќе ви бидат дадени вистинските зборови во вистинскиот час. 20 Зашто, преку вас ќе зборува Духот на вашиот небесен Татко, а не самите вие.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest