New Testament in a Year
За прељубата
27 „Познато ви е дека во Мојсеевиот Закон е заповедано:
,Не врши прељуба[a]!‘ 28 Јас, пак, ви велам дека секој што ќе погледне туѓа жена и во мислите ќе ја посака - во своето срце тој веќе извршил прељуба со неа! 29 Ако, на пример, твоето десно око те наведува на грев - извади го и фрли го; подобро е за тебе да загубиш еден орган, одошто целото тело да ти заврши во пеколот. 30 И ако, на пример, твојата десна рака те наведува на грев - отсечи ја и фрли ја; подобро е за тебе да загубиш еден орган, одошто целото тело да ти заврши во пеколот.“
За разводот
(Мт. 19:9; Мк. 10:11-12; Лк. 16:18) 31 „Во Мојсеевиот Закон беше заповедано и ова:
,Ако некој маж реши да се разведе од својата жена,
нека и даде потврда за развод[b]‘.
32 Јас, пак, ви велам: ,Секој што се разведува од својата жена - освен ако таа извршила прељуба - ја наведува на прељуба; и секој што стапува во брак со разведена жена - извршува прељуба.‘“
За заклетвата
(Иса. 66:1; Јак. 5:12; Пс. 48:2; Кол. 4:6) 33 „Познато ви е и тоа, дека во Мојсеевиот Закон на вашите предци им било заповедано вака: ,Не кршете ги своите заклетви; исполнувајте го тоа што сте го ветиле пред Господа!‘ 34 Јас, пак, ви велам: ,Не заколнувајте се воопшто: ни во небото, зашто тоа е Божји престол; 35 ни во Земјата, зашто таа е подножје на Неговите нозе; ни во Ерусалим, зашто тој град е на Великиот Цар; 36 ни во својата сопствена глава, зашто не можете да создадете ни едно црно или бело влакно; 37 кажете само ,Да‘ или ,Не‘; а секакво заколнување покрај ова е поттикнато од Злиот.‘“
За одмаздувањето
(Лк. 6:29-30; Рим. 12:7; 1Кор. 6:7; 1Пет. 3:9; 5Мојс. 15:8) 38 „Познато ви е дека во Мојсеевиот Закон било заповедано вака:
,Око за око, заб за заб[c].‘
39 Јас, пак, ви велам: ,Не возвраќајте им на оние што ви прават зло! Ако некој те удри по едниот образ, сврти му го и другиот. 40 Ако некој те тужи за да ти ја земе кошулата, дај му го и палтото. 41 Ако некој те присили да му ги носиш торбите еден километар, ти носи му ги два километри. 42 Кога некој ќе запроси нешто од тебе - дај му; и не одбивај човек што бара да позајми нешто од тебе.‘“
За непријателите
(Лк. 6:27-28, 32-36) 43 „Познато ви е дека во Мојсеевиот Закон било заповедано и ова:
,Сакај ги своите ближни, а мрази ги своите непријатели[d].‘
44 Јас, пак, ви велам: ,Покажувајте љубов и спрема своите непријатели и молете се за доброто на оние што ве прогонуваат; 45 на тој начин вие ќе се однесувате како деца на вашиот небесен Татко, чие сонце изгрева и за лошите и за добрите. Тој им испраќа дожд и на праведните и на неправедните. 46 Зашто, ако ги сакате само оние кои вас ве сакаат, тогаш, каква награда очекувате за тоа? Та, зар не го прават тоа и подмитливите собирачи на данок[e]!? 47 И ако сте љубезни само спрема своите ближни, тогаш, по што се разликувате од другите луѓе? Та, тоа го прават и паганите! 48 Вие треба да се однесувате совршено исто како што се однесува вашиот небесен Татко!‘“
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest